Колумна: Креирам, живеам – Простување, највозвишената љубов
Ќе чуете често – простувм, ама, не заборавам. А да сакате да заборавите нешто, некој кој ве повредил, намерно или ненамерно е израз на највозвишената љубов кон самиот себе си. Едноставно е, никогаш не сакам да се сеќавам на настани и луѓе кои ме повредиле со збор, мисла или дело. Ги потиснувам некаде во својата потсвест, како никогаш да не се случиле, ги заборавам и продолжувам.Тоа е мојата магична, чудесна животна вештина која многу ми помогнала во процесот на самоосознавање и градењето на подобрата , најдобрата јас.
Среќна и неоптоварена со багажи од минатото, кој кога ми рекол нешто, напарвил нешто, измислил нешто, навредил. Со луѓето особено внимавам, без разлика дали и тие се внимателни, и кога свесно и отворено ќе искажат некои забелешки, критики, моето его го држам под контрола, го препознавам кога сака да се јави, го смирувам и се убедувам себе си: пушти ги, тоа го знаат најдобро, кога би знаеле подобро, би биле подобри. Јас останувам иста која што сум, се трудам и се водам од возвишената мисла: Доброто со добро се враќа. Не сакам омразата, реваншизмот ја гризе мислата, го бранува умот со неубави мисли, ја разболува душата и предизвикува здравствени проблеми. Така ми е лесно, убаво и мирно во душата. Сонот ми е мирен, спокоен, не се оптоварувам како да им вратам и што да им кажам… Не ги носам како тешки товари, се растеретувам со простувањето. Лесно ми е. Поважно и најважно ми е јас да сум си среќна, отколку да бидам во право и да докажувам секому.
Безбројни настани со негативно искуство, повреденост и тага сум ги надминувала со едноставното простување. Бев директор на основно училиште во кое по завршувањето на мандатот беше назначена личност со која не сум имала некој директен конфликт или јавно искажана нетрпеливост, но од само за неа познати причини лажно и невистинито ме обвинуваше по инспекторати, оштина… Никогаш, ама ни во една ситуација не сум ја повикувала да и се заканувам, да ја заплашувам или пак да и правам притисоци, иако сум можела. Но, јас одбирав да и простувам бидејќи ја сфатив и разбрав каков карактер и личност е, и дека поинаку и подобро не умее. Зошто да трошам непотребна енергија за да и докажувам дека не е во право кога знаев дека немаше ништо од нејзините обвинувања, бев сигурна во себе за сопствената вредност и за моите добронамерни и професионални одлуки и однесување.
Така мислев затоа што особено сум била и сум претпазлива во начинот на комуникација со луѓето. Многу од нив и денес ми се драги пријатели и колеги со кои носталгично се сеќаваме на едно време во кое сме имале взаемна почит и разбирање. Едноставно?
Како може да е едноставно, ќе прашате. Полесно е кога вие не живеете со омразата и желбата за одмазда. Простете секому затоа што тие не знаат поинаку, подобро, ако знаат не би ви згрешиле. Нивните постапки зборуваат за тоа какви луѓе се, а, вие олеснете си и живејте во љубов за себе, со себе и со другите околу вас. Простувањето е всушност највозвишената форма на човековата љубов, а, вие одлучете да бидете среќни, наместо во право. Простено нека е!!!
Наде Молеровиќ, мотивациски тренер
Коментарите се затворени