4.8 C
Skopje
петок, јануари 31, 2025
spot_img

КОГА НЕМАВМЕ ИНТЕРНЕТ…КОЛУМНИ ЗА ДУША : СТРИЖЕЊЕ

Се разбира, нема да стане збор за стрижење овци. Ни гласачко тело. Таков е нашиот јазик. Кревка е границата помеѓу стилизирање на фризури кај луѓето и отстранување на волна кај добитокот. Правилно би било потстрижување, иако во наше маало (а и пошироко!) процесот на безболно отстранување коса од главата се нарекува шишање. Оттаму доаѓа и латинската поговорка „КОЈ ТЕ ШИША!“
Имам повеќе спомени, посвежи и побајати, собирани низ разни берберници. Како косата, кога на крај на процесот, ја собира берберот со четка од подот. Твоја ти е и некако ти е жал за неа. Разделба како разделба, тажна е. Мајка ми до скоро (а можеби и до денес?!) ја чуваше мојата прва коса, завиткана во парче хартија. Не знам дали тоа има некаква врска со матичните клетки и дали се практикува во некој друга земја или цивилизација?! Според семејното предание, прво косата ми била бела, па катран црна, па костенлива… И сето тоа во период од неколку месеци. Како мал, се сеќавам дека имав прилично долга, руса коса. За жива глава не сакав да се потшишувам. Плачев на бербер. Таа карма ми се повтори едно 24 години потоа, кога го носевме на бербер син ми Филип. Не сакаше ни да оди по таа страна на Партизанска, во Карпош 4, каде што имаше неколку берберници во близина на Палма. Во широк лак ги обикиолуваше со спринт на 50 метри. Оди па фати го! Плачеше и мрдаше со главата, не дозволуваше да му се скратат русите наследени коси.
Конечно го скроти еден бербер, кој се викаше Коки (или така му се викаше берберницата?!) и кој во салонот имаше мало коњче. На типот му текнало немирните деца да ги шиша како да се на Дивиот Запад. И упали таа финта. Дури и кај Филип. Без збор и без солзи, го појава коњчето, дозволи да го потстрижат и културно го напушти местото на настанот.
Како мал имав долга коса и сакав да бидам како Јаношик. Тој беше чехословачки фраер, со долга коса и имаше многу убава женска, по име Маријана. Јаношик беше Полат на нашето време. Подоцна, во пубертетот, сакав да имам коса како Бајага. Тој тогаш го издаде култниот албум „Са друге стране јастука“ и сите сакавме да имаме опашки или џигерици како него. Набрзо сфатив дека Бајага има страшно густа коса и дека е невозможно да го постигнам и јас тој волумен, со моите таканаречени „празоици“. И ден денес се чудам како Бајага на скоро 60 години има толку бујна коса? Вујко ми Симо за таквите типови би рекол: „Им расте косата одма над веѓите!“ Кога почнав да ќелавам, токму тој ми препорача дека има чаре за мене: „Подигни ги веќите малку погоре и нема да имаш залистоци!“ Мала зезалица, која во оваа прилика ќе му ја вратам! Тој и татко ми, во 70-тите години, пуштаа долга шишка позади и ја вртеа во круг и со неа си правеа шишки напред. Кога ќе дувнеше ветер, им леташе косата по улица и едвај ја собираа!
Подоцна сакав да имам фриз како Жера од „Црвена јабука“. Ставав пиво на косата и ја вртев – ја мрсев со раката, да биде боцкава нагоре. Тие што имаа повеќе пари ставаа брилијантин. Ние гел. Розев или син, уште го памтам мирисот. Еднаш стариот бербер на дедо ми, кој имаше берберница кај Симпо, додека ме шишаше, вртеше со главата и ми рече: „Ех, деца, не слушате! Ставате ГЕЛТ на косата, затоа ви паѓа! Ставајте само лимон и ќе имате вечна коса!“ Нејсе, бидна. Се стори, што велат Охриѓани. И сега, ќе си бидам ќелав, кога не сакаав да носам лимонада на главата, на времето!
