7.8 C
Skopje
среда, февруари 5, 2025
spot_img

КОГА НЕМАВМЕ ИНТЕРНЕТ… КОЛУМНИ ЗА ДУША : ПРУГИ

Пругите секогаш ме потсетувале на нешто тажно. Копнежливо. Студено. Исчекувачки важно. Долго. Бескрајно. Здодевно. Две долги бескрајни метални линии, поврзани со прагови. Како врат на акустична гитара… Како животот. Спремни да го прегрнат татнежот на локомотивата, кој од далеку се насетува, но доцни. Пруги, како сцена од филм на Кустурица, како домино коцки наредени на ќилимот во дневната соба, како непрегледна желба, како птица која ја чекаш, а можеби никогаш нема да додје…
Возовите ме потсетуваат на средби и на разделби. Повеќе на разделби. На долго мавтање со раката. На облакот од пареа, низ кој полека си оди големата црна „ламја“ и го носи со себе драгиот човек. А во неа е можеби некоја Селма, која за инает се наведнува од прозорецот и се обидува да те види за последен пат.
Првата моја средба со возот не беше многу убава. Не беше ни средба. Бевме во Велес, кај нашите роднини. Имав 8 години. Се сеќавам тогаш собиравме сликички со Брус Ли. Тетка ми Љиља ме зема за рака и ме прошета низ Велес. Ме однесе кај едни нејзини пријатели. Поточно, беше на некоја проба кај својата шнајдерка. Додека таа пиеше кафе, мене ми беше многу досадно и побарав да си одиме дома. Таа ме праша дали знам сам да појдам до нивната куќа и јас како од топ одговорив дека знам. А поима немав. Честопати во животот се фаќав во ваква ситуација. Тоа ми е мана. Една од многуте… Нејсе, тргнав низ Велес да ја барам нивната куќа и се најдов на пругата. Минута после тоа бев клекнат на еден балкон, а возот профуче над мојата глава. Поима немам како се најдов на балконот, но знам дека за секунда му побегнав на возот…
Неколку пати во СФРЈ патував со воз. Еднаш до Кичево, кога бев седмоодделенец, на поетските средби „Курирче“. Возот возеше толку брзо, што во еден момент излеговме од него, прошетавме и на следната кривина се качивме во него. Патувавме до Кичево едно сто саати… Беше лудо и незаборавно.
Два-три пати со воз патував до Бар, Црна Гора. Кога одевме на наше море, во Буљарица. Тогаш си имавме „наше“ море. А сега одиме по туѓи мориња. Таква ни е пругата… До Бар патувавме милијарда саати. Уште во главата ми ѕвони, како ужасен рефрен, едноличниот звук на возот. Тогаш за последен пат бев на море со моите родители и со брат ми. Бевме гладни. На железничката во Бар имаше само една сендвичара. Продаваа само сендвич со ајвар и плескавица. Го лапнавме сендвичот за миг. Ја запамтивме и комбинацијата, за некогаш дома да си направиме таков сендвич. Кога ќе нема друго… Пред нас едни деца од Македонија, дојдени на екскурзија, купуваа сендвичи. Продавачот ги праша: „Јели, децо, одакле сте?!“ Тие како од топ весело рекоа: „Од Титов Велес, чичко?!“ Човекот се замисли и меѓу две мачкања ајвар рече: „Зар и тога има?!“ После ни се распадна СФРЈ. Ама, за тоа во друга колумна.
Мојата прва едночинка се случуваше во воз. Се викаше „Тажна вест“. Ми донесе оценка 9 кај проф.Горан Стефановски, на испитот по драматургија, во прва година на ФДУ. А приказната беше обична, човечка, животна. Во едно купе, на релација Скопје – љубов. Во неа еден Коте од Ропотово требаше да ѝ признае на Илинка дека ја сака и дека сака да ја извади од големиот град и да ја донесе засекогаш во својот дом. Ликовите беа смешни и тажни, на свој начин. Како духот на Чехов да слетал врз мојата тастатура. Режисерот Димитар Станковски го препозна тоа и ја постави. Во Театарот во Велес, кој го носи името на Џинот на македонската драматургија. Заедно со уште една едночинка на колегата Југослав Петровски, под заеднички наслов „Утешение грешним“.
Животната пруга само уште еднаш ме донесе во театарот (засега). Следната 1993 година. Со истиот тим. На барање на театарот и прекрасната публика во Велес (од каде што се дел од моите корени!), создадовме уште по една едночинка со колегата Југослав. Покоен Диме Станковски пак ги режираше, под наслов „Грешните се утешија“. Овој пат побегнав од мојот воз. И отидов на една нива, скапоцена нива, наследена од дедовците, која гордиот Коте не сакаше да им ја даде на Американците ни по цена на својот живот. Не мислам дека тогаш бев нешто претерано видовит. Само сакав да покажам дека секој од нас сака да биде Американец и дека кога-тогаш секој од нас ќе ја даде својата нива. Затоа што, конечно, секој има своја цена. Па и Лепа Брена.
А во мојот реален живот, никогаш немав своја нива. Не наследив такво нешто. Моите претци немаа ниви. Живееа во Скопје. Прадедо ми Петре Бакалот имал огромна бавча кај денешна Алумина (кога тој дел бил периферија на Скопје). Арно ама, му ја зела државата. И не му дала ниту денар. Ќе ни ја врати. Еден ден. На Куково лето…
И навистина, поим нема зошто сето ова го напишав, кога денес е Митровден и кога многу луѓе јадат, пијат и пеат на оваа слава… Нека е за многу години!
Огнен Неделковски

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена