Ице Беличев : Пишувам она што ми го вели срцето
„Сокриен во мислите дури талкав низ спомените, молњата ми го пресече патот. Им свртев грб на мислите, вчаскум ги спакував спомените за да ја слушам дождовната симфонија…“, пишува во „Дождовна симфонија“ Ице Беличев. Како и кај другите поети и нему поезијата му е најверна друшка, безусловна љубов која постојано тлее помеѓу мислите и зборовите.
Пишување како обид да нурнеш во себе, да се сретнат кажаните и сокриените зборови, да се роди убавината…Велат, не се создаваат големи дела додека не закркорат цревата, додека срцето не лелекне празно како пустина…Како и зошто пишуваш поезија?
– Уште на самиот почеток ќе кажам дека ни еден стих, а камо ли цела песна, не се создава туку – така, без инспирација, без чувства, без да те натера нешто одвнатре, бидејќи стиховите произлегуваат кога срцето ќе посака, а не разумот. За да се создаде една поетска творба, не е потребно време, туку вистински момент.
Првите поетски обиди ги имам направено уште од моја најрана возраст, меѓутоа со текот на времето мојата поезија како да созреваше и растеше заедно со мене, таа е да не речам мојата голема љубов, мојот најверен соговорник или издувен вентил, а пишувам тогаш кога ќе почувствувам дека треба нешто да напишам, кога некој стих ќе крикне во дното на душата, бидејќи онаа што го создавам не сакам да има квантитет, туку квалитет.
Многу копнеж и носталгија во твоето творештво, ама и многу ново- стари зборови, како можност да се потсетиме колку ни е богат јазикот.
– Копнежот и носталгијата се речиси неодминливи чувства кај голем број поети, ако и јас би можел така да се наречам и свесен сум за тоа дека тие ми се постојаната нишка низ моите стихови, но пак ќе кажам тоа е тоа што тече од изворот, тоа го вели срцето, а и сметам дека токму тоа ја прави мојата поезија едноставна и достапна за читателот. Се согласувам дека неологизмите и архаизмите се често застапени низ моите стихови, но преку нив ја гледаме убавината на нашиот јазик, колку ни е богат јазикот, а пред сѐ со нив постигнуваме впечатливост, тие едноставно се како украс во повеќето мои песни. Со еден збор, се обидувам да си го негувам мајчиниот јазик.
Бидејќи предаваш македонски јазик, а знам дека си омилен, со какви знаења ги опремуваш учениците? Мислам, надвор од училишниот план. Патем, колку новите генерации читаат?
– Како наставник по македонски јазик и литература, денес и не е толку лесно да се работи, барем во областа на литературата, бидејќи учениците сѐ помалку читаат било какви книжевни дела, зборувам и за поезија и за проза, сето тоа сметам дека го овозможува масовното користење на социјалните мрежи. Но сепак вложувам голем напор, преку најразлични современи техники и методи да им ја доближам материјата на учениците и да ги натерам да ја засакаат литературата. Иако читањето не е на некое си високо ниво, сепак сум задоволен што можам да „произведам“ добри рецитатори, млади поети, одлични актери, зад што стојат голем број награди и признанија, во секој случај воннаставните активности се мојот предизвик и поттик да чекорам напред.
Имаш неколку песни, стихови кои целината ја добиле со музиката а последната победи на фолк-фест Валандово? Како оди тој процес?
– Освен стихови објавени во одредени списанија, во мојата стихозбирка, голем број конкурси, имам напишано неколку текстови за музика, што искрено за мене тоа е голем предизвик и успех, а ќе откријам и дека тоа е моја дамнешна желба. Иако процесот на создавање поезија и песна за музика, не е исти, тоа е можеби малку помакотрпна работа, има сличности, не велам, не, но сепак е различно да се пишува, а за мене тоа е предизвик истовремено и возбуда.Годинава се случи, на Фолк фест Валандово, да победи песна со мој текст, песната носи наслов „Горда мајка“ во изведба на Благица Калева, за која музиката ја направи познатиот естраден уметник, Горан Тодоровски, а аранжманот е на Дејан Миленковски. Ова го сметам за голем успех и едно скалило погоре, што значи ќе го продолжам патот кој го започнав, што значи ќе имаме можност да чуеме и други мои текстови.
Секоја уметност, вклучитечно книжевност бара љубов кон себе си, да не стоиш на една точка, туку да се извишуваш угоре и да длабиш удолу…Колку ти е близок Ице, поетот?
– За сѐ што работиш, неминовна е љубовта, за да се постигне резултат, секако. Секоја уметност бара љубов, не само книжевноста, бидејќи уметноста е всушност одраз на човечката креативност. Угорници и удолници минуваат сите уметници, тоа е факт, но истовремено и поттик, да се надминат одредени препреки. Поетот може да биде секогаш околу нас, може да биде постојано со нас, потребна е само желба, а дали и колку ни е близок, зависи од двете страни, колку неговите стихови успеваат да навлезат во порите на читателот, но лично јас ја чувствувам близината на поетите на свој начин, но не мора да значи дека тоа секогаш е така, има моменти кога поетот ти изгледа многу далечен, но секогаш правам обид да му се приближам.
Вања Тодоровска