6.8 C
Skopje
петок, јануари 31, 2025
spot_img

Ексклузивно од Каиро: Офелија Гаџеска- Садек: Корона на египетски начин

„Откако почна пандемијата на Коронавирус (COVID-19) во Египет, поточно во Каиро, првата работа што ја забележав е дека египќаните постојано ги мијат рацете, и тоа по сите прописи, и водат сметка за хигиената, што не им беше посилна страна- веднаш на почетокот ни кажа Офелија Гаџеска- Садек, која 25 години живее во Каиро.
И првпат, оваа интересна и силна жена, инаку зодијачки Овен, вели чувствува загриженост. Муабетот го правевме телефонски, „блиску а далеку“, констатирајќи дека вирусот ги избриша разликите помеѓу луѓето и во заедничка болка го зближи светот.


– Првата недела, како и секаде во светот и во Египет не се правеше многу паника. Младите излегуваа, нив ретко кој може да ги сопре, продавниците работеа, имаше раздвиженост… И секој тргнуваше од фактот дека тоа неможе нему да му се случи. Но, потоа нештата се сменија, почнаа „бомбардирања“ со бројки на заболени и починати, непријатни слики на сите страни, графикони за растењето и ширењето на пандемијата. Така се стопираа довчерашните вообичаени нешта- сега работаат само супермаркетите и аптеките, има се, сите продукти се на тезгите, затоа што Египет е огромна држава со 100 милиони жители…Често ме прашуваат за заштита, за маските: да, ги има и многу се ефтини. Патем, Египет беше првата држава која на Италија и прати маски, но тестирањата се скоро невозможни. За мојата фамилија, поради работата на сопругот, тоа ни е овозможено преку воздухопловната болница во Каиро, а таа услуга чини од 100-150 евра- раскажува Офелија.
Загриженоста кај луѓето е евидентна иако Каиро во своите недра крие се и сешто, особено што има 25 милиони жители, па, најсиромашните, сместени по течението на реката Нил сигурно и не знаат за пандемијата и се борат за гол живот. Така, корона на египетски начин би можела да гласи- сиромашните, за разлика од богатите, не ги почитуваат и не се придржуваат до забраните поврзани за смртоносниот вирус.


Офелија вели дека 80 % од населението преживува со нецели 5 евра дневно, тие имаат по 3-4 деца, па и да почувствуваат некои симптоми на вирусот, не одат на лекар, затоа што не можат да стигнат до него: 60 % не поседуваат автомобили, а одењето со мини- комбиња во актуелната состојба е ризично…
Единствен „спас“, барем според она што го зборуваат епидемиолозите е дека вирусот не може да ги издржи високите температури, а таму летото само што пристигна.
– Кај нас температурите почнаа да се качуваат и да се движат помеѓу 28-30 степени, летото почна и тоа влева надеж дека пандемијата нема да се рашири и немилосрдно да зема човечки животи. Но, и покрај температурите кои растат, сите базени и плажи се затворени. Вообичаено беше во периодот од април до ноември, токму поради жештините, преку ден да се седи дома, а навечер да се излегува. Ама поради забраната, сите навикнуваат на новата реалност: нема шетање. Па и спектакуларното отворање на Египетскиот музеј пред пирамидата во Гиза се префрли за 2021 година.
Полициските контроли се зачестени, и се зборува дека бројките поврзани со заболените и починатите се неточни: 1200 заразени а 88 починати! Египет е како Кина, никогаш не се кажуваат точните бројки, за да не се крева паника кај луѓето, ако речат 300, сигурно е двојно и сл…
Интересно е што за првпат во историјата на Египет Министер за здравство е жена, многу способна, ја нарекуваат жена -змеј, и таа многу одговорно и ревносно ја држи работата под контрола.
Како што раскажуваше нашата соговорничка, не треба да се заборави дека египќаните по природа се доста недисциплинирани луѓе, едноставно, немале предизвици од тој тип. Господ им ја дал реката Нил, ретко имале војни, првпат станале независни во 51 година, во времето на Мубарак, 30 години немале никаква несигурност, се до 2011 година, и сега се затечени од состојбата.
„Во од се носат многу одлуки- сите училишта, факултети, да не речам се затворија, туку направија распоред како ќе работаат. Но, во новиот Каиро, каде што јас живеам, се почитуваат одлуките што ги носи Владата…Новонастанатата состојба ја креира и телевизиската шема во Египет: 15 часа програмата е поврзана со коронавирусот, она што го дознавам е доколку се почуствуваат било какви симптоми, не треба да се оди во болница туку помош да се побара на телефон, кој секогаш е зафатен. И никој не знае да ги објасни првите пет чекори што треба да се превземат во случај на болест. Јас, сите потребни информации ги дознав од македонските телевизии.“


Инаку, се шири приказната дека во Египет уште во октомври постоел корона вирусот, затоа што многу луѓе имале висока температура, ама јавноста тоа го нарекла – свински грип. Но, сетоа тоа останува непроверено и непотврдено, иако бројките за смртноста постојано се присутни.
– Во милонските држави, за разлика од Западот животот на поединецот нема никаква цена и Исламот вели- ќе живееме колку што ни било пишано.“ Само минатата година наталитетот во Египет се зголемил за 2 милиона и 400 жители. Тука динамиката е поинаква – 10 посто луѓе живеат добро а остатокот е на маргини.
Но, постојат работи кои треба да се почитуваат: во арапските држави не кратат од личниот доход и се трудат колку што можат да го полнат државниот буџет. Велат, за јадење ќе има, војската држи се под контрола, што им дава сигурност на луѓето. Позитивно е што платите за март се исплатени, ништо не беше скратено или намалено, а во април почнува Рамазан, и месото е веќе складирано за празниците.
Најголемиот проблем сепак го имаат оние што работаат со дневни надници, ги има околу 50 посто: тие добиваат хуманитарни пакети а сметките се мали и не мора да се плаќаат.
Египќаните се многу драматични и луѓе полни со емпатија, но и со многу изразено чувство за хумор и сега социјалните мрежи ја доловуваат токму таа нивна карактеристика. Токму затоа многумина стравуваат за интернетот, кој и сега е многу слаб.
„Токму интернетот овозможува полесно да се помине изолацијата, здодевноста се убива со телефонски муабети. Ние четворицата семејно, секој на свој начин, се придржуваме на новонастанатата состојба. Сепак, многу ми фалат најблиските и пријателите од мојата Македонија, постојано сме во комуникација. Секаде е исто, и овој период треба херојски да се издржи. Сега животот се сведува на мали а големи нешта, вели Офелија, шеговито додавајќи дека машината за леб, што ја носеше од Скопје, најпосле најде примена.
Валентина Вања Тодоровска

претходна објава,
наредна објава

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена