фото насловна: Стефан Рајхл
За првпат во Скопје, автентичен и екцентричен, Божо Вреќо, артист со ангелски глас во кој тагата живее низ премолчен крик, на 23 февруари, во Македонската опера и балет а во организација на Авалон продукција, ќе одржи концерт.
Тоа беше повод за денешната средба на музичарот со новинарите, и секој од нас создаде слика за овој oсобен уметник. Накусо: кревок во снагата а моќен во гласот, но и во многуте животни одлуки што ги донесуваше во, несекогаш среќни времиња. Плус: начитан, раскошен во изразот и многу благ во карактерот, тоа е Божо Вреќо, надвор од сцената.
Дека сте автентичен, свој, не се криете во традиционални рамки, носите најубави свилени фустани кои наликуваат на дервишки одежди а сепак кријат женски сексапил…Како го поминавте тој „родов“ пат во традиционалната средина, особено во Вашата родна Фоча, Ве плашат ли луѓето сега, односно- можат ли да заболат коментарите понекогаш?
-Не. Јас сум секаде оваков, и низ Осло и низ Сараево. Во Босна шетам со фустани и не сум слушнал нешто непријатно… Знаете зошто? Затоа што не се плашам, и не бегам од никого. Тоа е исто како средба со диви ѕверки-ако им бегате, ќе ве бркаат и ќе ве растргнат… Но, не беше секогаш така. Многу ме повредуваа, така растев, со болка и плачење, но на време сфатив дека треба да стегнам заби и да бидам силен…И, еве ме сега, пред вас- исполнет сум, слободен, можам да летам, а криљата што ми беа потсечени, веќе имаат нови пердуви.
Верувам дека Вашата дуалност, сестраност и подготвеност, како што велите- трапспарентно да кажете дека сте и маж и жена, инспирирала и ослободила многумина?
-Кога би знаеле какви се писма добивам и што се ми кажуваат луѓето… Прекрасни работи за кои сум инспирирал – да излезат од врската каде робувале и се губеле себеси почитувајќи ја конзервативната средина и „дека така треба“, за да се сочува презимето, ја напуштале работата што не ги усреќувала и почнувале нешто сосема ново… Кога го враќам филмот, си велам, ова навистина сум јас- од најзатворена во себе провинција, се исправив, не се криев, затоа што во секој од нас постои тој дуалитет а, имав и голема подршка од мајка ми. За еден празник, таа купи фустанчиња за моите сестри, ама и еден за мене.
А сега, кога сте успешен и остварен, кога трњата ги заменивте со рози, колку е горда мајка ви? Ги посетува ли вашите концерти, Ве прати ли на турнеи?
-Ах, кога ќе ја видам мајка ми како и светкаат очите, си велам, ова е голема среќа, голема. Првпат кога дојде на мојот концерт, мајка ми гледаше низ прсти, плашејќи се дека ќе паднам од високите штикли. Потоа се опушти, па ги гледаше луѓето околу, како реагираат и беше изненадена што многумина плачат… Кога влезе кај мене во гардероба, се тресеше целата раскажувајќи со колку емоциии публиката реагирала на моето пеење. Мојата мајка е мојата муза, и затоа кога ќе видам дека ја усреќив, навистина- летам.
Колку духовноста, спиритуалноста Ви помогна во патувањето наречено животот? Ви ги олесни ли духовноста паѓањата, станувавте ли побргу и, дали искреноста ја сместивте во некои предвидливи рамки?
– Да, на почетокот не знаев дека не треба да се кажува баш се, и не на секого. Бев отворен и сосема слободен, но, гребнатинките што ги добив ме научија да бидам претпазлив. Се бавам со духовноста, работам на себеси. И многу медитирам, и тоа не затворен во соба, туку на огромни аеродроми, преполни со турканици, луѓе…
Може ли секој да пее севдалинка, или е потребно да доживее некоја болка, животот да му земе некого, за да така низ песната, срцето пропее низ солзи? Муабетот ми беше- може ли тагата да се одглуми а ексцентричен имиџ да стане синоним на модерниот севдах?
-Севдах, севдалинка не треба да боли, туку да ослободи, да ја исплачете сета насобрана тага, и да ги раширите криљата. Јас пеам како што срцето ми зборува, кај мене е се лесно бидејќи е искрено, и сигурен сум дека тагата не е работа што може да се глуми. И тоа луѓето го чувствуваат. После концерти ми доаѓаат велејќи дека грутката што ја имале во гради- веќе ја нема. Одлетала со моите песни.
Со мојот севдах успеавме да излеземе од кафеана и од предвидливиот начин на облекување и пеење. Јас инсистирам на единственоста на машкиот и женскиот дел на себе си, на храброста да ја покажам својата слабост но и сила и способноста ништо да не потиснувам и затоа- широко се насмевнувам.
Со оглед на тоа колку сте и посветени на музиката, на севдахот, Вие како да сте женети со него?
-Да, и во среќен брак сме, аххахха. Всушност, мене музиката ме спаси, ме насочи на важните работи, на моите тежненија, барања. Да, музиката е причина за моето секојдневно дишење, причина за моето постоење, мојата најголема љубов и прекрасно е што тоа го дознав навреме.
Како магистер на археологија, каде ја најдовте нитката што спојува со музиката?
– Целиот материјал за моите песни и археолошки се собира и анализира, сето тоа кажува за минатото и за луѓето од тоа некое далечно време. Кога работев на археолошкиот локалитет на Крит, напишав нови стихови, ете археологијата ми помага за некои поинакви звуци и стихови и моето изразување низ личното искуство.
Патеписецот Зуко Џухмур има запишано дека вие Босанците имате еден збор, кој кога ќе се каже, заменува иљадници убави глаголења. Во кој контекст би го ставиле?
-Зборот е рахатлук (локум н.з.), и навистина, кога тој ќе се напише или каже некаде, се е кажано. Затоа така и ќе завршам: мојот севдах е мојот рахатлук.
Валентина Вања Тодоровска