Сузе Турунџиева својот огромен креативен потенцијал овој пат го има насочено на каменчиња: тоа се среќни, убави, облечени камења што зрачат љубов, да не можете да се изнаситите од глетката. Мене ме потсетуваат на безгрижност: се сеќавам дека кога како студентка, враќајки се од Јадран, задолжително купував камен-морнар. Со време направив цела „флота екипаж“, што ме развеселуваше.
Хероина на овој текст со цртање на камен започна од чиста љубопитност и желба да игра со боите- на поинаков начин од порано а првите 2 камчиња беа нарачки од нејзините, тогаш мали ќеркички со кои заедно собираа камчиња по плажите на Егејот…
– Оваа, 2022 година е за мене тешка година, во која некои мои блиски луѓе се борат да ја победат најопаката болест на денешницата а јас нема каде не ги насочив моите молитви за нив, па дури и на камењата (кои ги цртам), за кои мислев дека немаат душа, раскажува Сузе. – Порано мислев дека камен си е камен. Така, спонтано почнав пред 1 година да собирам камчиња од сите земји каде имав можност да пропатувам и да ги обединувам камчињата од повеќе мориња во една композиција. Патем, ми дојде интересно и да ги анализирам и проучувам камењата, нивната структура, форма, мекост, па дури и влажност. Научив многу за нив. Најидеални за цртање се островските камења, кои се совршено чисти и мазни. Но уште поголем предизвик ми се несовршените (и по форма и по структура) камења на кои сум особено горда затоа што со многу трпение и љубов, понекогаш ми успева да направам одличен цртеж.“
Инаку, во подготовката, додека дојдат камењата на нејзиното работно биро има поприлично многу работа а богами и знаење. Ако Сузе ги собрала камчињата од некој остров или од морски брег, тогаш сликањето може да започне, подготвени се. Но, ако станува збор за планински, речни, градски, селски.., камења, тие бараат посебна процедура за чистење, отстранување на сите наслаги и нечистотии.
– Какви и да се, на сите камчиња, додека ги мијам и класифицирам, им се извинувам затоа што ги зедов со себе, ги разделив од средината во која биле, најмногу на морските, затоа што ги разделив од морето. Додека ги мијам, сушам и класифицирам, во себе си кажувам молитва со желба за успешно обликување и разубавување на каменот, кој дотогаш бил само еден обичен камен.
Мојата желба е тие обични камења да ги претворам во уникатни предмети на кои луѓето ќе им се радуваат и восхитуваат. За жал, јас не можам да им дадам живот на камењата, но се трудам да ги разубавувам, облагородувам и да им дадам душа.
Пријателите на Сузе, знаејќи за оваа страст, често и носат камења од различни плажи и мориња, а таа педантно ги селектира по големина, боја и во секое време им го знае коренот: кој нацртан камен е од Егејска, Јонско, Средоземно море, или пак од убавата Радожда. Има и неколку нацртани камења од Бекирлија и Дорфулија, донесени од дворот на Атиџе. Во последните недели, најголем предизвик и се семејните дрва, персонализираните подароци и новогодишните декорации кои ги прави по желба на нарачателите.
– Во камењата, сите овие месеци успеав да го преработам целиот мој стрес и немир поради здравствената состојба на моите блиски, трудејќи се целиот мој немир да го претворам во мир. Има уште една силна симболика поврзана со каменот, кој ми е потсетник дека треба да бидеме силни и цврсти како камен. Дека тој во природата успева да им одолее на многу невремиња, пожари, земјотреси и да не се скрши, така и ние треба да се трудиме да бидеме цврсти, истрајни и да не дозволиме никој и ништо да не скрши.“
Вања Тодоровска