Интересни рецепти со јапонско јаболко
Коцки со лимон
Потребно е: 1 филџан исечкано јапонско јаболко, масло, мускатно оревче, малку сода бикарбона, 2 филџана брашно, мелено каранфилче, 1 јајце, малку сол, 100 гр суво грозје, 100гр шеќер, лажичка цимет, 100гр ореви. За глазура од лимон: 100гр шеќер и две лажици сок од лимон.
Измешајте го јапонското јаболко со сода бикарбона и оставете го настрана. Во поголем сад внимателно измешајте го јајцето, додадете шеќер и масло а потоа, брашно, мускатно оревче, каранфилче, сол и шеќер. Вмешајте го какито со сода бикарбона, суво грозје и ореви. Рамномерно поставете во подмачкан сад и печете околу 25 минути. Оставете да се излади и полијте со проварена глазура од лимон.
Брускети со козјо сирење и јапонско јаболко
Исечете постар леб на парчиња и посипете го со маслиново масло. Врз него ставете парчиња козјо сирење, па парчиња јапонско јаболко. Запечете во рерна загреана на 200 степени околу 10-15 минути се` додека сирењето не се стопи.
Колач со јапонско јаболко
Потребно е: 3 јајца, 200 г шеќер, 100 мл масло, 100 мл млеко, 250 г брашно, 1 прашок за печиво, 3-4 јапонски јаболка.
Се матат јајцата со шеќерот, потоа се додаваат млекото и маслото и убаво се меша. Потоа го додаваме брашното во кое сме го измешале печивото. Се меша се` додека не се изедначи смесата, а потоа се додаваат испасираните јапонски јаболка. Се пече во загреана рерна на 200 степени, а кога ќе добие боја, се намалува на 150 степени. Испечениот колач се наросува со шеќер во прав.
Палачинки со јапонско јаболко
Потребно е (за филот): 6 јапонски јаболка, 3/4 чаша шеќер, 2 каранфилчиња, 1 стапче цимет, 1 лимон, 2 лажици пченкарно брашно, маскарпоне сирење.
Палачинките се прават на стандарден начин.
Излупете ги јапонските јаболка и исечкајте ги на ленти, а потоа ставете ги да се варат во подлабока тава заедно со шеќерот, каранфилчињата, циметот и лимонот околу 20 минути, се` додека не омекнат. Потоа додадете го пченкарното брашно и варете уште 5 до 10 минути, па тргнете го компотот од огнот. Испечете ги палачинките, а потоа филувајте ги така што ќе додадете лажица маскарпоне сирење, кое ќе го полиете со компот од јапонски јаболка.
Мафини
Потребно е: 2 јапонски јаболка, 3 јајца, 60 г шеќер, 50 мл масло, 150 мл млеко, 250 г брашно, 1 прашок за печиво, 1 ванила, 50 мл сок од портокал, 1 лажица рендана кора од портокал, малку сол и 1 лажица какао.
Јајцата и шеќерот се матат, а потоа се додаваат сите преостанати состојки. Смесата се меша и се распоредува во претходно поставените кошнички за мафини. Се печат на 180 степени околу 15 минути.
Фото-Pixabay
Коментарите се затворени