9.8 C
Skopje
петок, јануари 31, 2025
spot_img

КОГА НЕМАВМЕ ИНТЕРНЕТ… КОЛУМНИ ЗА ДУША – КИНО

Пред извесно време, налетав на принт од дневната кино понуда на град Скопје од пред триесет и пет години. Верувале или не, во нашиот главен град постеле 18 кино сали и во секоја од нив секој ден играл по еден филм, а некаде и по два филма. Кино понудата се менуваше секој понеделник, а некогаш и во четврток. Фасцинантно е на пример што во Домот на културата Колонија Идризово, на пример, тој ден филмот „Бандитот во Тексас“ имал дури 4 претстави, во 10, 15, 17 и 19 часот! Или што во Кино Центар филмот „Демони во градината“ имал дури 6 проекции тој ден!
Секој град има прекрасни спомени врзани со филмското платно и кино прикажувачката дејност. Секој град има и човек-филм, легенда која ги прожектирала филмовите и се грижела за филмската едукација на младите генерации.
Како дете, прво се инфицирав од телевизијата, па нешто подоцна и од филмот и неговото големо, волшебно платно. Беа убави и незаборавни кино утрата со мајка ми и брат ми во Домот на млади (денешен МКЦ). Секој викенд на програмата беа разни детски филмови. Се качуваавме во автобусот со број 9, се возевме едно 20 минути, ја минувавме големата улица, си купувавме билети и уживавме во анимираните и играните светови на Волшебникот од Оз, Мики Маус, Том и Џери, кучето Леси… Сосема доволно за да ја разбудиме детската фантазија.
Морам да признаам дека не ги посетив сите скопски кино сали. Немав толку време, а и уште од тогаш почна децентрализацијата во културата. Секоја населба си имаше свое кино. И свои тапкароши. И свои правила на игра. Секое кино имаше и доминантен филмски жанр. Односно публика за истиот. Јавна тајна беше дека во Бутел повеќе сакаат кунг фу филмови, додека кината во Кисела Вода и во Маџари преферираа каубојски филмови. Кино 26 јули ја протежираше еротската лектира, а беше и првиот експлицитен порно храм. Заедно со Кино Напредок. Додека во Кино Драчево одлично поминуваа филмови со научна фантастика. Кино Бамби најчесто имаше два филма во еден ден, некоја лимонада преку ден, а во вечерните часови нешто жестоко, како на пример филмот „Дива орда“. И домовите на културата имаа свои кино проекции, а во Скопје постоеја дури 5 такви домови: Дом на градежници, Ѓорче Петров, Димитар Влахов, 11 Октомври и Колонија Идризово.
Во моето маало беше Киното Карпош. Таму, Бад Спенсер и Теренс Хил им кршеа кичма на илјадници лоши типови. Бошко Буха фрлаше бомби и криеше сол во рачниот часовник. Чкаља патуваше низ светот со смешен балон и уште посмешни позадини, кои требаше да илустрираат разни светски градови.
Кино Карпош одамна го нема. Го срушија. На негово место направија голема зграда, со дуќани и кафулиња на приземјето. Не знам како спијат станарите на таа зграда и не знам дали ноќе им се појавуваат духовите на Џон Вејн, Сирогојно, мајмунот Чита, Бата Живојиновиќ, Фреди Кругер или Емануела Антидевица?
Во Кино Бутел, на пример, заедно со брат ми и бртучедите Маја, Весна и Диме, гледав еден филм со Тарзан, кој го глумеше Џони Вајсмилер. И еден со Брус Ли. Настасја Кински и страшните луѓе-мачки ги гледав во Кино Вардар 2, горе по скалите. Цела ноќ не можев да спијам од нејзините преубави очи. Се сеќавам дека со некои другари, во истото тоа кино, но во вечерниот термин гледавме некој софт еротски филм. И паметам дека еден повозрасен господин пред почетокот на секоја еротска сцена, се дереше на цел глас и навиваше викајќи: „Ајде, бабуш!“ Веројатно беше некој манијак, на пракса?!
Како тинејџер, првиот филм го гледав во Кино Вардар 1, каде што моментално има една приватна телевизија и до неа штаб на еден претседателски кандидат. Бев седмо одделение (второ полугодие) и заедно со моите другари и другарки од 7б, го гледавме филмот „Лажливо лето 68“, со Славко Штимац и Данило Бата Стојковиќ. Таму е и онаа антологиска сцена со месењето гради на младата кума. Поучно, во секој случај.
Во Кино Култура, Роџер Мур и огромниот тип со фиксни протези на забите, пола саат се тепаа во воздух, скокајќи од авион во авион. Кога имав 17 години ми ставија такви протези, откако ми извадија здрава тројка, горе десно, за да ѝ прават место на четворката. Ги носев 6 месеци. Две недели не знаеја во средно дека носам протези. Ниту еднаш не се насмевнав. Мислеа дека сум станал намќор, а јас се срамев да ги покажам фиксните протези, кои ги викаа прстени. Денес секој втор тинејџер носи такви прстени. Дури и првиот филмски бакнеж во мојот живот се случи со јавно сведоштво на шесте прстени во устата. Можам да замислам како се чувствуваше мојата парнерка при самиот чин?! Гадно, во секој случај. Иако, насекаде со мене си носев чeткица за заби и мал каладонт и ги гланцав забите после секој мини оброк.
Но, ова не е колумна за моите кутри и напатени заби, туку за кино понудата во мое време. За забите ќе имам посебни редови.
Паметам и денови, кога тапкарошите заработуваа по цела плата од препродавањето на билети за „Тесна кожа 2“, Рамбо 2 или Роки 3. Добро се сеќавам и кога се појавија видео рекордерите и кога му зададоа голем удар филмот и на кино салите. Во Скопје видео рекодерите се броеја на прсти и чинеа вистинско богатство. Уште го чувам видеорекордерот од дедо ми Филип и неколку снимени касети. Секоја улица имаше своја видеотека. Се изнајмуваа филмови на ангро. Имаше разни смешни ситуации. Го враќате филмот, а намуртениот изнајмувач ве прашува: „Го врати филмот на почеток? Да? Ај, да провериме?“ Го пушта филмот и те фаќа во лага. Не си го премотал на почеток! Опа, казна, извесен број денари! Кој да памети колку…
Пред извесно време, заедно со мојата поубава половина го гледавме филмот „Боемска рапсодија“, повеќе документарен, отколку игран филм за Фреди и за групата Квин. Скапа карта, удобни столици, огромно платно од кое ми се шина вратот, добра акустика. Немаше шнајдерски прескокнувања на лентата, ниту тинејџери што се лапаа и фаќаа два саата. Веројатно сега тие активности се прават на други места? Силен и незаборавен впечаток ми остави еден тип, кој седеше две седишта подалеку од мене и кој пред почетокот на филмот си купи огромно канче со чипс, веројатна за сите пари. Верувале или не, типот полека и внимателно го ропкаше кутриот чипс цели два часа! Едно време сакав да му речам: „Аман, дај да го дојадам, ме пукна!“
Тоа е. Ново време, нови навики.
Останува големата желба да се сними еден целовечерен игран филм, по мое сценарио. Зад себе веќе имам сценарија за два кратки филма, „Жарче“ и „Фауст во Д мол“. Одиме понатаму.

м-р ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена