КОГА НЕМАВМЕ ИНТЕРНЕТ- КОЛУМНИ ЗА ДУША : Јануари
Првите часови во 2019 година. На усните талог од наливно црвено вино. По кошулата и панталоните мирис на никотин. Во желудникот се доварува руската салата и му отстапува место на младото прасе. Да потрча кон цревата. Џебот попразен за 81 евро, колку што чинеше новогодишната лумперајка. Полни се џебовите што ги имам околу забите. Доктор Чакар вели дека не се лечеле. Создравје да си ги носиме. Во ушите некој розев акорд од некој хит од осумдесетите (Фала Мистер Џек). Извини, Цецо, Јецо и Лукас Аца, вечерва не ве слушав. Преполно кафуле, само келнерката ми честита Нова година. Порано секој со секого си честиташе во угостителските објекти. Сега не е така. Луѓето се плашат да шират нови познанства. Отуѓени се, до бескрај. Загледани во своите чевли, пардон мобилни телефони. Никој нема време за никого. Сигурно се секираат за името…
Но, добро е… До мене е жената што ја сакам. Прво ја бакнав неа во Новата година. Ги помирисав нејзините руси коси. Одиграв едно танго, без да ја згазам. Не е лошто за почеток, а? Со нас се и Ека и Сашо. Прекрасно друштво, за прекрасни мигови. Ех, да имам сега една жижица. Како некогаш. Да ја запалам и да ја гледам како гори во раката. Постојат ли уште жижици? И дали се викаат се уште така?
02.40. Фајронт. За мене и мојата повесела половина. Фала ти, Соња, што ме спаси и што ја отпеа пред сите (место мене) „Во коси да ти спијам“. Газдата Горан Мичо мислеше дека ако пишуваш текстови, треба да знаеш и да пееш. И ме повика пред сите да го победам срамот и да ги забавувам. Негова среќа што не запеав. Нема толку врати за брза евакуација на присутните. Нејсе, мина и оваа најлуда ноќ.
Излегуваме на улицата. Со десна нога. Скопје. Мојот роден град. Добро е, уште сум во него. Признавам, некогаш помислував да заминам во странство. Но, не е тоа за мене. Ќе ме дотепа носталгијата. Го сакам овој град. Таков каков што е. Со сите мани. Мој е.
Немам друг. Можеби некогаш, за едно триесет и кусур години, градските татковци и очуви ќе наречат некоја улица со моето просто име?! И некои идни средношколци ќе се чекаат на улица „Огнен Неделковски“, ќе се бакнуваат на некоја клупа и ќе пеат некоја моја песна… Си ласкам. Овој народ кратко памети. Или памети само политичари. Но, ова не е муабет за јануари. Ни за прва колумна во Новата година. За разлика од Балашевиќ, јас го сакам јануари.
Со погледот барам ѕвезда по небото. Да помислам желба. Небото не се ни гледа… И тоа одбива да соработува. Празни улици. Тишина. Мириса на барут. Од петардите, разбира се. Ко бајаги секоја година ги забрануваат, а се продаваат на секој семафор. На само стотина метри, Парни ваљак го довршил својот настап. Хус трие раце и смислува нов рефрен, а Аки се мисли дали беше поубаво старото Скопје?
Оваа рокерска ноќ, штркот слетува во Скопје и го носи малиот Ведран. Ведро име за ведар почеток на ведрата година. На времето, кога дедо Анте гореше жижици, првото новородено дете во Новата година добиваше телевизор. Замислете како изгледало тоа кога тројца го качувале по скалите огромниот телевизор до собата на среќната родилка на Клиниката за гинекологија и акушерство? За да некој скиснат политички лик се фотографира пет секунди со другарката, малото во пелени и телевизорот за потребите на единствената Телевизија Скопје. Сега се други времиња. Малиот Ведран доби штедна книшка со 20 илјадарки, огромно плишано мече и бонбониера (се надевам без поминат рок на траење). Телевизор не доби, а можеа да му донесат една поголемка плазма. Со могучност за интернет. Сега не се толку тешки, како на времето. Доби и аманет, да ги прима редовно сите вакцини. Што знае дете што е политички маркетинг.
Како изгледаше први јануари пред многу години? Да, тогаш кога немавме интернет. Не, не пцуевме по операторот заради слабиот сигнал, туку немавме. Никогаш немавме. Цело детство и цела младост. Да, ги поминавме без интернет. И ете, живи сме.
Се сеќавам редовно пред Новата година дедо ми Филип и баба ми Цвета ни носеа големи торби со ликот на дедо мраз, преполни со чоколади од Краш. Јас пишував некои мали честитки, со елки, дедо мразовци, снегулки и по некој ирвас и ги ставав во поштенските сандачиња на моите другарки и другари. Сите живеевме во иста зграда, само во различни влезови. Беше лесно за пола саат да ги поминеш сите влезови и да им честиташ на сите. Да, и моето сандаче беше полно со нивните убави мисли и желби. Единствено другар ми Ване живееше подалеку, па не можев да веслам толку, дури до почетокот на „Џон Кенеди“, за да ставам новогодишна желба и во неговото сандаче.
Им помагав на татко ми и мајка ми да ја исецкаме ситно руската салата, а истовремено мајка ми ја правше и новогодишната торта. Со години ја превеше истата торта, „Теодора“, па еден ден, внимателно, за да не се навреди, ја замолив да го смени рецептот и да направи некоја овошна торта. Се разбира, ме послуша.
Самиот дочек ни беше шаблонски, долги години. Легнувавме околу 17 часот, за да можеме свежи да ја пречекаме Новата година. Брат ми редовно се бунеше зашто мора да спие на ручек. Мене не ми пречеше тој одмор. Станувавме околу 19.30 часот и ја местевме масата во дневната соба. Таа беше бојно поле за сите наши убави моменти. Убав нов чаршав, задолжително кикирики (кои мајка ми ги печеше, со многу сол), руска салата, домашни празни куфлички со ким, домашни ванилици со џем од сливи и се разбира, свинско печење. Исечено на тенки парчиња. Домашен сок на растворање, пиво за татко ми (со зелено шише), кисела вода и шише Витач (за мајка ми). Во тоа време, во една гајба со пиво имаше 19 шишиња со кафеава боја и едно шише со зелена. Никогаш не разбрав зашто луѓето го бараа токму тоа зелено шише? Татко ми тврдеше дека тоа пиво има поубав вкус…
Во 20 часот почнуваше новогодишната програма на Телевизија Скопје. Прво беше детскиот блок. Редовно татко ми беше уредник или сценарист на тоа издание. Малку драмско дејство, малку детски песнички, беше интересно, пригодно, новогодишно. Потоа почнуваше новогодишната програма, по принцип: ред скечови, ред музика. Ред народно, ред забавно. Кога се појави втората програма на МТВ, веќе имавме избор. На прва одеше монотоната новогодишна програма, правена според истото клише, а втората програма беше задолжена за новите музички трендови, македонски рок групи и по некој странски спот, симнат од MTV. Околу полноќ, следуваа чочеците во изведба на Ферус. Го покажуваа часовникот, одбројувавме и доаѓаше новото лето.
Потоа станувавме, срдечно си честитавме Нова година и по половина час, ги облекувавме пижамите и се одјавувавме. Кога влегов во пубертет, го користев моментумот што во мојата соба беше телевизорот. Кога сите ќе заспиеја, го пуштав телевизорот и околу 02 часот ги следев новите доживувања на госпоѓа Емануела.
Ех, времиња…
Огнен Неделковски
Коментарите се затворени