Гитара. Прекрасен музички инструмент, со шест жици. Првата средба со неа ми беше уште како мал. Дома имавме една црна акустична гитара, мираз на мајка ми од нејзините детски години. Таа и вујко ми имале дома наставници по гитара и по хармоника, но бегале од часови и никогаш не научиле да свират. А баш би сакал само еднаш да го слушнам тој дует. Првите акорди ги научив од книгата што ја купив, „Шајинова озвучена школа за гитара“. Но, да одиме по ред.
Во осмолетка, во ОУ „Васил Главинов“ имавме можност да пееме во хорот или да свириме мандолина. Во петто одделение му викав на другар ми Ирфан Мифтар (Бог да го прости, погина во Шведска), дека нема одам во оркестар зашто таму свират педерчиња и дека ние мажите треба да играме фудбал, фудбал, и само фудбал во слободно време. Во шесто одделение се предомислив и се вклучив во училишниот оркестар. Не изгубив многу од мојата машкост. А продолжив да играм и фудбал. Секое попладне. Скоро цела омладина од мојот влез свиреше во тој оркестар: Валерија, Мирјана, Ана, брат ми Дејан… Таму свиреше мандолина и Марче од „Кис ми“, а меѓу многубројните симпатични девојчиња, во хорот пееше и Ефто Пејовски, денес уепешен менаџер и татко на надежната Лина Пејовска. Три години свирев мандолина. Сé до осмо одделение. Освоивме дури и трета награда на некој општински натпревар, во ОУ „Пенко“ во Скопје Север.
Кога слушна на каков крш од мандолина му свирам по телефон, дедо ми Филип од Белград ми купи гланц нова мандолина. Кога ќе затрзав на неа со трзалицата, ги покривав мандолините од целиот орекестар. Тие беа стари, испукани, училишни мандолини. Пред секоја проба, наставникот Киро ни ги штимаше мандолините. Можеби затоа никогаш не научив да го штимам својот инструмент. Подоцна, ми предложи да ми ја продаде неговата црвена електрична гитара и да настапуваме навечер по кафулиња. По долго размислување и по домашни консултации, се одлучив за академска кариера и го одбив наставникот. Кој знае во кој правец ќе одеше мојот живот, ако тогаш станев музикант?!
Дедо ми беше голем јубител на музиката и одлично пееше. Особено ја сакаше „Полети голубе мој“. Знаеше од секој кажан збор, да започне да пее некоја песна и да си додава шеговити стихови во мелодијата. Можеби од него ја наследив дарбата за клепање стихови?! Тој ми ја купи и првата (и последна) акустична гитара. Во 1989 година. Уште ја чувам и ја гланцам. Менувам само жици. Едно време свирев на пластични, ама ми беа некако како да свирам на затегнати хулахопки и ги заменив со нормални жици, од кинеска продавница. Најинтересно беше кога ја влечев гитарата на одмор со воз, сé до Буљарица. Дрндав таму на гитарата на плажа, пеевме и пикиравме едни симпатични Србинки. Едната беше толку погодена од моето добро музицирање, што дури и ме бакна на одење дома. Дома, се мисли во Србија, а не во бунгаловот. Доволно, за да мислам на неа следните три дена. Беше од Бегаљица (никогаш не го најдов тоа место на географска карта), но се осмелив и после неколку месеци (кога дојде октомври!) ѝ пишав едно долго писмо и ѝ пратив заедничка фотографија од плажата, уредна развиена од мојот „фото идиот“. Никогаш не ми одговори на писмото. Веројатно, изветреа во нејзините убави уши звукот на мојата акустична пријателка. Не се сеќавам како се викаше. Може и не ја прашав…
