Ели Пешева: Одмори што се паметат
Летото најчесто асоцира на патување, одмор, безгрижност, на сини утра, незаборавни зајдисонца, автентични звуци на природата… Годинава се е поинаку, а додека привикнуваме на „новата нормалност“, можеме да патуваме со мисли, потребно е само да нурнеме меѓу спомените, и, да- можеме да се сеќаваме.
Во тој контекст, еве што издвојува Ели Пешева.
„Како и сите други страствени патувачи, во овој период затворени во своите домови, дворови и држави, секое утринско појавување на сеќавањата постирани на социјалните мрежи на ист ден, во различни години, води кон мало жегнување во срцето.
Сепак, изненадувачки за мене, прескокнувањето на одморот оваа година не ми падна толку тешко колку што мислев дека ќе биде на почетокот од вонредната состојба. Веројатно и самиот факт што целиот свет е во речиси идентична ситуација, дека патувањата до најубавите дестинации се проблематични, дека вниманието кон мерките за заштита мора секогаш да биде на највисоко ниво, влијае човек потсвесно да си каже дека сите сме заедно во ова, и дека или ќе се патува како што треба, кога ќе може, или ќе се облечат костимите за капење и ќе се импровизира плажа во двор или на тераса.
Не сум под стрес дека испуштам нешто многу важно, туку со задоволство се потсетувам на неверојатните локации, кои сум имала среќа да ги доживеам, од секогаш феноменалните Шпанија, Италија, Франција, преку фасцинантните Балтички држави, Данска, Финска, Шведска, Естонија, до Русија, па потоа на најубавите плажина Санта Моника, Дубаи, па во нашата близина Турција и Грција.
Последното патување надвор од Македонија ни беше зимската Виена, пандемијата ми ги поништи резервациите за Куба и Португалија, но нема зошто да се тагува за работи кои се комплетно надвор од нашата контрола.
Да останеме живи и здрави, сигурна сум дека возбудата при резервирањето на ново патување, правењето план за посета на непознатите дестинации, ќе го неутрализира чувството на клаустофобија.
Овој период некако сосема ми ја смени перцепцијата и за тоа што сакам од следните дестинации и како да ги организирам тие патувања. Трчањето по светските центри, некако ми се изместува од зоната на интерес, и имам потреба од нешто комплетно различно, зен патување во Кјото на пример, истражување на Мачу Пикчу во Перу, враќање на Куба, Сината лагуна на Исланд, потрага по Аурелија Бореалис…Ова е одличен период да се направат детални истражувања на локациите, работите што треба да се видат, начинот на патување.
Членувам во една извонредна група на девојки и жени од целиот свет, и новите пријателства ми го наполнија планерот со фасцинантни податоци и локации, како и лични искуства и совети. Едвај чекам да ги проверам. Но, да се организираме и да го поминеме овој пандемичен предизвик заедно, светските убавини ќе бидат тука и следната година, безбедно и сигурно.
7дена.мк
Коментарите се затворени