10.8 C
Skopje
петок, јануари 31, 2025
spot_img

Мојот стил. Ќазим Асотиќ: Елеганција и џентлменство

Првата асоцијација за облеката и стилот на Ќазим Асотиќ, прв фагоист- солист во оркестарот на МОБ е елеганцијата а херојот на овој текст гардеробата ја носи со голема самодоверба на која и дава сопствен белег. Костуми, сакоа, уредна фризур, брада и – искрен поглед, како што вели тој, ја издаваат чистотата на душата.
Џентлменството е скала погоре, и него го стекнал благодарение на мајка му, а подоцна – во директна „соло надградба“ на себеси.

Гардеробата е моќен медиум врзан за визуелната комуникација, но таа е само дел од целата приказна: облеката е можност да кажеме што криеме во себе. Според вашиот стил на облекување, имам чувство дека се во животот Ви е „скоцкано“, средено и – под контрола?
– Животот започнува секое утро. Самото будење носи порака дека на дланка имаме уште еден прекрасен ден, да го живееме со полн здив споделувајќи моменти со другите околу нас. И тој ден а и секој следен, зависи од нас- дали ќе дишеме со полни гради среќа и љубов или ќе потонеме во темни мисли. Малата насмевка можеби зад себе крие големи солзи но, кому е тоа важно? А, облеката го чини човекот – рекле старите, така?Да, можеби секое утро не ми е идеално но, „скоцканиот“ ден доаѓа по првото „лично“ кафе.

Костумите, сакоата се вашиот заштитен знак. Со ваков дрес код би поминале буквално секаде но дали динамиката на вашата работа се одразува врз облекувањето?
– Стилот на животот секогаш сами го одредуваме. И, секогаш се трудиме да бидеме забележани и со свој белег во општеството. Разни луѓе – разни перцепции на нашето присуство. Стилот на облекување што го применувам одговара на моите години но, и на моето присуство во културата и културното битисување каде што припаѓам. Со оглед на тоа, како ликот на една институција се одразува според кодексот на облекувањето, тогаш нескромно ќе речам – ја правам точната работа. И, пак нескромно – затоа и сум забележан најверојатно.

Кои се најчесто употребуваните бои што ги користите? На што најмногу обрнувате внимание?Изгледот на костумот може или да се обнови и разубави со изборот на кошула ама и со чорапите. И секако, сето тоа не би имало смисол доколку немате средена коса, фазонирана брада и – чист поглед.
– Иако црната, темно сината (тегет) и сивата боја одразуваат некој црно – бел свет, сепак мојот живот е во боја. Омилените бои кои ги одбирам кога облекувам костум секогаш ги комбинирам според распоредот, претходно направен за денот. Зависи од местото, ситуацијата и настанот каде што треба да се појавам. Вратоврската ја користам како момент да го „разбијам“ тој црно – сив момент заедно со бела кошула.
И, тука нормално фризурата и добро фазирана брада го даваат комплетниот изглед и впечаток кај другите. А, искрениот поглед при комуникацијата ја издава чистотата на нашата душа. Директен поглед со блага насмевка и искрена намера некому можат да донесат радост.

Вашата елеганција и начинот на облекување асоцирааат на џентлменство, одамна загубена категорија кај нас. Сите што Ве знаат тврдат дека нема поголем џентлмен од Ќазо. Тоа е претпоставувам заслуга на мајка Ви?
– Воспитан сум да ги почитувам другите, особено дамите. Таа е мајка, столб на семејството, центар на светот. Од секоја жена започнува живот, со прегратка од дама започнува љубов и цел еден нов свет.
Нормално, домашното воспитување е одраз на нашето однесување во општеството. Да, мајка ми ме учеше од мал дека жената е за да се сака и почитува, да се чува како црвена роза под стаклено ѕвоно, затоа што таа можеби ќе го донесе мојот наследник, ќе биде мојата поткрепа.
А, самиот растејќи научив дека жената го буди „оганот“ во мене од кој добивам инспирација секој момент од животот да го направам нота, музика, симфонија…
Да, почитувајќи ја секоја жена, пружејќи љубов на онаа што почитува подеднакво… А, љубовта има разни облици – да не бидам погрешно разбран.
И, благодарам! Сум ги слушнал тие коментари но, зарем навистина тоа е мислењето на дамите за мене? Тогаш јас сум најсреќниот а, син ми иако сеуште млад, ќе биде наследникот.

Да се вратиме на сакоата, костумите и кратка коса: како ви се случи таа промена, бидејќи претходно имавте сосема поинаков имиџ?
– Младост – лудост и малку повеќе зачинета уметност во душата што ја носиме ние уметниците, независно од која бранша во културата и уметноста доаѓаме. Моментот дека треба да си впечатлив во сечие присуство поради работата за мене беше определено време дека можеби долгата коса што ја носев со години и стилот на облекување се мојата „сила“ и начинот како да се наметнам во естрадните води, како менаџер на познати естрадни уметници. Беше време кога создавав и сценски дела од класичната уметност па, сето тоа беше добро скоцкано време за таков стил и појава…
Но, годините си го носат своето, сериозноста на работата и функциите бараа промени па, сменив имиџ. И, за моја среќа тоа е уште повпечатлив момент најверојатно. Текот на модата низ годините и во светот ми направија и услуга во промената. Сепак културата е приоритетот во сечие однесување а, стилот ја одразува истата во одредени периоди од животот.

За крај, кој е вашиот избор кога сте во најрелаксирано домашно издание?
– Наслов на мојот фејсбук профил – ликот на едно општество е културата преку кое истото е претставено“, е фраза која можеби треба посериозно да се сфати доколку сакаме да изградиме култура според која во светот ќе оддадеме печат дека ние сме дел од истиот.
Ликовите кои гравитираат во истата треба да се првите претставници и примери како се создава културно општество еднакво за сите…
Ха ха, сакав да се затскријам зад прашањето дека дома уживам да сум комотен во лесна пиџама, пред телевизор гледајќи добар филм, слушајќи квалитетна музика или читајќи добра книга.
Кога добронамерници ќе свратат во мојот скромен но, секогаш- дом со ширум отворена врата за секого, тренерките се мојот избор за релаксирана атмосфера и убав муабет со добро кафе и задолжителен ручек или вечера… Сепак, тоа е нашата домашна традиција – гостите да ни се сити, и со насмевка да заминуваат до следното видување.

Валентина Вања Тодоровска

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена