КОГА НЕМАВМЕ ИНТЕРНЕТ… КОЛУМНИ ЗА ДУША – СПОМЕНИ
Во еден куфер, во еден скриен агол на душата, ги чуваме спомените. Споменот е брз елен, кој претрчал низ твојот ден и те оставил да гледаш по него. А никогаш не се вратил. Секој спомен е уникатен. Како брош, како филигран изработен лично од Животот. Тој најголем уметник, сценарист и режисер. Само во спомените живеат сите луѓе, ја носат истата облека и никогаш не стареат. Споменот е како слика, соѕидан миг, кој не се руши и не се повторува.
Споменот е како филм, кој го пребаруваме во нашата глава. Го наоѓаме и ја стартуваме сцената што сакаме повторно да ја видиме. И никој не може да ни го земе. Никој не може да го измени, да го извалка, да го избрише. Тој не е фотографија во нашиот смартфон, не е хартиена фото-трага, која чистачката ќе ја скине при чистење, не е ЦД од одмор, кое не знаеме каде се наоѓа и дали воопшто ќе се отвори. Тој е нешто што никогаш не умира.
Честопати, кога ќе ми загорчи денот, кога не сакам да ја прифатам реалноста и кога не ми се допаѓа ликот што го гледам во огледалото, посегнувам по фолдерот со спомени во мојата глава.
И повторно цветаат спомените.
Повторно:
– јадам осмимче со месо и гледам во вангличето полно со вода, која капела од кровот во нашата мала соба;
– кинам кокичиња во дворот и ѝ ги подарувам на мајка ми;
– купувам сликички со мајмунчето Вали;
– ги кажувам имињата на сите апчиња на баба ми и дедо ми, а тие се чудат како двегодишно дете може толку да памти;
– пијам студена вода од чешмата Мањоиче во Јанче, а знам дека ќе ме боли грлото;
– играм јамб со брат ми и со Радица и Македонка;
– давам гол со глава и славам како Манце;
– се чекам на погрешно место на Рекорд со другарите и другарките;
– се возам кон Велес со Диме Станковски и со Југослав и брзаме на проба во Театарот;
– читам нова драматуршка вежба, а Горан Стефановски, Сашко Насев, Југослав Петровски, Викторија Рангелова и Драган Котевски, внимателно слушаат и се мислат што да кажат за неа;
– ја возам Соња кон Државна болница и се молам што побрзо да го донесе на свет нашиот Филип;
– плаќам Памперси со последните пари и не знам дали утре ќе ми го платат текстот за Скопски фестивал;
– шетам по кејот во Гостивар и се прашувам дали е тој мојот нов роден град и дали може да го замени моето Скопје?
– свирам на мојата гитара и ја пеам „Туго, несречо“, без да мислам дали им пречат моите фалшови на сите соседи на „Желево“ број 5 и на „Невеска“ 2/2/2;
– го ѕиркам петгодишниот Филип како игра фудбал во тревникот позади зграда, се кријам за да не ме види и се плашам да не го повреди некое дете;
– стражарам како пожарен во ходникот во Позадинската чета во касарната во Ѓорче Петров и пишувам писмо од името на мојот војнички другар Шојка, кој сака да се смири со девојката;
– пливам во Платамона и мислам дали да вечерам гиро или да свариме шпагети?
– го читам моето име во списокот на примени средношколци во „Јосип Броз Тито“, културолошка насока;
– давам кош со хорок на трениг во ОУ „Васил Главинов“, во салата е кочан ладно, а мене не ми студи;
– свирам во мадолинскиот оркестар и загледувам едно девојче со долга црна коса. Чекај, нели ми се допаѓаат русокоси?
– гледам филм со Бад Спенсер и Теренс Хил во Кино Карпош, а после тоа пијам боза и јадам индијанка во „Апче“;
– стојам пред „Бони и Ани“ и чекам да помине некоја девојка што ќе ми го стопли срцето
– се плашам од темница и се прашувам како еден ден јас ќе бидам војник и ќе ја бранам Југославија?
Повеќето мои спомени живеат во моите песни.
Најубавите мои текстови ги напишав со најевтини пенкала, на обична хартија, А4, превиткана на половина. Потоа ги шминкав, ги пречукував на компјутер, ги праќав по мејлови и во разни инбоксови. Ги слушав многубројните демо снимки на обичен касетофон Тошиба, со две глави, за да можам набрзина да преснимам некоја демо снимка и уредно да му ја вратам касетата на колегата композитор.
А секој 25-ти јануари навираат спомените како река. Некои се претвораат во солзи, а некои се скаменуваат на усните, во форма на насмевка.
Кога со Тоше ја правевме песната „Има ли ден за нас“, имавме идеја, мелодиска линија и голема желба да направиме нов хит. Но, немавме диктафон за да направиме демо. Во тоа време, мобилните телефони служеа само за зборување. Како фиксните. Само што ги носевме во џеб. Сепак, се снајдовме. Тој ја свиреше мелодијата најмалку десет пати на неговиот синтисајзер, ја пееше со на-на-на, а јас ја запишував метриката на песната на некој скинат лист од нотес. Утредента го напишав текстот.
2007 година. Неговиот последен роденден. Аворд Продукција. Поткровје. Прв пат ја слушаме прекрасната „Арија“. Му велам: „Со вокалот целосно си ја поклопил Џана!“ Се смее. Знае дека има најдобар вокал во светот.
Се симнуваме во подрумот. Таму е монтажниот стол, со кој Крале прави чуда. Црвено вино и торта во форма на Буба. Среќен роденден, пријателе! Каде и да си денес…
Како да ѝ докажеш на стварноста дека во истиот објект, веднаш до АМСМ, каде што денес има некоја туристичка агенција, се снимаа последните песни на Тоше Проески? Секое попладне три месеци по ред, таму монтиравме материјали за серијата „Пет години Балкан“. Преслушувавме нови песни, се лутевме што не му се допаѓа некој нов препев, ги баравме на карта местата низ Балканот на кои требаше да има концерти…
Ех, спомени.
Што сум без вас?
м-р ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ
Коментарите се затворени