Зошто Италијаните, односно нивните јадења се љубени, ценети и трошени на сите делови од планетата? Ова го прашувам откако ги средив впечатоците, по одржувањето на светската недела на италијанска кујна во нашата престолнина.
Историски гледано, една од првите светски унификации потекнува токму од Апенинскиот Полуостров и нивната кујна, но комерцијализацијата се случи по Втората светска војна. Интензитетот остана ист, со години и децении.
Кој не ја сака италијанската кујна, шпагети и њоки, пици и пасти, џелато и тирамису, помидоре и лук, кој не ја љуби опојната миризба на босилек и маслиновото масло?
Кој не мисли дека животот е „комбинација на магија и паста“ како Фелини, тој не знае дека дека италијанскиот подобро се учи во кујна отколку на училиште и интересно за овој текст – дека вилушката најпрвин стана популарна во Италија, погодувате, поради вртењето на шпагетите.
Промоцијата на италијанската етно-гастрономска култура и традиција се случуваше на различни локации во Скопје, со што се потврди констатацијата дека „сите сме Италија“ а по ова искуство и почитување на правилото- помалку е повеќе, и во храната и во модата. Патем, колку убави луѓе видов за време на италијанските гастрономски денови.
Стартот беше во знак на гостувањето на светски познати готвачи од Институтот за Угостителство од Чиленто, „Ancel Keys“ од Италија, кои одржаа курс за професионални готвачи, студенти и ученици на тема „Италијанската кујна и боите на Медитеранот… “
Суштината на италијанското современо кулинарство е во неговата отвореност традицијата да ја издигне до самиот култ на чинија. Ова носи богатство на вкусови и специјалитети – секојдневни или за посебни прилики. Тоа значи и поделеноста на региони, посебни состојки и начин на приготвување – од север до југ, од копното кон морето, разновидност и незаборавни вкусови.
Понатаму (вторник) – се случуваше шоу- кукинг за љубителите на италијанската кујна, кога ги пробавме специјалитетите типични за Јужна Италија – бифтек, компири, моцарела, пекорино, ориз…
Во среда беше организирана Apericena- Aперивечера, аперитив на италијански начин: коктели со италијански finger food.
Класификацијата, или ако сакате локацијата „made in Italy“, и во модата и во кујната ги допираат врвовите. Италијанската cuisine е синоним на вкусот и традицијата, и таа мисија беше остварена на овонеделното гастропатување.
Еден ден беше резервиран и за тв едукација- придобивките од медитеранската исхрана за која зборуваше докторот и нутриционист
Александар Митов.
Претпоследена, петочна вечер имаше концепт да се вкуси областа Модена, преку дегустација на храна и вино од од тој региона .
Веќе следниот ден се организираше и курс по готвење на италијанската храна во Таверна Тоскана.
Во Сити мол се случуваше настанот „Низ улиците на Неапол“ (татковина на пицата) а „Спицикото“ беше отворен за „патување“ преку „Street food“ подготвен од италијанските професори по кулинарство од
Институтот за Угостителство од Чиленто, „Ancel Keys“.
Во секојдневната рутина на животот, трчање и хроничен стрес, италијанската гастрономска недела не потсети во што е магијата на храната.
Не само што зближува туку и разголува, кажува се, особено ако сте поборник на девизата – ти си она што го јадеш. И, згора на се, ако сте среќници со истенчено сетило за мирис и вкус, како дегустатори можете да ги осознаете сите мирудии во јадењата.
По ова „италијанско искуство“, потпишувам дека станува збор врвна кујна и весели и емотивни луѓе што го трошат животот како најголема награда, и да- зрачат со префинет стил и вкус.
Complimenti a tutti!
Валентина Вања Тодоровска