Златен нектар. Ништо послатко од мед
Кој би рекол дека нешто толку слатко може да биде толку здраво? Медот ја има привилегијата што името му се спомнува во најдобрите и најубавите контексти поврзани со човекот. Па и „мед и млеко“ се синоними што ги врзуваме за хармонија, леснотија, удобен живот… Во грчката митологија медот се сметал за храна на боговите, а неговите консументи добивале примамливи епитети што ја допирале и темата – бесмртност.
Овој златен нектар, сеедно во каква комбинација се користи (цимет, ѓумбир..) има доминантен и поврзувачки вкус, а Хипократ ја величал неговата лековитост поради зацелувањето на раните. Медот се спомнува и во класиката, но многу често го има во мрсните вицови поради прочуена „јуначка“ комбинација со оревите…
Откако знам за себе, јас другарувам со медот, особено во комбинација со леб и путер, со медот подобро се расте, а богами и се старее. За секоја возраст има по нешто драгоцено.
Некогаш медот беше платежно средство, а со оглед на цената и денеска може да се користи за таа намена. Јадете сладок мед за да ја намалите горчината на животот!
Медот е една од ретките работи што никогаш не се расипуваат, не треба да се јаде со метална лажица поради реакцијата на органски киселини и метал, а на над 40 Целзиусови степени – ги губи лековитите својства… Медот е вистинска потпора за здравјето и имунитетот, разубавува и да не ви се верува – помага во диетите. Нема холестерол и масти, а оптимистичките прогнози велат дека во текот на ноќта медот дејствува како гориво што ги согорува мастите… Значи, со медот и се слабее.
Дај му на човекот едно лажиче мед – си го нахранил за еден ден, подари му тегла – си го нахранил за една недела, а научи го да пчелари – си го нахранил за цел живот.
А што да се каже за пчелите?
Велат, пчелите доаѓаат од рајот и се нарекуваат помошнички на Господ, имаат совршена меморија за време и простор и можат да разликуваат повеќе од 120 различни миризби.
Тоа се вистински вредници: за килограм мед мора да соберат и преработат нектар од најмалку три милиони цветови… Всушност каков мед ќе одберете, зависи од тоа каде „паселе“ пчелите. Поради тоа и разликуваме монофлорен (од едно растение, на пример багремовиот мед) и полифлорен мед (од повеќе видови растенија, како што е ливадскиот мед).
Медот содржи воден раствор, 40 отсто фруктоза, 35 гликоза и 5 отсто сахароза. Внимавајте – првокласниот мед содржи 18,5 отсто вода.
Количината на минералните материи во медот варираат во зависност од видот, а најмногу ги има во шумскиот.
Во медот се содржани и микроелементи: ензими, аминокиселини, шеќери…, со еден збор сите потребни елементи што на човечкиот организам му овозможуваат широк спектар на дејствување. Списокот е долг, но вреди да се потсетиме.
Медот е извор на енергија за работа на срцето и на целиот организам – помага при правилна исхрана на срцевите мускули, крвните садови и на целокупниот крвоносен и нервен систем, го регулира крвниот притисок, преку нормалното работење на срцето ја подобрува крвната слика. Ја зголемува одбранбената способност на организмот, го засилува имунолошкиот систем…
Интересно е што 700 грама мед одговараат на 200 грама месо или на 400 грама млеко. Медот содржи околу 70-75 разни хранливи и лековити материи. Но, кај нас не е сe` така розово и оптимистично.
Имајќи го предвид енормно високиот квалитет на исправно произведениот мед што служи и како храна и како лек, честопати на пазарот се продава мед кој не ги задоволува нормите на комплетната храна. Токму затоа вреди да се искористи манифестацијата „Денови на македонскиот мед“, бидејќи на едно место можат да се најдат најквалитетните видови од ова подрачје.
Коментарите се затворени