Збогување. Колегите и пријателите се простуваат од Драган Вучиќ
Веста за смртта на музичарот, водителот и шоуменот Драган Вучиќ ја растажи и растревожи јавноста, а колегите и пријателите се збогуваат со него преку социјалните мрежи. Топло, човечки, со многу емоции и сеќавања пишуваат Дарио, Ѓоко Хаџиевски, Цветанка Ласкова, Сузана Спасовска, Росана, Весна Гиновска Илкова, Сузана Турунџиева, Марјан Коцев и Бубе Јаневска.
Дарио Панковски
Почина Драган Вучиќ. Име и презиме, мој драг пријател, одличен музичар, автор на безвременски хитови, харизматичен водител и шоумен. Многумина го обожаваа, некои за жал го исмејуваа, но тој прв ја откри вистинската формула за тоа што всушност најшироката популација сака и им го нудеше тоа како вистински професионалец. Искрено се надевав дека засекогаш ќе не расположува со своите бескрајно шармантни и спонтани коментари, но не… Тој е за мене Драгче од мое старо маало, од Млин Балкан, со кој речиси секој втор ден се гледавме на кејот на Вардар на џогирање или пешачење. Сега, секој нареден ден на кеј ќе ми фали неговото: “Еј здраво Дарче, шо праиш, шо има ново?”, онака скопски.
Многу ми е жал, МНОГУ! Ангели нека те носат горе, твоето име нема никогаш да зајде. Почивај во мир ДРАГЧЕ, друже мој.
Ѓоко Хаџиевски
Почивај во мир Драгче. 40 години заедно нашите две фамилии се една ……Утрово веста ме стресе, не очекував дека ова зло ќе удри по тебе, шок.
Како ќе биде без тебе, ќе се турка, но никогаш повеќе нема да е исто како порано. Сите наши успеси ги прославуваме заедно ….Победите мои и победите твои – „Свирете ја зајди зајди“ во Штип и победата на Мартин на Евровизија …Нема твоја емисија во која не сум бил твој гостин.
Нема да те заборавам ….. е фраза, ти заслужуваш другарска љубов додека сум жив . Ти благодарам за секоја минута помината со тебе.
Цветанка Ласкова
Драганче мој, не оставаш скршени од болка. Нека ти е светол патот до другар ти, таму некаде во височините.
Бубе Јаневска
Те зборуваа, те озборуваа…
Но, никогаш не знаеа каков човек си, каква големина се крие во тебе, каков искрен пријател си, каква личност си…Ме шокираше, пријателе
Широко ти небо, Драгче
Сузана Турунџиева
Неизмерна е загубата кога некој, кој е во своите најдобри години починува, башка создал ненадминливи музички и авторски дела… Драгане, нека ти е вечна слава и благодарам за песните кои ни ги остави… Денес, сонцето зајде за твоето семејство, а ангелите те носат високо во небесниот бескрај…
Весна Гиновска Илкова
„Свирете ја Зајди, зајди“ беше негова песна. Стана евергрин.
Така и ти драг мој пријателе Драган ќе останеш засекогаш во моите спомени.
Беше столб и поддршка за многу луѓе.
Нека ти е лесна земја, и сочувство на семејството.
Сузана Спасовска
Неверојатно и многу тажно… Нашиот колега и пријател Дракче си замина. Беше насмеан човек со ведар дух и секогаш спремен да направи добрина.
Сочувство до семејството Вучиќ и Бог да им даде сила за понатаму со најубав спомен за него. Нека почива во мир! Слава му!
Росана Сариќ- Тодоровска
Неможам да поверувам …Тој беше професионалец, беше уметник…Тој беше пред се човек и пријател. …Некои не го сакаа, некои го сакаа ..За жал тие што го озборуваа едноставно не го познаваа …Секогаш со позитивна енергија и своја, нему својствена харизма…Денес навистина жалам…Останува поминато време и мигови на прекрасните дружења и прекрасна соработка …
Почивај во мир пријателе
Марјан Коцев
Некаде пред крајот на ‘94-та год, во едно случајно разминување во МРТВ, ми пријде и ми вели:
– Коцев здраво, јас сум Драган Вучиќ, имам песна за тебе, за Фолк Фестивал Цветници 95. Сакам да ја чуеш, верувам, ќе ти се допадне и ќе биде голем хит… А јас заедно со мојот брат Николчо се погледнавме и му рековме- да ја слушнеме и ќе видиме што понатаму.
„Солзи нека пресушат“ освои дури три награди.
Фала ти за песната, за сета наша соработка и за се она што направи за македонската музика.
Коментарите се затворени