КОГА НЕМАВМЕ ИНТЕРНЕТ…КОЛУМНИ ЗА ДУША – РАКОМЕТ ЗА ЦЕЛ СВЕТ
Христос се роди. Македонија пак на СП во ракомет оди. Ама сега Шпанец нé води. После двајца Хрвати (Обрван и Червар) и еден асли Македонец (Шундовски), со кого реално клававме највеќе голови. И најчесто повеќе од ними.
На крајот на секоја моја колумна останувам некако недоискажан. Како да ѕвонело ѕвончето и сум сакал да напишам уште пет-шест редови во писмената по македонски. Ама немало време. Зборот ми беше за госпожа Емануела. Кога немавме интернет, таа ни беше првата средба со еротиката. И со голотијата. Додуша, имаше и некои списанија, ама тие фаќаа прашина под кревет. Кај нас дома, ги чувавме во тоалетот, во сталажата, позади теглите за ајвар. Вешто камуфлирани. Да, и таа сталажа ја осмисли и соодветно ја завари со швајс апарат вујко ми Симо. И трае и ден денес. Во еден двор, позади една сала. Која ветија дека ќе се вика Тоше Проески. Пола Југословенска омладина беше вљубена во Емануела, а таа изгледаше така како што изгледаше. Слабичка, нежна, со никаков граден кош… Ама анти девица. Кога ја гледавме, мислевме дека се такви сите жени, па потоа се изненадуваме и се радувавме кога ќе налетавме на погабаритен граден кош! Таквите како Емануела, пред зграда ги викавме „даска“, „пепељарче“, или „јавала на буре“, ама тоа е веќе комплимент за друга регија. За жал, пред некоја година како бомба одекна веста дека актерката Силвија Кристл (нашата Емануела) го напуштила овој свет. Слава ѝ, нé научи да сакаме како што треба!
Да се вратиме на ракометот. Ги памтам најдобрите југословенски ракометари: Вујовиќ, Исаковиќ, Башиќ, Пуц, Цветковиќ… И се уште не можам да преболам што не игра за нас Пепи Манасков. И после толку години. Кој го гледал – знае. Таков бомбардер светот не памети. Каков Карабатиќ, каков Дувњак, каков Нарцис… Извини, Кире, морално беше! Немам амбиција да напишам спортска колумна. Рака на срце, најдобрите колумни за ракомет ги пишува колешката Билјана Б. Петрушева. И секогаш уживам додека ги читам. Ама таков е денот. Почнува СП во ракомет. И посилно е од мене да кажам збор-два за овој омилен спорт на македонската нација.
Признавам, моите први спортски обиди беа во светот на ракометот. Во петто одделение. Бев слаб и висок, коските ми се броеја. Тоа беше омилен термин за слабите дечки од тоа време. Настаните се случуваа во ОУ „Васил Главинов“ во Скопје. Населба Топаанско поле. Имаме солидна сала, но одлично надворешно игралиште, кое дури ракометарите на „Бутел“ го користеа за тренинзи. Свежи ми се сеќавањата кога на тоа игралиште доаѓаше Вангел Божиновски, денес угледен архитект, а тогашен ракометар на „Бутел“, ставаше мрежа на голот и тренираше. Со часови. Имаше страшен шут. И одлична спортска опрема. Нашите тренерки беа смешни парталчиња во споредба со неговите. Да, РК „Бутел“ беше силен клуб во тоа време.
Јас, Соња и Филип сме големи ракометни фанови. На Македонија, на Металург, на Вардар… Редоследот се менува, по потреба. И по годишно време. Издвоивме значителна сума од нашиот семеен буџет и ги бодревме нашите репрезентативци во Катар и во Гдањск. Некои други добиваа гратис карти, гратис хотели и слично, но ние никогаш не влеговме во таа привилегирана група… Сé си плаќавме, уредно. А Соња дури и известуваше за весникот „Дневник“, директно од Катар. И ги фотографираше токму тие навивачи. Најверните, но и најпривилегираните. Знам, тие се повторно во Германија. Ако, убаво нека си поминат… Ние ќе си гледаме на ТВ.
Како го навлеков син ми на ракомет?
Филип со Кире и Филип Лазаров
За тоа е „виновен“ Марјан Начевски. Легендарниот Маки. Најдобриот ракометен судија на сите времиња. Во тандем со братучед му Драган. Ѓорѓи е нивни одличен наследник. Најдобар судија на светот, заедно со Славе Николов. Јас лично, повеќе им се израдував на овие наши судии во Катар, кога ги сретнавме во еден бутик, отколку на пола хрватска репрезентација! Маки Начевски пред десетина години, ми нарача текст за химна, за потребите на Европското првенство за жени во ракомет, кое се играше во Скопје. Тогаш син ми Филип беше малечок и не го интересираше спорт. Јас, Копров и Дојчин ја направивме нарачаната Химна, ја отпеа цел естраден крем и Маки ни даде билети и нé викна на отворањето на Првенството. Тогаш прв пат го однесов Филип на еден ракометен натпревар. Се сеќавам Македонија ја победи Хрватска, а Филип беше пресреќен. Од тогаш до денес обожава ракомет.
Да, бевме и на СП во Катар. Семејно. Опремени со знамиња, дресови и соодветни капи. Сé во знакот на црвено-жолтата боја. Пред точно 4 години. Уф, многу убаво си поминавме. Бевме горди Македонци, дел од Фалангата. Ги победивме Австрија и Босна и изгубивме од Хрватска. Незаборавно. Маки Начевски имаше изнајмено автомобил и со него и со Ѓорѓи Тренкоски, ги прошетавме најубавите места во Доха и влеговме каде што обичен смртник не може да влезе. Благодарам, Маки.
Најмногу му се израдував на Златан Сарачевиќ. Син ми го гледа, таков стар, ќелав и со очила и ми вели: „Тато, кој е овој!?“ Е, кој е де? Златната левица на Југославија. Не почнува ни светот, ни ракометот со вас, деца низаедни! Му реков. А тој ме погледна чудно и ми рече: „Носи ме кај Карабатиќ!“ Маки Начевски ги направи сите можни финти за да нé донесе до целта, ама Никола за малку ни кидна. Ручал и си отишол во соба. „Еве ти го Сорендо. И Нарцис. Сликај се со нив!“
Знам, не е тоа – тоа, ама направивме една фотка со Нарцис. Сорендо го откачивме. Не бил познат. Бар за син ми. Бар во тоа време. Нејсе, Филип се фотографираше со сите наши јунаци, а Борко Ристовски му го подари својот дрес. Го чуваме дресот, како амајлија.
Во следната колумна ќе ви раскажам за моето славно ракометно деби. Дотогаш може и ќе ми текне името на Тренерот?! Се надевам дека Македонија ќе го мине првиот круг на СП во ракомет, па ќе можам да се доискажам за моите ракометни доживувања и следниот четврток.
Таков е јануари. Долг, студен и ракометен. Напред, Кире! Напред, Борко! Напред, Столе! И напред цела омладина од Металург! Пешевски, Јагуриновски, Серафимов, среќниот Лазаревски, Поповски…
И троа постарите: Талески, Кузмановски, Манасков, Георгиевски, Филип цепелин Лазаров…
А со Раул, играме цврсто и без фаул…
До медал! Зошто да не?!
Триумфалната е се уште тука. Чека нови јунаци.
м-р ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ
Коментарите се затворени