Сите го викаат Зоки бејбе, а како Зоран Ристевски е евидентиран единствено во официјални документи. Тој е урбан херој, во првична најточната смисла, лик кој му даваа енергија на градот, сурфер по асфалтот, ведар, насмеан и спокојно вљубен во животот. Зоки бејбе е креатор на клупската сцена, со музика како мерка на среќа – како што велеше баба му, легнува и станува- со песна, како најсреќен човек на светот.
Лонгборд, слобода, летање, музика… Што уште, за да се опишеш ти и твојот свет?
– Музиката е мојата душа. Ја прашав еднаш, како многу мал, баба ми: Кој е најсреќен човек на светот? Таа без трошка размислување ми одговори :Тој што со песна станува и со песна заспива.
Тоа сум јас, се друго е релативно и менливо, ова не е.
Која е разликата помеѓу лонгборд и скејтбор? И што се случува со него – рекреација, вратоломија или сурфање без бранови? Патем, како започна љубов со твојата „даска“?
– Лонгбордот е рекреација и забава, јас со него сурфам по градот и постојано запознавам нови интересни млади луѓе. Ме одмара од се, и е моја огромна радост. Неможеш да мислиш на проблеми дур возиш лонгборд. Бидејќи, лесно може да се претвориш во птица, полеташ и – треснеш… Среќен сум што испровоцирав многу млади луѓе да купат лонгборд и тој да им стане превозно средство. Скопје е град за велосипеди, скироли, лонгборди, тротинети… Имаме огромен број на топли и пријатни денови за возење.
Ти си еден од симболите на Скопје : полн со живот, љубезен, среќен… Пред некој ден слушнав две девојки, по се изгледа студентки, зборуваа вака – Го видов Зоки бејбе, ќе имам среќа.“ Како да те поистоветуваат со детелинка со четири листа. ..
– Природна мисија, како диџеј, ми е на подиум да ги доведам до екстатична среќа. Јас едноставно и да не сум познат, на било кој начин, ќе бев човек кој позитивно делува на околината. Не дека немам мрачни моменти, секако ги имам, и тогаш, пред се ја почитувам интимата. Мислам дека е се до менталитетот на кој сме многу „горди“, со сите брутално невоспитани работи кои ги сметаме за – балканска крв. Е па, јас немам балкански менталитет, имам само балканска страст а тоа е нуклеарка.
Низ визурата на Скопје – кога и каде ни е најубав градот?
– Кога Скопје е разденето и излегуваш од клуб, после добра журка. Првите сончеви зраци на испотеното лице и тело прекршено од „шизење”…И, свежиот воздух и новото ведро небо, кое секогаш ти се чини како да е најубаво, баш тогаш. Магија е и кога сум на лонгборд, на зајдисонце во јуни и септември, на патеката на Вардар.
Работиш она што го сакаш, што значи- не работиш, уживаш и вистински среќник си. Која е таргет групата која те следи на сетови? Што пушташ? И, каде се најдобрите журки?
– Да се биде еден од креаторите на клупската сцена, од самите почетоци, сеедно како диџеј или како радио и тв водител, после многу години носи одговорност, квалитетот да не спласне во ниту еден сегмент.
Тоа пред се значи да се биде доследен на квалитетот затоа што младата публика мора да се едуцира. Ние сеуште кршиме бариери и храбриме дека може да се живее од талент и од љубов кон уметноста. Да се живее од занает, буквално.
Реално, мојот живот е хард-кор-панк, немаш никаква сигурност а и финансиски е – да паднеш во несвест. Но, спокојот е повеќе од магичен елексир на младоста. Каде и да стапнам, јас сум гостин и уметник кој е дојден да направи журка за паметење…
Вања Тодоровска