8.8 C
Skopje
четврток, јануари 30, 2025
spot_img

Наполнете си го срцето. Да наздравиме!

„Староста не те штити од љубов, но љубовта те штити од стареење“ е константата зад која стои Жана Моро. Како што минува времето, особено кога разбрав дека старењето „не им се случува само на другите“, се повеќе се уверувам во точноста на нејзините зборови. Плус, проверена е на животниот терен.
Денес е денот кој потсетува дека животот е краток, прекраток, како фустан испран на центригуга. И дека треба да се слави.
Искрено, префорсирано ми е сакањето за 14 февруари, денот роден за трговците и угостителите, ама си велам кога постои денот на насмевки, огнени топки, пријатели, непријатели, вљубени чорапи, тетки, птици, нуркачи, кобасици, зелки, дињи… нека живее и Св. Валентин!

И виното и љубовта се најопеаните нешта на светот. Ако ви се разгалува душата кога ќе прочитате некој стих, ќе ви се допадне што напишал Шарл Бодлер: „Длабоките радости од виното, кој ли не ве вкуси? Кој имал грижа на совест да смири, да измами некој спомен, болката да ја потопи, кули во воздух да изгради- огромни се тие вински магии, облеани со внатрешно сонце…“

Го сакам Свети Трифун затоа што е врзан за поднебјето, нашевината, голем дар од бога, и таа емоција се движи по некој ненапишан а логичен ред.
Во виното е сокриен мигот, импулсивноста, со него се лекува срцето, во било која смисла и, токму затоа вреди да наздравиме.
Ден без вино е како ден без сонце. Мојот љубимец Жерар Депардје, кој ме купи со изјавата дека никогаш не е во друштво на жени што ги бројат калориите е во тесна, најтесна врска со овој божји пијалак. „Сакам да му кренам чаша на животот, да велам – на здравје, и нему и себеси“ – е здравицата на овој габаритен човек.

А љубов?
Платон ја карактеризира како сериозна ментална болест, а Фром дека е единствено оправдание за човековата егзистенција. За љубовта, секој па и на овој Свети Валентин, може да пишува до бесконечност. Во заднина на се`, во постоењето, растењето, созревањето и стареењето, секогаш стоела љубовта, бело знаме сред сопствената гордост, сламка за која се фаќаме кога се` друго ќе загуби смисол… Па и Библијата вели- ако љубов немам, ништо не сум…Денес е тажно да ја негираме љубовта, да не му се радуваме на виното.
Да славиме!
Јас ги образложив аргументите и за едниот и за другиот празник. Вашето е да си го наполните срцето и рацете.
Да живееме!

Вања Тодоровска
Фото-PEXELS, PIXABAY

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена