Мојата кујна: Пита хармоника со вишни
Овој рецепт го видов на некој од тв-каналите за храна, ми се стори ептен интересен и лесен, плус е пита, деликатес што ми го развеселува животот. Велам, изгледаше лесно додека го гледав, ама на „терен“, кога почнав да го правам, не бев сигурна дали сум на вистинскиот пат.
Среќа, заврши со хепи- енд и додека го пишувам ова, си каснувам и се мезам со миризливата и сласната пита.
Инаку, најважно е корите да се тазе, да можат да се виткаат како хармоника: потребно е 500 гр кори, 300 гр вишни или било кое друго смрзнато овошје, 2 пудинга од ванила, цимет, масло.
Процедурата е следна: на тавче премачкано со путер се ставаат две кори, тоа е базата. Потоа внимателно се земаат по две кори кои се виткаат како хармоника. Една до друга, како војници се додека не се потрошат сите и додека не се исполни тавата. Се разбира дека корите се изместуваат, ќе ги прередувате и ќе се обидете да изгледаат складно.
Потоа помеѓу нив ставате понекоја вишна- јас ги одмрзнував во една чинија, наросени со ванилин, обичен шеќер и цимет. Сокот што го испуштија црешите го испив, и така освежена го нредив овошјето.
Сега финалето: го мешате пудингот со млекото и шеќерот, но не го варите, и внимателно, да не ги изместите корите го сипувате филот помеѓу корите, и на крај го ставате одозгора. Питата малку се потресува и за да упие од пудингот, треба да отстои 15 минути. На крај се попрскува со масло и се пече околу 40 минути.
Питата можете да ја наросите со шеќер во прав, јас немав, па ги оставив со оригиналниот изглед. Питата ќе ја пробате откако ќе се излади: бидете трпеливи, се исплати затоа што вкусот е – фантастичен.
Текст и фото : Вања Тодоровска
Коментарите се затворени