КОГА НЕМАВМЕ ИНТЕРНЕТ- КОЛУМНИ ЗА ДУША : СНЕГ И БЛЕН
И оваа колумна морам да ја почнам како што ја завршив претходната. Со демант. И со извинување. Да не речете дека нон стоп лажам, во пишана форма. Имено, минатиот пат напишав дека при онлајн играњето табла не се гледа лицето на противникот, но веднаш бев демантиран од внуката Ивана, која живее и работи во Лондон. Таа ми го напиша следново, цитирам: „Оги, не само што можеш суратите да им ги видиш на противниците, туку уште полошо – можеш маж да најдеш. Како јас. Играјќи онлине табла, на пауза од учење за последните 4 испити.“ Завршен цитат. Ете, драги мои, таблата е и понатаму социјален зближувач помеѓу младината. И не саде овде, и не саде тука. По цел свет.
Ги пишував овие 50 и кусур редови бело, во исчекување на годинешниот снег. Пред неколку дена рекоа дека попладнево ќе падне првиот снег во Скопје. Прочитав на 28 сајтови. Како ударна вест. Што би рекло едно мое виртуелно другарче: „Ќе падне, кога на пензионер ќе му стане.“ Малку вулгарност не е на одмет, не? Тоа утро, станав во 6 часот, брзо се затрчав кон пенџерот и притоа внимателно го наштелував фотогрејот на моите цвикери (купени во „ВИЗИА“), плашејќи се да не ме заслепи снежното белило. Како на времето, Бојан Крижај и Борис Стрел. Кој ги памти, знае за што зборувам… Нејсе, гледам низ џамот: суво, шпар. Ни б од најавеното белило. Си реков: „Оливер, врати се!“ Ама, да не мешаме политика сега, не… Ни метеорологијата не е тоа што беше понапред! Ветер и магла и таа се стори.
И лани рекоа дека ќе падне невиден снег и ќе покрие и село и град, и река и брег. И дека ќе се стопи околу 15 јуни, од што ќе биде толку голем и одржлив. Од сето тоа, погодија само дека ќе биде невиден снегот. Имено, никој не го виде! Цела зима. Пак лажам и тоа веќе ми преминува во навика. Лани кога рекоа дека ќеврне снег, си ги спремив чизмите купени во времето на БЦ, топлите ракавици со кинеска плетка купени во времето на ЉГ, го скрив клучот од колата, за да не паднам во искушение да ја запалам, спремив дрвен ратрак за чистење пред влез итн. Кога конечно заврна историскиот снег, и кога натрупаа околу 5 цм, решив да го користам јавниот превоз, како не би дошло до несакано лизгање по скопските улици со моите комбинирани гуми, марка Јумко или Кумко (не се чита од излижаност). И посакав да фатам 22-ка. 22 минути ја чекав на автобуската постојка. Изгледа, чекаш толку минути колку што е бројот на автобусот, а? Пу, да знаев, ќе си чекав 4-ка. И конечно во далачеината, од кај Мостот ОН, се појави црвената фаца на мојата 22-ка. Беше преполна. Немаше каде мобилен да се фрли од луѓе. Застана сто метри подалеку од постојката, се симнаа две ученички и си продолжи. Нејсе, на работа стигнав околу 9 часот. Дотогаш се стопи снегот. И каде во Европа со ваков јавен превоз?
Снег. Брег. Стек. Век. Мек. Шрек. Тег. БЕГ. Џек Мевосек. Има многу малку едносложни зборови во македонскиот јазик. Голем проблем за авторите на стихови. Композиторите, по урнек на англиските песни, сите стихови во песната или фрази, ги завршуваат со еден тон, кој си бара едносложен збор. Инаку, би звучело бугарски. Што не е лошо, при некоја идна бугаризација и при заедничкото славење на сите празници. Ѓаволски е тешко да напишеш текст со едносложни зборови и тие да звучат нормално, романтично или содржински издржано… Тоа го знае секој наш текстописец. Колегата Ѓоко Георгиев, кој е апсолутен рекордер во објавени текстови за песни (околу 3 илјади!), во немоќ да најде соодветно и неизверглано решение за некој едносложен збор, го измислил зборот „блен“. Во прво време, тој збор не значел буквално ништо, но со тек на време (по неколку користења на овој збор во песни), тој си го нашол свеото значење. За да се уверам во тоа, го отчукав зборот „БЛЕН“ на GOOGLE, (или на ГОГОЉ, што би рекол Кала Маки Баџанаки) и дигиталниот речник на македонски јазик ми откри дека зборот „блен“ значи мечтаење или сонување и дека е еквивалент на англискиот збор „daydreaming“. А кај употреба, пишува: „поетски збор“. Ма, немој!? Кој би рекол?! Така што, аферим, колега Ѓоко и вечна ти слава. Голема работа е да измислиш некој нов збор во некој јазик. Па макар бил и едносложен. Мене досега тоа не ми успеало. А стопати сум бил во потрага и во потера по добар едносложен збор, а да не е: ден, цвет, сон, гром, бол, вол, свет, ред, пет, мед, збор, хор… Во песната „Усни како мед“, која пред многу години ја правевме заедно со композиторот Ванчо Димитров, морав да употребам точно 23 едносложни зборови! Што е многу, многу е! Кој не верува, нека преброи! Песната ја пее Христос Елинидис. Викан Рус.
Кога и да падне снегов годинава, повторно ќе предизвика големо изненадување за Македонија пат. Не знам што вели Договорот за ова мошне битно прашање и дали ќе се смени и ова име? Експерти, дали новото име ќе гласи: Северна Македонија пат?! Студио?
Инаку, кога бев дете и кога ќе паднеше снег (а паѓаше секоја година, веројатно по директива на ЦК СКЈ), правевме Снешковци пред зграда. Ќе го правиш Снешкото пет саати и кога ќе се прибереш дома, ќе дојде некоја будала и со еден мајагери потег ќе ти го уништи целиот уметнички труд и ангажман. Што да правиш кога типот го гледал Брус Ли, претходниот ден во Кино Бутел?! Секогаш сум се восхитувал на огромните снежни градби во Бунец, кои ги имам гледано на некои телевизиски прилози. Секоја чест. Зимски град. Уметност. Снежна убавина.
Како деца практикувавме и мавање со снежни топки, а некои копуци ставаа камен во истите, со цел да ти ја дупнат главата кога ќе ја погодат целта. Правевме и „слики“ во снегот… Легнувавме со целото тело во снегот и остававме трага во него. Тогаш имаше и една благородна идеја: „мавањето со снежни топки по автобуси на автобуските постојки“ да се воведе како нова дисциплина на Зимските Олимписки Игри. Ама, предлогот не помина во МОК.
Како стареам сé повеќе го мразам снегот. Ме потсетува на проблеми. Лизгање по тротоари, како да сум Сандра Дубравчиќ (кој знае – знае!). Пад, со последици по колковите или екстремитетите. Кал до глуждови, кога ќе почне да се топи, а тоа е утредента итн. Што би рекол текстот на нашата овогодишна песна на Детски Евросонг: „Не сакам да врне, сакам снег да паѓа…“ За жал, Европа повторно не ни ја разбра пораката!
Останете со нас, време е за новогодишната „Џингрлака џикица“! И музичарите треба да живеат од нешто. И да јадат чоколади. Од сега, па до Стара Нова година, ќе трае нивната зимска жетва. Нека се угоде!
Во меѓувреме, падна првиот снег. Не се оди по улици колку навеа…
Огнен Неделковски
Коментарите се затворени