Мојата Кујна: Чорба од кисела зелка
Не така одамна, кога по дома бевме сите на број, во едно џиновско буре, татко ми киселеше зелка. Тоа беше процедура што со години стана традиција и ритуал – купување од „најдобрата зелка од Бардовци“, марифетлуци, сечњече, правење, пустење… Инаку, тоа буре беше апсолутно волшебно и јас нагалено го нарекував „здравец“: во зима пиевме царска, како боена розе расолница, се давевме во сарми и подварок и во нешто навистина посебно- чорба од кисела зелка.
Се сеќавам на ликот на татко ми кога го опишуваше вкусот на чорбата- целиот беше емоција, се топеше додека ја величеше зелката, и токму затоа оваа чорбичка, за враќање во нормала, ми е нешто како дел од семејство. Од наште гастрономски личотии.
Мерките и тука се „од око“- киселата зелка се сечка- на ситно, а потоа се вари во расолница. Ако е многу кисела, вкусот се подесува со вода. Во текот на варењето се додава кромид, суви пиперчиња, бибер во зрно… Мајка ми, пред да ја заврши додаваше бела запршка, со брашно и масло, а јас ставам рендан варен компир, така чорбата е густа и ве предизвикува на „репете“. Бидејќи сакам луто, секогаш пред да ја нурнам лажицата во чорба, додавам буковска пипер.
Тука ќе застанам зошто мене оваа чорба ми е повеќе од оброк: тоа се куп спомени што уредно ги диплам и повторувам плашејќи се да не ми летнат.Таа семејна сплотеност сосема ми ја обликуваше гастрономската страст и сласт.
Ако ви недостига носталгија, пробајте, можеби токму оваа чорба ќе ве предизвика да џбурнете по стари, семејни рецепти.
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени