Не можам а да не се изначудам на коментарите, забелешките, „смешките“, сарказам и што се не, во врска со Васил Гарванлиев и евровизиската песна „Here I stand“ со којашто овој музикален млад човек ќе настапи на 65-тото издание на Евровизија.
Песната е чиста емоција, Васил распостлал тони лирика, си ги соголел лузните со боженствен глас, со скротена болка што во својот исконски пат -од трње до рози, раѓа надеж, верба и насмевка. Ме потсети на волкот кој во самотијата се лекува, лижејќи си ги раните.
Ете тоа е химна на издржливоста на современото момче, во иста таква естетика, најинтелегентно стокмена и направена со здружени сили од квалитетни музичари, Борче Кузмановски и Давор Јордановски.
Социјалните мрежи зовреа, повикувајќи се и на Марионка и на инсталација што им асоцира на бугарско знаме… Пандемиска изолација си го направи своето, а рака на срце набилдани сме со „евровизиска кондиција“ од самиот старт: Во 1998 година на Евросонг одеше Владо Јаневски, а луѓето сакаа во Бирмингем да замине Гиш. Потоа, победата на девојчињата од ХХЛ, јавна тајна е – беше идеја на тогашниот уметнички директор, а кога се бореа Пилева и Вучиќ, состојбата во земјата беше поделена на таборите – за Мартин и за Александра. Елена Ристеска, игнорирајќи ги црно на бело телефонските гласови, ги остави да негодуваат Есма и Гаџа… Нацијата беше среќна кога организаторот во 2004 година реши во Истанбул да не` претставува Тоше, но затоа негираа композиторите, слично како и колегите за Каролина, на нејзиното второ евровизиско претставување…И тука ќе запрам, поентирајќи со малото прсте на Каролина што палаво и излегуваше од најубавите сандалки на светот и тоа со првите тактови на „Мојот свет е само музика“ во Хелсинки 2007 година…
Велам, ништо ново, ништо сериозно и ништо лично. Но, тимот реагираше брзо и ефикасно, се со цел да се насочиме на она што нашиот претставник го пее.
Васил, колку што побрзо се привикнеш на овој дел од националниот фолклор, толку помоќно ќе се фокусираш на песната.
Песниште.
И да: иљадници километри далеку од татковината, пушти ја таа твоја насмевка, нека го стопли светот како што не стопли сите нас што ја препознавме твојата победа над самиот себеси.
Валентина Вања Тодоровска
Фото- Мартин Трајановски, Instagram
„Here I stand“: Процес, автори и снимањето
Музиката и текстот се на Васил аранжманот и продукцијата ги потпишуваат Борче Кузмановски и Давор Јордановски. „Here I stand“ се снимаше во студиото FAMES, со оркестар и диригентската палка на Олег Кондратенко, Васил се снимаше во студиото „Подрумот“ на Ангел Ќосев, а придружните вокали се снимани во Чикаго.
Видео записот го отсликува процесот на снимањето на песната , дел од сцените се снимани во Даут Пашин Амам во Скопје, а ги има и кадрите од Културниот Центар во Чикаго, каде Васил поминувал многу време со тамошниот Детскиот Хор .
Спотот во Скопје го снимаа и монтираа Ѓорги Вацев и Борче Димовски од Digital Box, а режијата е на Васил Гарванлиев. За стајлингот се погрижи Signori.
Годинава секоја земја мора да обезбеди снимка од настап во живо на својот претставник, а МТВ во дадениот временски рок успешно го реализираше овој проект во соработка со РТС ( Радио Телевизија Србија ), во едно од студијата на РТС на Кошутњак, Белград, запазувајќи ги сите пропишани стандарди на ЕБУ, кои одговараат на големината на едно музичко шоу и телевизиски спектакл каков што е Евровизија.
Сценскиот настап на Васил го работи искусен тим од Шведска, Тине Матулеси и Мари Рибергер, кои беа задолжени и за сценскиот настап на Тамара Тодевска во 2019-та година.
Костимот за сценскиот настап е дело на костимографот Раде Василев.