Во Топаанско Поле сите се шишавме кај Борче, преку улица. На „Џон Кенеди“. Во неговата ретро берберница имаше фотки од постари и актуелни фудбалери на ФК Партизан, по некоја разголена женска… И диплома, за завршен берберски курс. На масата: „Спорт“, „Партизанов весник“, „Темпо“… Табла со шах, пред вратата, каде што го чекаше другарот да го одигра следниот потег. Денес во берберниците има само врамена диплома и мала плазма, на која можеш да гледаш странски спотови.
Во прва година средно, го направив моето берберско деби. Неуспешно, се разбира. Ме мрзеше тоа попладне да одам кај Борче и решив сам, со ножици малку да ја средам косата, над ушите. Кога излегов од купатило, мајка ми и татко ми за малку ќе се онесвестеа! Моето деби заврши со смешни дупки во косата! Вечерта, ме досреди берберот Борче: скроз тасма од страните, за да се покријат ефектите од моите остри ножици аман макази. Остави колку што можеше коса: само мало кратко перче на средина на главата, пардон лубеницата. Утредента, во ЈБТ класната Зага кога ме виде, се фрапира и извика: „Дали те видоа дома родителите?“ Нејсе, кога одев по улицата на другар ми Зоран (кој не сакаше да го викаат Штрк!), зад грб сосетките коментираа: „Види го, понављач!“ А јас бев одличен ученик.
Долго време (додека личеше на нешто) носев долга коса и ја чував во реп. Многумина тврдат дека косата ми паднала од неквалитетните ластичиња. Признавам, ги купував на Бит пазар, најчесто со црна боја. Прв пат ми ја фенираа косата на 9 ноември 1996 година, пред свадбата. Заедно со фризурите на невестата Соња и на Кума Буца. Прв и последен пат.
Честопати Соња ми велеше дека маалските бербери ме стрижат погрешно и дека намерно ми го кратат потенцијалот на шишките! Нејзината препорака беше задолжително да одам кај некој стилист, за конечно да заличам на модерен човек. А, мене уште тогаш огледалото ми кажа дека сум ќелав и дека шишките за мене се минато свршено време! Но, ја послушав. Отидовме кај Бубе. „Еве ти саглам стилист! – ми рече Соња – Сега ќе те среди, да видиш што е модерна фризура! Доста ми е од твоите приучени бербери, кои во слободно време стрижат во Затворот во Шутка!“ Бубе се насмевна, за пет-шест минути си ја заврши работата и ми зема 500 денари. Дома Соња ми призна дека сепак имала преголеми очекувања и дека моите шишки исчезнале, поради лошото шишање на претходниците на Бубе!
А во маало ме потстрижуваа (доскоро) за 150 денари. Уште и ми нарачуваа макијато за сите пари, од блиското кафуле. А најсмешно ми е кога некое чираче ќе ме праша: „ Како да ве потстрижам?!“ Јас ги зезам: „Како?! Како тебе нешто!“ Тој ме гледа и се чуди?! Тој има шишки до веѓи и малку подбричено над ушите…
Последниве неколку години се стрижам кај „ОКИ“ во Карпош 4. Оки е на привремена работа, некаде во Бенелукс, ама тука се неговите калфи и чираци, кои во меѓувреме израснаа во мајстори! Седнувам на столот и им велам: „Среди ми ги веѓите, како на вукодлак ми станале! Брадата кратење. И удри „двојка“. Фризура „Пери-носи“.
Најтешко ми паѓа кога ќе го вклучи фенот и кога ќе ме фенира. На крај. Џабе троши струја. Бизнис тарифа. Последниот пат не ми фати ниедна фора. Го разбудив берберот и не му се правеше ич муабет. Ме олупи за две минути, како портокал. Не ми го покажа ни второто одгледало, за да се видам во главното огледало дали добро ја завршил работата. На одење малку се расони и виновно ми рече: „Од Нова Година е 200 денари!“ ОК, нема проблем. Кога не научив сам да се шишам, на времето…

м-р ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена