Ивана Кнез е заштитен знак на слободата, неконвенционална е, нетривијална и најмалку од се` здодевна. Дизајнерка со раскошен спирит, која од бренд гердан направи бренд од себе, во сите свои животни фази… Пред вас е интервјуто кое гарант ќе го препрочитувате во моменти кога ќе ви снема енергија, и кое на подолг период ќе ви смести убава насмевка на лицето.
Особен сензибилитет, сила, енергија, автентичност, лик и зборови што се паметат. И уште- контроверзна дизајнерка со остар јазик, или- без влакно на јазик, ама како што гледам- и без влакна по тело… Која е Ивана зад сето ова?
– На сето ова додади и тежок индивидуалец и ја добиваш Ивана Кнез. Е сега има тука уште, ја има Иве како што ме викаше татко ми покоен, една комплетно фрагилна, емотивна, деликатна, осетлива девојка што сонува за семејство со пет деца, верува во љубов што трае зазасекогаш, иако не е верник си ја почитува традицијата и потеклото и најважен и е мирот во домот. Сади кактуси и цвеќиња во слободно време, не се плаши да се нафати на било каква работа низ дома, обожува да истражува нови култури, љубопитна е постојано, надминува стравови секој ден и го посветува животот на ширење позитивна енергија секаде каде што е.
Знаеш, немав типично детство: бев и ќерка на мајка и син на тато, па така од ловење риби на Вардар се префрлав во правење на торти од кал. Свесноста ја имам од прв здив веројатно, а како ми помина животот, со се што квалитетно иживеав, се доведов до сосотојба на совршен баланс на мажот и жената во мене, па така не се плашам да зборувам за секс на глас, не ми тешко да пренесам количка со песок а попатно да имам црвен маникир и огромни нокти, единствено мислење кое го валидирам за мене е од луѓето што ги сакам, единствен совет кој го прифаќам е само од некој што постигнал повеќе од мене, и живеам во абсолутна вистина, со сите последици на таа моја одлука. Вежбам трпение на луѓе кои воопшто го немаат, не очекувам од никого ништо, и верувам во човечката страна на луѓето, онаа приказната дека секогаш доброто го победува злото.
И покрај целото ментално „разгибавање“ со кое постојано изненадуваш, имам чувство дека твојата ВИП ложа си – самата ти, откако ги тргна сите бариери, тотално се разголе, се исклеса и се засака. Сигурност со која зрачиш делува како магнет врз луѓето, и ја потврдува тезата дека- само љубовта ни е потребна. Како одеше процесот на самоосознавање?
– Уф, мислам дека треба да се воведе предмет уште во основно училиште, како да се запознаеш и засакаш себе си. Современите постулати на модерниве општества не отргнаа од себе спознавањето, сите светски религии изманипулираа маси на луѓе со лажни идеологии „man made“ и во моментов се наоѓаме во една точка на вриење во светов каде на прв план е престиж и положба, а во комплетно спореден план е вистинска вредност на едно битие… Си ги мериме со Гучи каиши и капиталистички брендови создадени за перење на мозоци.
Мојата вредност во очите на другите е во тоа колку имам заработено, дали имам стан во центар и каква кола возам, колку сум слаба или дебела во даден момент на општествен ренген, со кого имам сексуални односи и зошто го правам тоа и толку. Понатаму никој не го интересира која сум јас всушност. Од дете ме влече Исток, првата љубов ми се гејшите од Јапан, без да знам зошто толку магнетно ме влече таа естетика. Препишував на визуелизација се додека не истражив подлабоко. Имав можност да ја запознаам Кина одблиску и тие постулати на семејни вредности и традиции ме изместија од колосек, Западов не научи дека се што лета се јаде, а Истокот те учи дека се започнува од тебе.
Целиот твој живот е во твои раце и под твоја контрола, секоја твоја одлука со сите последици од истата е само и единствено твоја. Не постои судбина или- така ти е пишано, тоа е оправдување ниска форма на интелигенција кога не се во состојба да се соочат со дадена ситуација.
Стравот од смрт не доведе до стадиум на живи мртовци, животариме без да дегустираме. Стравот од тоа што ќе кажат за тебе те бута во тотален делириум и те носи на места кои ја трујат душата, губиш од личниот идентитет, заостануваш во развој. Јас престанав да се плашам од пајаци кога животот ми стави пиштол на чело, почнав да живеам откако 45 секунди имав клиничка смрт. Но со самото тоа себе си се сврстувам во простодушна маса, зошто мораше да ми се случи екстремен живот за да научам дека едно изгрејсонце поминато во рацете на твојата љубов е се она што на тебе ти треба.
