КОГА НЕМАВМЕ ИНТЕРНЕТ… КОЛУМНИ ЗА ДУША – ДЕМАГОГИЈА
Демагогија е општествена појава, навлезена во сите сфери на секојдневниот живот, при која едно зборуваш, друго правиш, а трето мислиш. Со други зборови, лицемерно користење на празни зборови. Јас би ја вовел Демагогијата како предмет, уште во основно образование. „Историја на демагогијата“, од 1 до 6. Учебник ипол. Тендер ипол, скоро два. Примери – мал милион.
Демагогијата има корени на оваа почва од најстари времиња. Кога немавме Интернет и кога бев дете, демагогијата цутеше во сите четири годишни времиња. Демагозите беа и се уште се присутни во сите занимања. Попови кои причестуваат, а не постат. Фудбалери кои затвораат кафани и дискотеки. Пејачи кои фалшираат и на студиски снимки. Механичари кои сакаат да имаат чисти раце. Политичари кои лажат и додека спијат. Аптекари кои сакале да бидат доктори. Доктори кои сакаат да пишуваат книги и песни. Писатели кои не одат на доктор. Вакцини кои не си го знаат рокот. Воздух кој чека ветер во грбот. Грб кој зависи од роднини и пријатели. Свинско месо кое не мириса на свинско. Кокошки кои се наклукани со хемикалии како билдери. Гаражи кои глумат колонијали. Подруми кои глумат тонски студија.
Демагогијата е професија која никогаш не изумира, а не треба посебно вечерно школо или курс за неа. Едноставно, пушташ да те води генетската расипаност (ако ја имаш!), во количини, кои што ќе ти ги предодреди сопствената фантазија и секојдневната нужда. И резултатите се феноменални. По семејството како основна клетка, по најблиската околина и по целото Друштво, како такво.
Кога немавме интернет беше демагогија:
– да имаш куќа и да бараат од тебе да вратиш стан. Некаде прочитав дека два-тројца со крстот на чело наседнале и го вратиле станот. Не, ниеден од нив не ми е роднина! Дедо ми не ни сакал да земе барака во Тафталиџе по земјотресот. Имал два крста на челото, а го воделе за комунист.
– Да работиш како шефица во Славија, да се жалиш на ниска плата и проширени вени, а да купиш три коли и викендичка во Охрид.
– Да го пцуеш Титота, а да чуваш негова фотографија во канцеларија.
– Да се правиш голем Македонец, а да навиваш за Ѕвезда.
– Беше несфатливо внуците на угледните членови на КПЈ да бидат крштевани во црква, а истите тие членови своевремено тајно ги крштевале своите деца, веднаш по Втората Светска војна.
– Да лепиш на ѕидовите во детската соба постери од Мајкл Џексон и од Бој Џорџ, а да слушаш касети од “Рокери с Мораву” и да ја знаеш напамет “Кркензи кикирики евери деј”.
– Да носиш патики „Албатрос“, а да мислиш дека ти купиле „Адидас“.
– Да не јадеш грав во петок, зашто си Комунист, а домашните животни ти се атеисти – на линија на КПЈ.
– Да тврдиш дека облеката што се продава пред „Беко“ е исто квалитетна (ако не и подобра) од таа што ја продаваат внатре во „Беко“.
– Да „пушиш“ соленки (маалски: грисини), а да мислиш дека си Хемфри Богарт во „Казабланка“.
– Да ги слушаш „Сребрна крила“ и „Нови фосили“, а другарите да ти донесат за роденден плоча од „Бјело дугме“.
– Да те лажат дека си Стар Словен, довлечкан од Карпатите, а ти да не знаеш дека си бил уствари Антички Македонец, парекселанс.
И денес во 21-от век, демагогијата е присутна, но во нови форми и димензии. Има ли поголема демагогија од:
– Да имаш 2547 пријатели на Фејсбук, а да немаш со кого да се напиеш пиво во сабота навечер.
– Да не сакаш да пуштиш на јавен сервис спот, во кој се пушат цигари и се пие алкохол од замаглено шише, а да рекламираш стопати во денот слот машини.
– Да постиш 40 дена, а да уништуваш амортизери со швалерот / швалерката по паркинзите на Водно.
– Цел стадион (двете навивачки групи) да навиваат со знамиња, а ниедно да не е официјалното.
– Да се жалиш на тежок живот, а цело лето да постираш фотки, на кои гнетеш скара во Неа Потидеа, седнат на пластични столици.
– Да возиш џип од 30 илјади евра, а да не дадеш 5 денари на просјак на семафор.
– Да кукаш дека нема леб од музика, а да немаш слободен термин за свадба наредните две години.
– Да продаваш посен грав, а да го готвиш со кобасици.
– Да имаш огромни образи, а Господин Фотошоп да те прави секс бомба, а после да се жалиш дека добиваш непристојни понуди од млади пастуви.
– Да мирисаш на парфем од 100 евра, а да ти смрди душата.
– Да купуваш ананас, папаја и авокадо, а да се гадиш од јаболка и круши.
– Пет месеци да не платиш нарачана песна, а осум викенди да скијаш во Банско и во Гармишпартнекирхен, со потесното семејство.
– Да прокоцкаш за само три минути 30 одлични минути. И да кажеш дека одлично си играл и дека Шпанија е Шпанија.
– Да се бориш младите во маалото да играат фудбал, а да им ја земаш топката и да си одиш дома, ако брат ти не игра цело време…
И оваа колумна е една голема демагогија.
Ама треба време тоа да се открие.
И докаже.
м-р ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ
Коментарите се затворени