Клуб сендвич и уште нешто вкусно со интернационална кариера
Храната е и декаденција и потреба, особено кога ќе излезе од локалните рамки. Списокот на славните и прославените јадења е долг – од Наполеон коцки до Бечка шницла и руска салата
Клуб сендвич
Постојат неколку верзии за тоа како настанал клуб сендвич а годините на неговото постоење потврдуваат колку е популарен, омилен и вкусен. Според едната приказна овој сендвич е направен во познатиот „Њујорк Саратога клуб“ во 1894 година. Втората, почесто спомнуваната варијата ја потенцира 1916 година – некој клупски анонимус искреирал сендвич со продуктите што ги нашол дома – а тука се вклучени и „помошните“ 2 тост лепчиња.
Како да идентификувате клуб сендвич? Има три парчиња леб, намачкани се со путер и мајонез, а помеѓу нив се ставени парчиња пилешки гради, сланина, домат и лист зелена салата. Потоа, лебот е пресечен е дијагонално а тријаголниците понатаму се украсуваат со чепкалки. Се разбира, составот на сендвичот евоулирал и разликата ја има „во нијанси“.
Наполеон коцки
Низок и дебеличок, Наполен на многумина им наликувал на човек кој ужива единствено во храната. Ама, изгледот лаже, нели. За Наполеон времето потрошено на јадење било залудно фрлено па затоа за појадокот друштво му правеле научници и уметници, а ручекот бил резервиран за политички средби и дебати, што го доведувало до очај неговиот готвач Арни Оливие. Затоа беше зачудувачки што за време на вечерата, после неколку готвачки спектакли на Арни, Наполеон заинтересирано почнал да јаде колач, штотуку измислен од неговиот готвач. И изреагирал како никогаш порано! Замолчел, го погледнал „слаткото чудо“ па земал репете. И тоа го повторил уште неколку пати. Во неговата чест, колачите го добиле името Наполен коцки, а тие не се ништо друго освен- сочни крем пити.
Руска салата
По паѓањето на Наполен, на рускиот царски двор работеле неколку добри француски готвачи. Најпрославениот бил, гореспомнатиот, Анри Оливие кој на идните генерации им остави неколку оригинални рецепти. Еден ден на царската трпеза сервирал салата од неколку вида зеленчук и месо и ја споил со мајонез. Салатата ги воодушевила сите присутни па во неговата чест била наречена „салата Оливие“. Познатиот мајстор не бил ниту скржав, ниту суетен и многу дарежливо им го давал рецептот на сите љубопитни гости. Специјалитетот станал општо популарен и по сите светски ресторани, ама со ново име- Руска салата .
Сарма
Сарма се смета за интернационално јадење со турски корени (сарма значи- да се свитка), незаменлива за зимскиот период , особено за време на новогодишните празници. Велат, колку повеќе сармата се подгрева, толку е повкусна, и ова е единствено јадење што, колку е постаро, толку е подобро. Сепак, постои една интересна работа – „подгреана сарма“ се користи како асоцијација за разбудени стари врски, кои успеваат- до седмиот пат. Велат, осмото загрејување е смртоносно- и сармата и врската нема да го преживеат.
Шатобријан
Шатобријан е еден од најпознатите специјалитети на француската кујна а значи дел од средината на телешкото филе, не потешко од половина килограм. Францускиот книжевник Шатобријан се памети по три работи – честото менување на политички убедувања, љубовни доживувања и по јадењето, откритие на неговиот готвач. Во оригиналната верзија Шатобријан значи нарезок со деликатеси а денес – бифтек гарниран со зеленчук. Многу бргу францускиот специјалитет станал задолжителен дел од менијата на секоја подобра меѓународна кујна.
Бечка шницла
Всушност, оваа шницла настанала од италијанскиот специјалитет „Costoletta milanese“, што значи телешко завиткано во брашно, јајца и трошки леб. Како што вели гастрономската историја, печената шницла станала популарна преку селската кујна каде се служела како меѓуоброк. Дури во 1900 година телешка шницла станува автентично јадење позната под името- бечка шницла. Денес ја има секаде- и во елитни и во поскромни ресторани, толку е одомаќена, на сите меридијани.
Шопска салата
Патлиџани, пиперки, кромид, краставици и многу рендано сирење. Шопската салата е популарно македонско традиционално предјадење, ја сакаат на целиот Балкан а името и потекнува од словенското племе Шопи, кои живееле во регионот околу Шар планина, пребогат со добро сирење.
Валентина Вања Тодоровска
Коментарите се затворени