Веќе половина година на Трета македонска- 100, веднаш до Тутунски комбинат се наоѓа кафе- ресторанот „Виолина“ кој, проверено, има се што може да ве направи среќни, плус да ви ја разбуди носталгијата.
Нема шанси да ја промашите, уште оддалеку ќе ги видите транспарентните букви „Виолина“, една по една, во црвена, боја на радоста.
На самото влегување ве „пречекува“ огромна слика на девојка со виолина, задолжително застанувате и ја загледувате, импресивна е и во големина и во убавина. Само за селфи, си мислам… И уште не сте се соземале од тој впечаток, следниот ве упатува на голем простор со многу маси и околу 130 столици.
Внатре е пријатно, опремено со вкус и топли бои- кафеава, кремава…
Осветлувањето е романтично, триаголнести лустери како од пајажина даваат поинаква, скоро магична глетка. Слушнав за неколкуте запросувања што се случувале токму на овој простор, и гледајќи ги цвеќињата распоредени по масите, јасно ми е зошто судбинското „да“ се случувало токму тука…
Кога романтиката ја сметам како дијагноза за „емотивно нестабилните“, се сопнувам на прва (временска) кривина. Што да се рече, се изнаврна неделава, а кај што грми, таму и светка. Па и дождот нека не глуми наивност – тој е највиновен за сентиш теми, размислувања и слично.
Слушам „добре дојдовте“ од келнерот кој љубезно ме прашува како сум, со што би сакала да започнам и- за што сум расположена.
Хмм, речит келнер, ме радува новонастанатата состојба, зашто „детаљот“ наречен персонал најчесто е камен на сопнување по скопските ресторани.
Го земам менито и оп, гледам стих што ја оправдува декаденцијата, во која и да насока да се движи. Вели вака „Овде виолината љубов дава, овде виното во глава мава. Боемски живот ќе си имаме нај, на музиката ќе и нема крај. Ете така ќе ни минат дните, со музика и ноти за инает на сите….“ Веднаш имам насмевка а таа не се симнува и при разгледувањето на менито. Има се и сешто ама мене ме привлекува името виолина, што го наоѓам кај појадок, салатата, па виолина даска, колбас ама и плескавицата. Одлично.
Келнерот ме информира дека најбарана е плескавицата што го носи името на ресторанот и лепчињата „а ла виолина“ . Нарачувам без двоумење а чекањето го „убивам“ со грчка салата.
Иако е пространо, масите се на пристојна раздалеченост, столиците се лични и удобни а на еден дел, кафеавата боја му дава некаква смиреност. Стар часовник, мини винарија, столб на кој има гравирано ковано железо…Во меѓувреме персоналот ме информира за интересни работи од локалот- на пример за попустот од 50 %, за секој крај на седмицата. Во неделите.
Инаку, секое заоѓање на сонцето во овој локал значи ново патување – навечер има музички гости, а изборот е интересен и полово и генерациски…
Прво друштво на масата ми е класиката, наречена грчка салата. И колку што салатата е празник за око, особено чинијата ,толку е богата на вкус.
Залче по залче , ми летаат мислите, погледнувам во фб, ама по неколку зумирања за интерна употреба, овековечувам една мисла: понекогаш небото наоѓа причина да го милува морето…“ Ех, што ли сум повеќе, небото или морето, си думам и уживам во моментот. И колку да е убав мигот, неоптоварен од материјалното, толку ме израдува келнерот што ми ја направи масата уште побогата.
Се смешка плескавицата, ама во обликот е поинаква, не е тркалезна. Еј, супер, си велам и не додржувам, пробувам веднаш. Месото е првокласно, ме бендиса, сосема. Ама тоа не е се, примамливи ми се и лепчињата, поточно питарката, поделена на четири дела. Внатре е полнета со кашкавал, запечена и одозгора наросена со понекој лист на кашкавал.
Кога пробав, не се одвоив од неа, беше крцкава и се чуствуваше лукот во коричката. Потпишав капитулација, безкомпромисна.
И мирис и вкус и – се.
Ете така некако слушнав и виолина, во себе. (Вања Тодоровска)