КОГА НЕМАВМЕ ИНТЕРНЕТ…КОЛУМНИ ЗА ДУША: ЧАО, 2018!
Дојде време да ја чекаме Новата 2019 година. 2018 година, како таква, не беше лоша. Беше солидна година. Донесе чист воздух, К 15 за секој работник, најава за зголемен данок, (не)успешен Референдум за името, име за референдумот, контејнер во најава за секој пратеник, прво место на Македонија во Лигата на нации (во ШЉ дивизија), Преспански договор и преспански јаболка за бадијала, историски пораз од Грција во ракомет, закон за амнезија (пардон, амнестија!), сребро за Хрватска на СП во фудбал, 25 нови и незаборавни турски серии, ора и чочеци на автопатот Демир Капија – Смоквица, донесе спектакуларно бегство во победа на лицето НГ (види богати, има исти иницијали како Нова Година!), донесе навредени кучиња и гризнати граѓани, донесе нов линдан во ОХИС, брош за Могерини, улица за Столтенберг, гостување (и одлив на неброени девизи) на целата српска бул-шит фолк естрада, протестен марш на сексуалните работнички, Нобеловци во најава, нов Аеродром, викан „Пријателство“, ТВ Нова затвори – 1ТВ отвори…
Светот го напуштија: Оливер Драгојевиќ, Ванчо Петрушевски, Мите Грозданов, Тихомир Бачовски, Горан Стефановски, Љубиша Георгиевски, Блаже Ристовски, Љупка Џундева… Нека прости некој ако не го споменав. Се родија и многу деца, ама нив ќе ги споменам за едно дваесет години, кога ќе направат нешто во животот. И кога ќе станат познати.
Лично за мене 2018 беше интересна година. Напишав многу текстови за песни (некои дури успеав и да ги уновчам!), моите најблиски беа здрави и живи (фала му на Господ!), бев на море, јадев здраво и нездраво, пиев умерено, закачив висок притисок и почнав да пијам КО ПРЕНЕСА лајт од 4 мг, за почетници. Создравје да си ги носам! Купив два пара чевли (репариравме кај еден чевлар во Карпош 4 уште толку!), Соња ми купи пет-шест кошули од кај Жаки, три рала панталони и едни фармерки, јакната си ја носам од лани… Живеам уште на истата адреса, со поглед на Вардар. Почнав да пишувам колумни на овој почитуван сајт, и да, денеска кога ќе ги читате овие редови, јас ќе го бранам мојот магистерски труд на ЕСРА, на тема „Тајно моја – како да направиш мјузикл во Македонија“. Поздрав до комисијата, во состав: Јордан Плевнеш (ментор), Мимоза Рајл и Гоце Ристовски. Примате ургенции или да го загреам повеќе столчето? Да, се надевам дека следната колумна ќе ја потпишам со м-р. До д-р не планирам да стигнам, барем не наредните 24 години. Толку години поминаа од моето дипломирање на ФДУ. Би звучело баш без врска „д-р Огнен Неделковски“?! Доктор Огнен. Некој може ќе очекува да го прегледам? А доктор по драматургија е уште подебилно.
Планирав оваа колумна да биде посветена на процесот на чекање, кој одзема околу 50% од нашите животи, ама се предомислив. Односно, актуелниот миг си го направи своето. Па, Нова година е, мајку му стара! Најлудата ноќ е пред нас. Се надевам дека ќе ја дочекаме лудо и незаборавно. Како сите претходни годиништа.
А што да очекуваме од 2019?
Хм, човек треба да е видовит за да прогнзира било што…
А јас не можам да погодам два меча од Премиер лигата, а камо ли што ќе се случува цела година! На пример, кога играм Фулам – Евртон гол-гол и три плус, тие завршуваат мирољубиво 0:0. Пак лажам, и тоа веќе не е убаво. Ни хумано. Немам уплатено ливче од Светското првенство, кога играв конечен резултат Србија – Швајцарија 0:0, а Митровиќ доде гол во 5 минута.
Како и да е, очекувањата се убава работа.
Очекувам, преди се, здравје за мене и моите најблиски. Ондак: мир, љубов, соживот и верска толеранцира, разбира се. Очекувам на претседателските избори да не победи некое растение, ни животно… Очекувам на СП во ракомет Македонија да стигне барем до полуфиналето, конечно да избереме саглам пејач за Евросонг и да се пласираме во финале во Израел, очекувам просечната плата да кокетира со сумата од илјада евра, сметките и цените да се намалуваат, а љубовта да расте. Очекувам да се укине мораториумот во Општина Центар, а баце Ранко да ме награди на Златна Буба Мара, за било што. Очекувам… Ма, кој ме праша што јас очекувам?! Ќе биде – тоа што треба да биде. Само да сме живи и здрави и да можеме и догодина да правиме ваква рекапитулација на 2019 година.
Деновиве читам некои ступидни хороскопски најави за секој знак во 2019. Глупости во раскош. Како може некој да знае дали ќе се вљубам во август и дали ќе ме чеша левата рака во ноември? И тоа да важи за сите Водолии во светот. Замислете сите Водолии во светот да ги зачеша левата рака на 15 ноември во 10 часот или сите Водолии да се вљубат на 3 август во 12 часот? На што би личело тоа?
И да, очекувам во 2019 година некој театар конечно да постави некоја моја пиеса. Не мора хонорар. Хуманитарно. Многу барам, а?
Доволно се дружевме во 2018 година. Се надевам дека многу не ви здосадив со моите приказни за времето кога немавме Интернет и кога седевме на тротоар и ни висеа нозете? Ако не сум во право и ако ви дојдов преку глава со моите спомени, со вујко ми Симо, со Тито, со Макфест, со Манце, со Екран и со турските серии, ќе чекаме Прочка и ќе ви побарам да ми простите. Таман?! Тас таман.
Чао, 2018-та! Добро е што пак нема да се видиме!
П.С. Ја користам оваа прилика да го поздравам мојот баџанак Чеде, балдската Бети, како и внуците Драган и Јордан. Од нивната успешност, ќе зависи и мојата 2019 година. А и многу следни години…
Огнен Неделковски
Коментарите се затворени