Зошто дозволивме да не изманипулираат дека на секој од нас му треба се и многу, кога вистината е дека се имаме во нас самите, и дека ако тргнеш од себе, од љубов кон сопственото битие, ќе ти биде природно да сакаш, нема да познаваш омраза, нема да имаш потреба да повредуваш… Современиот образовен западен систем не ни даде база, прскаме парфеми на небањати тела. Од тебе е, до тебе е, во тебе е и почетокот и крајот.
Зборовите носат енергија, ја препознаваш ли солидарноста од другите жени?
-Апсолутно, не постои битие на светов на кое му е сеедно или неважно освен на луѓе со клинички психози или роботи. На крајот од денот се одлучив да ја соголам душата пред сите жени на светов, подготвена дека голем дел и ќе ме распнат поради тоа, само со цел заедница, поддршка една кон друга, и не мислам на лажен наметнат феминизам, никако, дури ми е и одбивен веќе тој термин колку се злоупотреби. Важна е енергијата која ја споделуваме една со друга, жените се матицата на светот, во нас расте и се развива нов живот. Но, не без мажот, да не ја заборавиме ниту пак потцениме нивната важност во целава приказна. Имав тука јас жени во моево секојдневие последниве години што и тоа како изиграа улога во мојов раст и развој, ќе ги спомнам девојките од Бјутибокс Коко, кои и тоа како ми помогнаа во процесот на себе заљубување.
Што е посекси – кога си облечена или „гола“ и каде би ја сместила таа внатрешна декаденција?
– Најубавите работи во животот се случуваат додека сме голи. Сексуалноста не е гардероба или силиконски гради, сексипилот е тоа што зрачи од тебе, насмевката која ја носиш, задоволството од сопственото битие, тоа што не ти е важно колку целулит имаш и не му даваш на значај додека имаш односи со некој, туку уживаш во процесот на дегустација на партнерот. Свесна сум колку е тешко со жена како мене, свесна сум колку бодам очи, но си ја знам сопствената вредност и знам колку можам да дадам, колку сакам позитивна промена и колку и тоа како знам да наведнам глава и да побарам извинување кога ќе згрешам. И затворена во црн фустан од глава до пети јас ќе зрачам, немам контрола над тоа, ниту пак сакам да го изгасам тој жар.
Твоите креации, твојата „Драма“ исто така доживува трансформации: беше претпознатлива по спојувањата на иднината и- иднината, со понекои детали од сегашноста…, а како што минува времето ги „освестуваш“ жените да им е удобно во својата кожа. Парчиња облека што даваат сила, како гума за спасување насред загадената вода.
– Јас сум како моден феникс, горам до пепел и се враќам назад уште поубава и уште посилна. Мојата Драма згасна, заедно со старата Ивана и стариот начин на живот. Сега сум фокусирана на моето битие, на Lovecats, на причината поради која вистински почнав а тоа е универзалната љубов и позитивна енергија.
Мојот бренд е оружје за масовно ширење на љубов, моите парчиња се дел од мене, нема лага во таа приказна, без разлика на формата на манифестација. Едно време се замарав како права балканка, кој прв почна, кој кого копира, и единствено нешто што не можам себе си да си простам е изгубеното време на глупости.
Во овој момент комплетно не ме интересира ниту конкуренција, ниту кој прв почна а кој заврши, ниту тренд ниту мода. Се е тоа измислено од политички системи, се со цел развој на масовен конзумеризам. Јас можам против тоа со една поинаква цел, важно ми е жената да се сака себе си- кога го носи моето парче, важно ми е дел од моите финансии да одат во добротворни цели, важно ми е секоја боја која ќе ја одберете да ја облечете, да носи цела една карактерна приказна.
Кога ќе се погледнеш во огледало, со мое парче на тебе, сакам да знаеш дека си убава, дека совршенството е во секоја од нас, дека денов треба да го поминеш со насмевка, дека си спасила некое животно од улица со тоа што си го одбрала мојот бренд за почеток, а понатаму и многу повеќе.
Во контекстот на женската приказна, за да се дојде до најважното- задоволство со себеси, најавуваше и природна козметика. Докаде си со таа убавина?
– До никаде, целата таа идеја е на стенд- бај, од проста причина што на 1.1.2020 јас одлучив да не се расплинувам повеќе. Фокусот овој пат ми е многу конкретен и додека не постигнам некои први зацртани цели, нема да се раздавам на сите страни. Ќе се случи и таа линија на козметика, но во точен момент со точно осмислен план и со јака тимска позадина, немам веќе простор во мојот живот за принаправени работи.
Што беше предизвик, што те инспирираше во креирањето на новата колекција костуми за капење на Сара фешн?
