КОГА НЕМАВМЕ ИНТЕРНЕТ… КОЛУМНИ ЗА ДУША : СМЕТКИ
Дефиниција за сметка: лист со неколку бројки и неколку штури и нејасни објаснувања, кој предизвикува главоболка. При прво читање. При второ читање (како Закон). И при плаќање. Согласно дупката во семејниот буџет. Како во диспозитивот на семејната одлука за штедење…
На времето, кога дедо Анте одеше по Земјата југословенска, сметките ги носеа инкасаторите. Како штрковите што ги носеа децата. Од врата на врата. Ѕвонеа долго и упорно, знаеја кое семејство во колку часот руча, кога оди на викенд во Сарај, а кога се крие и ѕирка низ шпионката. Не знаете што е шпионка?! Па, вие ништо не знаете. Порано на секоја врата во станбените згради имаше уредно испишано име и презиме на домаќинот, број на станот и шпионка, од која можеше уредно да се осуети секој несакан гостин или инкасатор. Никогаш не сфатив со кои апаратчиња ги испишуваа тие сини или зелени букви на вратите? А подоцна инвенцијата и технологијата одеа чекор напред, па добивавме и разни курзивни имиња на вратите. Додуша, некаде го пишуваше и името на домаќинката, а некаде само семејното презиме. Па, ти оди гатај како се викаат домашните… Тие што имаа пониски сметки, ги викаа инкасаторите дури и дома, на по една ракија. Тие што имаа послободни и поочајни домаќинки, ги пуштаа инкасаторите и во спалната соба. Ама, тоа е колумна од друг жанр…
Сега се други времиња. Демократија. Никој не смее да го загрозува семејниот мир. И да ги задоволува очајните домаќинки. Умре тоа. Сега постојат нови начини на подмирување на долговите. Не, не со безбол палки! Никако. Тоа е од камено дома. Кременко така наплаќал доспеани долгови. Или плаќаш, или извршител. Со камата. Затезна. Да те затегне како вратоврска на слава (некои ги викаат кравати!) Крава ти, крава јас! Сега, овластени службени лица, нежно ги спуштаат сметките во сандачињата во влезовите. Некои паѓаат на плочките, некои ги кинат децата, некои успеваат да стигнат и до домовите. И до предизвикаат главоболка. И џебо-болка. Поточно, џеботрес!
Во Заедницата на станари во која што живеам (нема да ја именувам, за да не навалат обожавателки!) редовна е само сметката за скали. Односно за чистење и одржување на влезот. А скалите се лом. Не се ни насетува основната боја. Како да ги сликал Пикасо. Порано, веројатно како социјалистичко ехо, се појавуваше на врата еднаш месечно еден бушав сосед и ни бараше по 100 денари. Потоа зголеми на 200. А кога ја формираа Заедницата на станари, неочекувано цехот достигна и рекордни 500 денари. Толку често не се менува цената ни на барелот нафта.
А најсмешно е што, одвреме-навреме, пред лифот осамнува некоја реклама. Гардероба. Чизми. Парфеми. Свашта. Кој ја нарачал таа реклама? Кој ја платил? Каде завршиле тие пари? Многу прашања, кои не заслужуваат одговор. А можеби одговорот е даден на некој состанок на Куќниот совет. На кој јас не сум бил присутен. А не сум бил на ниту еден…
Не, најсмешно беше кога мојот пријател Владо (не смеам да го наречам мајстор!) еднаш влета возбудено кај нас дома и викна: „Ајкули! Ајкули!“ Помислив дека видел ајкули кога бил на одмор во Неа Мудања, но набрзо се испостави дека целиот наш лифт го излепиле со некои реклами на филм со ајкули. Или нешто слично. Језиво. Се возиш во лифт и од сите страни те демнат настрвени ајули, спремни за на стоматолог. Да, има соседи кој не плаќаат сметки. Од принцип. Има еден што не платил цели 6 месеци. Нормално, затоа што постојано е на пат: по сите мориња, прави анализа чија вода е најсолена? Аналитичари на секој чекор.
Пред двеипол децении, ни доцнеше една сметка за струја во куќичето позади Универзална. Му понудив на татко ми да пресметам колку ќе платиме за струја. Прифати. Се зезна како фока. Го утврдив просекот на плаќање според сметките од претходните месеци и почнав со математички операции. По тричасовно математичко препотување и анализа, весело врекнав: „Тато, ќе платиме околу 700 евра!“ Ме пресече со тоа очите филџански, како со најостриот јатаган од претходната колумна. Врисна: „Марш, будало! Оди пишувај си песни и што подалеку од математика!“ Следниот месец стигна задоцнетата сметка. Беше 1200 денари. Какво време дојде, не можеш ни услуга да направиш?! Сите се на раб на срце…
Нејсе, доаѓаме и до сметките кои ги имаме пред Господа. Како ли се плаќаат? Замисли одиш таму горе, бап некој шалтер и ти вика: „За да ги откупиш тие и тие гревови, треба да платиш толку и толку.“ А ти немаш ни денар. И сега? „Може ли со картичка?“ – прашуваш како во маалска биртија. Ти велат: „Јок! Онли кеш.“ Затоа не е лошо освен пари, во џебот на покојникот да се кладе и една дебитна картичка. Дебитна, дебилна, мастер, тастер, што и да е… Може и на оној свет има трансакции, сметки и извршители. Иако, тие ретко умираат, во последно време. Повеќе умираат уметници. Не знам зошто?
Јас лично, цел живот се водам според старата латинска поговорка, која гласи: „Чист рачун – дуга љубав!“ Да се знае.
Инаку, ова е моја 22-ра колумна. А 2 двојки за таблаџии е… Не ми текнува. Зар ко зар. Имаше шеш беш, дубара итн. Сега можело да се игра табла и онлајн. Бог да чува и да брани. Прво ги укинаа маалата, па сега и таблата стана смарт. Не знам како изгледа тоа чудо? Без сеирот, кога ќе му го видиш лутиот сурат на противникот кога ќе го растуриш?! Стој, Стале, нема веќе турцизми! Инаку, верувале или не, таблата била измислена во Иран. Јас мислев дека таму знаат само да водат војна со Ирак…Едно време знаев да играм табла, ама заборавив. Немам време. Најубав изговор од Вардара па до Триглава. Никој нема време во Скопје. Сите се зафатени. Од 8 до 13 часот пијат кафе, а од 13 до 19 часот – мезат. Во меѓувреме работат.
И не гледа мојата анама САН турски серии. Јок! Ве излажав минатиот пат.
И јас не гледам фудбал. Скоро ич. Еве, веќе две кола не гледам чешко првенство… Сус!
Огнен Неделковски
Коментарите се затворени