Илина Ведран, инспирациски говорник и тренер за личен развој: Кога прифаќаме, тогаш допираме до бесконечниот потенцијал каде е веќе сè решено и постигнато
Од Илина Ведран, нашиот познат инспирациски говорник и тренер за личен развој, секогаш може да се чуе нешто ново, големо и моќно што не враќа до она што навистина сме. Токму затоа разговорите со Ведран се инспиративни, и „кревааат“, зборовите и се како природен лифтинг за душата, и токму од овој текст можете да одберете многу мотивациски пораки. Читајте и најдете се себеси.
Се раѓаме среќни, љубопитни, позитивни…Што станува со нас во меѓувреме, наместо да е радост, животот станува напорен, неизвесен, на моменти-тежок? Каде луѓето најчесто грешат? И што значи живеење- сега и тука?
– Кога ќе дојдеме на овој свет ние сме изворни и автентични. Секое дете е со отворено срце. Не постои депресивно или незадоволно бебе кое суди и критикува, но она што се случува покасно е условувањето од околината.
Кога сме биле деца, она што сме го прифатиле како начин на опстанок во овој свет е да имаме постигнувања на кои се базира нашата вредност. Ретко или пак воопшто родителите на своите деца им кажуваат – „Те сакам бидејќи постоиш“. Нашата вистинска природа е ПОСТОЕЊЕ, тоа значи дека со самото тоа што веќе постоиме ние сме вредни и исполнети. Тоа е нашата изворност. Она што ни го наметнува околината е дека е потребно прво нешто да направиме, за да можеме да бидеме и имаме, што е сосема спротивно од вистината. Ние веќе СМЕ и веќе ИМАМЕ, тоа е вистината. Одвојувањето од себе, кое се наоѓа во сегашниот миг и влегувањето во животот низ времето, каде постои само иднината и минато е почетокот на човечкото страдање. Поради таа условеност, ние забораваме на себе и целиот свој живот се обидуваме да направиме нешто кое ќе може да ги задоволи другите, а на крајот кога ќе ја постигнеме целта, повторно чувствуваме недостаток.Тој недостаток сме самите ние.
Дали егото ни е пријател или непријател?
– Егото е дел од нашата човечка конституција, ако го гледаме како непријател тогаш не го гледаме ние, туку егото си се гледа самото себе. Природата на егото е постојана потрага по непријатели. Ако не сме разбудени, тогаш егото ќе раководи со нашиот живот. Егото го претставува нашето „мало јас“, преку кое сме одвоени од се и светот го гледаме како опасно место за живеење, бидејќи позади егото постои страв. Најголемиот страв е стравот од смртта, кој е и страв на егото, бидејќи ако се разбудиме, на егото му прети крај или смрт.
Егото ја создава идентификацијата со мислите, поради тоа ние веруваме во негативните мисли и мислиме дека сме тоа ние. Ако го ставите фокусот на гласот во вашата глава, ќе видите дека изгледа како некој да ви се обраќа а вие го слушате или пак кога размислувате секогаш постои, „Јас“. Тоа е таа идентификација со малото јас, со мислите.
Луѓето се плашат од сопствените мисли, бидејќи се идентификувани со нив и бидејќи не се свесни за својата вистинска природа. Дали сме ние мислите кои ги мислиме? Ако е така, каде се тие мисли додека спиеме? Мислите се умот, а егото ја создава идентификацијата со умот.
Токму поради тоа се случува се што се случува во светот, бидејќи сме изолирано од тоа што навистина сме. Тоа е исто како небото и облаците, ние сме небото, а мислите се облаците кои доаѓаат и си одат. Ние имаме избор дали ќе тргнеме по некоја мисла и ќе создадеме ментална приказна или пак само ќе бидеме сведок дека таа мисла поминува низ нашиот ум.
Егото има механизми со кои не држи заглавени во тој идентитет на “несреќно Јас“. Сите тие идентитети се само мисла и ништо повеќе.
Колку е важно да се соочиме со стравот а не да го пикаме -под тепих? Најчесто е тоа нереална слика на нештата кои и не се случуваат. Ама, како да му се покажат заби на стравот?
– Стравот е само телесна сензација која воопшто не е опасна. Реалниот страв е нешто друго, тоа е претпазливост, овде зборуваме за психолошки страв кој опстанува поради создавање на приказни за нешто што не постои. Кога се плашиме, ако го ставиме фокусот на мислите ќе видиме дека сите мисли се насочени кон иднината, она што нас не плаши не е непознатото, туку идентификацијата со минатото. Ние се плашиме бидејќи живееме во минатото и врз база на тоа ја гледаме иднината.
Секогаш умот се врзува за црните сценарија од минатото и она што создава страв е да не се повтори она што веќе сме го доживеале, бидејќи позади тоа постои болка во нашето срце. Тоа е страдање и денеска светот живее на тој начин, иако навидум многу луѓе не изгледаат така, длабоко во себе го носат тоа.
Кога на болката ќе доадеме ментална приказна тогаш таа станува нашата сенка. Ако го погледнеме она кое не боли, ќе видиме дека на таа болка постои ментална приказна која е креирана врз база на тоа дали нешто „требало“ или “ не требало да се случи“. Секој пат кога имаме став кој се базира на победник или поразен или добро и лошо, ние сме веќе во тој психолошки страв кој се бори да не го изгуби „доброто“ поради „лошото“.
Од друга страна, ако одлучиме да се соочиме со стравот, со сензацијата во нашето тело, без менталната приказна, тогаш ќе видиме дека страв не постои.Тоа е само блокирана енергија која бара начин како да се изрази. Истата таа енергија е љубов, која поради нашите блокади се манифестира како емоциите кои ги нарекуваме негативни. Сите тие емоции се љубов во искривен облик.
Забележав нешто интересно, како „паѓаме“ без причина. На пример, од нигде никаде, ќе се појави некој, ќе не праша или испровоцира, и стануваме тажни? Слабост ли е тоа, или немоќ откако ќе се препознаат „токсични“ персони?
– Луѓето кои ќе не испровоцираат се најчесто нашите поштари или помагачи за излез од несвесното. Кога тргнуваме по патот на себеспознавањето, провокацијата од надворешниот свет е вистински благослов, токму тие луѓе се нашите спасители, бидејќи ни покажуваат каде сме се заглавиле. Не постои нешто што е надвор од нас, се сме ние и се е во нас и истото се однесува и од другите кон нас.
Како што почнуваме да се чувствуваме себеси, така ќе почнеме да ги чувствуваме и другите. Често тие луѓе ги нарекуваат емпати, но не оние кои емпатизираат со туѓите проблеми, туку оние кои можат да ја почувствуваат болката на другите и пред тие да бидат свесни за неа. Тоа се случува кога ќе дојдеме до СЕБЕ, тогаш гледаме дека нема ништо надвор од нас, дека се е ЕДНО.
Кога другите ги дефинираме како токсични без способност да го видиме она кое се наоѓа позади таа токсичност, тоа значи дека и ние сме токсични на некој начин. Кога сме на својот вистински идентитет, онаа автенитчна изворност, тогаш ќе знаеме дека секој човек позади она што го изразува е светлина која заборавила на себе.
Веселите, оптимистични луѓе се секогаш омилени и сакани. Тоа значи- вооружи се со насмевка, па и ако е наместена, со тек на време ќе стане природна?
– За мене позитивност значи способност да ја прифатиш својата негативност. Некогаш не можеме да бидеме насмеани, тоа се оние моменти во животот кога одиме горе- долу и тоа се случува на дневна база. Ако го прифатиме животот и сите свои внатрешни состојби во потполност такви какви што се, тогаш ќе бидеме слободни. Ако се трудиме постојано да бидеме насмени, иако не се чувствуваме така, тогаш сме далеку од себе. Некогаш песимистично гледаме на животот, некогаш не се чувствуваме среќни, но она што не задржува во тие состојби е борбата со нив. Тоа значи само дека не сме свесни за својата вистинска природа и дека својот идентитет го градиме врз тоа дали сме среќни или несреќни. Оптимизмот е одлична особина, која може да ни помогне во прифаќањето на доброто и лошото, како што ги нарекуваме. Вистината е дека не постои добро и лошо, постои само развој и плодови. Токму поради тоа поважен е неуспехот од успехот, бидејќи од неуспехот можеш да доживееш трансформација која ќе те одведе до најголемиот успех, до самиот себе. Кога ќе се разбудиш од халуцинацијата во која живее светот, ќе видиш дека се што му припаѓа на овој свет ти припаѓа и тебе, недостатокот е создаден за да можеме да бидеме контролирани, ништо не е издвоено, тоа е само излузија. Тогаш нема да мораме да глумиме лажна среќа, бидејќи нема да ни биде потребно ништо, а ќе имаме се.
За крај- како свесниот човек го почнува и го завршува денот? Велат, секогаш имаш повеќе одошто ти недостасува. Во благодарноста ли е клучот?
– Денеска многу луѓе зборуваат за благодарноста, пишуваат благодарности, но ако вистински длабоко не ја чувствуваме се она што мислиме и пишуваме, нема да има никаков ефект. Благодарноста доаѓа спонтано, не мора да се присилуваме да бидеме благодарни. Доволно е само да го прифатиме секој ден и секој момент од денот таков каков што е, без да имаме било какви замерки и жалење затоа што нешто во овој момент би сакале да имаме, но го немаме. Тоа покажува дека внатре постои страдање, бидејќи го негираме моментот таков каков што е, а со тоа го негираме Изворот или креацијата која не создала. Се е тоа живот низ времето. Ако го тргнеме отпорот кон животот и тоа што ни го дава во секој момент и ако во потполност го прифатиме, ние сме веќе благодарни. Кога сме во состојба на прифаќање, тогаш допираме до бесконечниот потенцијал каде се е веќе решено и постигнато. Тоа е она што го кажавме на почетокот : БИДЕШ-ИМАШ-ДОБИЕШ.
Враќање кон тоа што сме, животот во сегашниот миг.
Валентина Вања Тодоровска
Коментарите се затворени