Нејсе, откако таа си замина од Буљарица, во налет на севдах, ја скинав шестата (најтенката) жица. Моравме со брат ми и со неговите другари да фатиме автобус и да весламе дури до Бар. Тогаш прв пат бев на „Словенска“ плажа и по долго барање, успеав да најдам доволно место и да го спуштам мојот пешкир. Морето беше ужасно валкано, имаше милион капачи на еден метар морска вода, а кога се вративме на плажата, едвај си ги најдовме пешкирите. Беа малку тргнати на страна, од некои други туристи, кои што си нашле место под сонцето. Инаку, во Бар не најдовме најтенка жица, затоа што заборавивме дека е недела и дека во тој ден најчесто не работат продавниците за музички инструменти. До крај на одморот свирев на 5 жици и никој не забележа. Кога ќе те понесе емоцијата на песната, воопшто не е битно дали свириш дур или мол, битно да се удира по жиците, да се држи ритамот и да се забавуваат присутните. И не е точно дека гитаристите секогаш остануваат сами со гитарата, а сите останати си одат во ноќта да гугуткаат со своите избранички под ѕвездите…
Потоа музициравме со другар ми Ване. Кај мене дома, во детската соба. Тој имаше задача да ми ја штима гитарата. Немав слух и секое трзање и затегнување на жиците, ми изгледаше исто. Еднолично. Ехеее, колку жици испукаа поради мојот туп слух. Еден ден другар ми Ване се налути и ми рече: „Доста веќе! Не ти ја штимам повеќе гитарата! Научи се сам да си ја штимаш!“ Е, како да научам, кога не дал слух Господ?! Сега е лесно. Имам Штимер на мобилниот и нема утка. Иако, син ми, кога музички ме следи на клавирот, тврди дека сум постојано раштиман!
Другар ми Ване уште тогаш имаше електрична гитара и почнуваше да настапува лево-десно, по некои кафулиња. Секогаш знаеше многу повеќе акорди и баре хватови од мене. Во меѓувреме, заврши и ликовна академија, предава ликовно во некоја осмолетка во Радишани, ама цел живот свири тезги, по разни угостителски објекти. Пред неколку години со него ја снимивме песната „Споменар“, на која тој пееше, а јас рецитирав и звучев како Бајага кога не е доручкуван… Таа песна беше плод на моите дваесетгодишни напори да го убедам да сними една своја песна и да не биде само тезгарош. Втора песна не снимивме… А публиката очекува…
Никогаш саглам не научив да свирам гитара. И многу ми е криво поради тоа. Знам десетина акорди и со нив можам да свирам дваесетина песни. Аm, Em, Дm, Е dur, C dur, F dur, G dur, A dur, D dur… Не дај Боже некоја песна да има H dur, C7, Gm или Bm… Тие не ги свирам. Или ги транспонирам пониско, што вика син ми Филип. Толку бев убеден дека сум добар гитарист, што дури свирев и низ Југославија, во четврта средно, кога ја носев мојата гитара ширум бивша Југа.
Репертоарот ми е ист веќе дваесет години. Десетина песни од Балашевиќ, со акцент на „Васа Ладачки“, „Лепа протина кчи“ и „Дивљи бадем“, потоа задолжително, на почеток и на крај, „Туго, несречо“ и „Са твојих усана“ од Црвена Јабука. „Тамара“, „Тишина“ и „Руски воз“ од мојот идол Бајага, а кога атмосферата ќе зоврие, поентирам со „Боље бити пијан, него стар“ и го завршувам настапот. Соло никогаш не свирам, само пратња. Ритам гитара. Се разбира, само свирам, а другите пеат. Некогаш и го суфлирам текстот, за најблиските членови на семејството, кои имаат одличен вокал, ама не памтат текстови. Се мисли на Соња. Таа пее, а јас памтам текстови. Бакшиш никогаш немам добиено. Во последно време ја свирам и „Излажи ме уште еднаш“ од Тоше, како неизбежно вклучување на еден мој текст во интерниот ретертоар. Заради ЗАМП. Мали права се мали права. Можеби првиот сосед, наместо да ме пријави во полиција, ќе уплати некој денар во ЗАМП и оп, ќе кркнам една осминка со месо од овој мој хит. Кој ти ги дава? И онака, гипс картонот што нé дели прави таква звучна изолација, што кога ќе кивне комшијата, добиваш уплав или тахикардија.
м-р ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