– Не очекував пандемија, можеби поинаку ќе ги играв да можев да предвидам. Знам дека тргнав од точка на слободата на женското тело, дивата страна на секој од нас, со сите грешки, недостатоци и несовршености. Во бои на земја на почеток, на основа и во симпатични детали кои ја прават целината комплетна. Знам дека ние ќе уживаме на наш начин во истите, еве веќе јас првите мои ги облеков за на тераса!
Дали се учат одважноста, лидерството и луцидноста? Си помислила ли да отвориш- ако не „училиште“ барем курс, за девојките да излезат од тривијалноста на виртуелниот свет, да зајакнат и без лајкови…И да знаат да носат црвен кармин, без предрасуди.
– Не знам дали ќе ми веруваш минатава недела добив предлог за тоа. Се е воспитување, таа одважност е карактерна навика која некој ти ја покажал како и кога треба да се применува. Мојата мајка, иако на почетокот на својата младост работеше во погон, секогаш беше со крената глава, нов сошиен костим, црвен кармин и црвени нокти и високи подпетици. Детето го имитира тоа што го гледа, ова е мој апел до сите млади мами, дајте му го на своето дете она кое вие го немате. Само така ќе го научите да биде подобар човек. Балансирано и дозирано научете го детето на се а потоа оставете го каде и како ќе продолжи понатаму. Еве на мојата мадам по дома се уште и е личен неуспех што јас уживам да јадам со раце и ги плукам семките од лубеницата во двор, а таа до ден денешен користи нож и вилушка за пица. Таа ми покажа како треба, а јас одбрав да бидам необрусен селанец на дадени теми.
А вие млади девојки, поготово вие помладите, во моментов сте во една позиција на душевно раздавање, без уживање и без вкус и мирис. И извинете за се што погрешивме и не ви ниту кажавме ниту покажавме како треба, извинете што дозволивме да праќате голи слики од вашите тела за да го добиете неговото внимание, извинете што не ви кажавме дека ако не се омажиш или родиш не значи дека не вредиш, извинете што цел живот ве учиме како да живеете со затворени очи, извинете што не ве научивме да уживате во животов, да се облекувате за себе и сликата во огледалото, да бидете се што ќе посакате, од пејачка до нанотехнолог или авијатичар. Јас ви се извинувам во името на сите, што ви ги сечеме крилата уште пред да почнат да растат и што не ве научивме дека карактерот е поважен од телото, дека соголување не е голотија, дека сексот е за двете страни, дека можеш да имаш се што ќе посакаш за себе ама и дека проклето не е лесно тоа да го добиеш.
Како кокетираш и дали заведувањето треба да се вежба?
– Погледувам и мој е хахаха. Јас не се плашам од пораз мила моја, едно „не“ не значи крај на светот. Ама баш заради тоа до сега сум го имала секој оној што го посакав, заради таа моја бестрашност. И заради свесноста дека имам голем нос, вишок килограми, целулит, итн. итн. итн, ама просто и едноставно го обожавам моето тело со сите туѓо наметнати недостатоци. И не барам совршенство кај партнерот, немам прототип на маж, не можам да ти опишам каков маж сакам. Паѓам на хемиски реакции, на поглед, на допир, на машки раце и пред се на насмевка. Тоа што треба да се вежба е односот кон самата себе, колку ти се сакаш себе си, каде си ментално и колку си подготвена да го промениш тоа што не ти се допаѓа, тоа што не сакаш да го прифатиш.
Што најмногу има во твојот плакар?
– Ништо, два пара фармерки, две црни ролки, три бели кошули и над 300 пара штикли, што ќе ги донирам, убав чипкан веш и парфем. Го променив тој mindset кај мене, не собирам гардероба, не ме возбудува идејата за плакар од соништата, тоа се продукти, не се емоции, ниту пак спомени. Сакам убава гардероба која моожам да си ја направам но не ја задржувам, постојано подарувам или донирам не се врзувам за работи. А сега учам и како да не се врзувам и за луѓе.
Модата е сегмент што го дефинира стилот, а стилот е најмногу од се, начин на животот. Во тој контекст- кои жени би истакнала?
– Не постои мода, постои костим. Тоа што ти денес ќе го облечеш кажува се за тебе, од каде си, како се чувствуваш, колкави примања имаш, која е твојата моментална состојба. Па така соодветно би било да ја издвојам Фрида Кало, Елса Перети, Бјанка Џегер и се разбира мајка ми, од неа почна се.
Бидејќи си апсолутен газда на својот живот, без хипотека врз него, што во твојот случај значи среќа?
-Апсолутна слобода на умот и мир.
Валентина Вања Тодоровска