Некогашниот член на „Браво бенд“, каде што беше бас гитарист и вокал, Живко Динев по напуштањето на бендот заплови во соло водите со неколку авторски песни. По дуетот со Миле Кузмановски и песната за родната Струмица, харизматичниот Жика направи еден поголем потфат преработувајќи и снимајќи видеоматеријал за 15 музички бисери, чии кавер верзии беа објавени испеани од него.
Карантинот и изолацијата популарниот Жика покрај бројните онлајн настапи на социјалните мрежи во живо, сега ги искористи и за да подготви нов материјал, поточно нова авторска песна, насловена „Око забрането“. Музиката на композицијата ја потпишува хармоникашот Дарко Илиевски, додека стиховите се на Борче Нечовски. Песната Жика и пријателите ја снимија уште пред почетокот на корона пандемијата, но за жал нејзината експанзија и мерките на забрана го спречија да го сними и веќе планираниот видеоспот за истата.