И годинава, на 29-тото издание на „Охрид фест“, во Интернационалната вечер ќе ги видиме и слушнеме популарните Владо Калембер и Срѓан Марјановиќ, на кои овој фестивал „им влезе под кожа“. Еве што велат тие:
– Јас не сум фестивалски човек, но Охрид е нешто друго- вели Калембер. „Секако големо влијание за моето доаѓање има мојот долгогодишен пријател Григор Копров, ама и сите спомени што со години ги создавам кај вас. Ме радува и убавиот прием кај публиката, љубезноста, луѓето… За некој ден се гледаме во шармантниот Охрид!
Кантавторот од Србија, Срѓан Марјановиќ, за разлика од Калембер ги сака фестивалите а заедничка им е љубовта кон Охрид.
– Да, навистина ги сакам фестивалите а „Охрид фест“ има посебен шарм поради езерото и самиот град. Потоа, мојата сопруга по потекло беше од Охрид, служев војска во Битола… Многу работи ме врзуваат за вашата земја, и се радувам секогаш кога ќе го го повторам дружењето.“
На повторната средба се радуваме и ние. Се гледаме на „Охрид фест“ на 2 и 3 септември!