9.8 C
Skopje
петок, јануари 31, 2025
spot_img

КОГА НЕМАВМЕ ИНТЕРНЕТ… КОЛУМНИ ЗА ДУША – КРАЖБИ

 

Имам гледано многу филмови за грабежи односно кражби. Најчесто на банки. Како ги организираат, како го извршуваат крадењето со фантомнки, како бегаат со бесни коли, како и каде го кријат пленот, како ги делат парите, како се соочуваат со правдата итн.

Има поситни и покрупни кражби. Кога бевме мали најчесто крадеа тетките во продавниците. Не ни враќаа кусур колку што треба и на тој начин ни крадеа два-три динари, најмногу пет. Кога одевме да купиме нешто ситно во најбликста продавница, родителите ни даваа точно пари. Ако немаа ситно, ни даваа крупна банкнота и ни велеа: „Внимавај, да не те украдат! Отвори четири очи!“

Јас кога одев до продавницата на аголот позади Универзална, која сите ние во маалото ја викавме „Кај Перо“, ги држев цврсто парите во рака и постојано си повторував во себе што треба да купам. Во прашање беа некои 50 метри, одев исклучиво по тротоар (тогаш имаше малку коли низ Скопје, ама сепак имав набиен страв да не ме згази некоја од нив!) и цело време си повотрував во себе: „Сто грама кафе, мастики и кисела вода!“ Кога беше Перо на смена, беше сé ОК, но најголемата опасност доаѓаше од продавачката Ленка. За неа се зборуваше дека може да украде дете од родена мајка. И кога ќе видев дека Ленка е на смена, се смрзнував и заборавав што требаше да купам. Кога ќе ми пројдеше стресот (кој тогаш не знаев дека така се вика!) и кога конечно ќе кажев по што ме пратиле, Ленка шеретски ќе се насмевнеше и ќе ми го вратеше кусурот. Со моите тогашни скромни математички познавања, набрзина во себе проверував дали точно ми вратила и задоволно и гордо се враќав дома, со завршената задача т.е јавна набавка. Редовно моите ја проверуваа сметката и секогаш бев во минус. Два-три, најмногу седум динари. Продавачката Ленка секогаш успеваше да ме надитри и да ми украде некое динарче. Моите не ме караа за тоа, ама редовно ми се гадеше од сознаниоето дека повторно и повтоно ме надитрила. Таа Ленка беше мојата прва средба со светот на расипаните луѓе. На крадците. На суровиот реален живот. Дотогаш мислев дека секаде тече мед и млеко, дека сите луѓе се сакаат и дека секој секому мисли од добро подобро и најдобро. Тетка Ленка ми ги отвори очите. Со неа мојата наивност засекогаш ја изгуби својата невиност!

А всушност, првата кражба ми се случи многу порано. Кога имав само 4 години. Во тоа време, традицијата налагаше за Нова Година да одат децата во Луна Парк (кој некогаш постоеше и беше забавен, со воз кој возеше низ целиот парк и низ кој имаше ужасна промаја, колички за кршење заби и смешна вртелешка на ужасот). Никогаш нема да ги заборавам забрзаните сцени кога дебелите мајки се обидуваа да фатат место кога ќе застанеше возот и кога требаше претходните патници да се симнат на перонот направен како брдо од безброј ситни камчиња. Честопати имаше повеќе патници отколку купеа и многумина мораа да го чекаат следниот воз. Некои се уште го чекаат. Нејсе, мајка ми ме дотера со топла зимска облека, зимска јакна, капа и волнени ракавици. Според сценариото, Дедо Мраз, кој најчесто го глумеше оној актер кој што имаше најмалку талент во својата генерација, требаше на сите присутни деца да им подари по една украсна бонбона. Кога пристигнавме во паркот, голема група деца беше насобрана околу веселиот Дедо во црвено, а тој им раскажуваше некои „смешни“ авантури од неговиот пат од Лапонија до Скопје. Секое дете доби по една бонбона од Дедо Мраз, а мене ми се падна бонбона со жолт целофан. Толку успеав да видам. Веќе следниот момент се соочив со суровата реалност! Носев волнени ракавици и не можев цврсто да ја држам бонбоната. Добро, некој ќе рече дека бев смотан уште од тогаш?! Како и да е, некое дете ми ја украде бонбоната од рака. Признавам дека бонбона како бонбона вооопшто не ми значеше, но силно ме заболе фактот што ми ја украдоа пред нос! Ојс, тука ќе направам една голема временска елипса и нема во оваа прилика да кажам како сé ме крадеа во периодот од мојата 4-та до мојата 47-ма година….

Пред некое време, уредно собрав 8 купони и одлучив да земам (со одредена доплата), сет чаши од една продавница која има најголем синџир низ Скопје. Додека чекав ред на каса, си реков: „Замисли сега да нема една чаша во кутијата!“ И така би. Недостасуваше една чаша во сетот од 6 чаши. За среќа, воден од лошите искуства од минатото, на каса ја отворив кутијата и констатирав дека недостасува една чаша. Уредно ми беше донесена од страна на вработената. Така го победив овој суптилен обид за кражба.

На Фестивалот „Охрид фест 2018“ ми ја украдоа наградата за најдобар текст… Вечерта не бев во Охрид (од оправдани причини), а и никој не ме покани. Си гледав дома на телевизија и го прочитаа моето име во списокот на наградените. Награда како награда, имам милион такви комбинации на дрво, метал, плочка и плексиглас, ама оваа ми беше особено важна зашто беше прва награда освоена на композиција на мојот син Филип. Тоа значеше и директен пласман на песната „Не знам“ во изведба на Денис Димоски во Интернационалата вечер на Охрид фест. И можност целиот Балкан (преку директниот пренос на безброј телевизии!) да се запознае со еден нов композитор, со мое презиме. Денис доби задача вечерта да ја земе мојата награда. Но, возбудливиот Фестивалски бал си го направил своето и одговорните лица одлучиле таа вечер да не ги доделат наградите. Другиот ден, веќе никој не знаеше каде исчезна мојата награда?! Како да доби крилја?! И, кому треба туѓа награда за најдобар текст? И, што ли си мисли денес нечесниот крадец, кога ја гледа мојата награда на својот ѕид?! Мисли ли дека навистина освоил награда за најдобар текст?! Циркус.

Во истата продавница (онаа со Купоните) пред некое време констатирав дека купените 300 грама чајна кобасица ми ги наплатиле како цел килограм. Веднаш се вратив во продавницата, реагирав и ми ги вратија парите. Колку пати, кога ќе видам ситна кражба од неколку денари, не се ни враќам. Како да ми паднале на улица. Е, па колку пати и сум нашол дводенарка на улица!

Во социјализмот, од организациите на здружен труд се крадеше тоалетна хартија („Пантиќу, сероњо!“), цели топови канцелариска хартија за дома да шаркаат децата со фломастери, спајалици и индиго и што уште не…

Кон крајот на минатиот век, кога работев во МТВ,  на 9-ти спрат се случи најбизарната кражба во Западен Балкан! Еден сончев ден, ние стрпливите хонорарци констатиравме дека некој ја украл ВЦ школката! Еј, од 9-ти кат!? Еј, ВЦ школка!?

Последен пат ме украдоа пред извесно време, поточно пред распишувањето на Претседателските избори. Не, не е тоа што мислите! Далеку било!

Ми го снема шишето вода, кое стоеше меѓу столиците додека гледав „Златна Буба Мара на популарноста“.

Како успеа, мајсторе, алал да ти е!?

 

 

м-р ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ

 

 

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена