Новинарски времеплов на „Охрид фест“. Љубчо Алексовски: Охрид и јас, другари стари
Размислувајќи како и што да напишам за фестивалот „ОХРИД ФЕСТ“, кој оваа година го слави својот 30-ти роденден, одличен шлагворт ми даде дел од текстот на композицијата, „Охрид и јас“, на маестро Александар Џамбазов, која легендарната Тереза Кесовија ја изведе на Скопскиот фестивал, во алтернатива со Миро Унгар, далечната 1970 година:
Охрид и јас,
Судбини две,
Што се нашле,
Во еден миг.
Охрид и јас,
Другари стари…
И, навистина, Охрид, градот музеј, македонскиот бисер и македонскиот Ерусалим и јас сме возрасни, да не речам- стари другари, кои се најдовме многу одамна, некаде на преминот од 60-те во 70-те години. Нашата дружба започна со едно извидничко летување во неговите прекрасни сини прегратки, за да трае, со извесни прекини, се до ден денешен.
Но, бидејќи треба да си припомнам за моите дружби со фестивалот „Охридски трубадури“, кој започна како фолк фестивал, за да по извесно време стане „Охрид-фест“, со Фолк, Поп и Интернационална вечер, ќе се обидам на еден неконвенционален начин, во две три слики, да си ја исполнам дадената задача од мојата пријателка од првите борбени музичко-новинарски редови, Вања Тодоровска.
Слика прва
Во 1994 година се одржа првиот фестивал на новосоздадени македонски староградски трубадурски песни „Охридски трубадури ’94“. Мојата маленкост, како новинар на Македонското радио-Втора програма, тогаш задолжен, покрај другото и за народната музика, го следеше фестивалот кој се одржа во дворот на хотелот „Палас“, во една прекрасна августовска вечер. Сценографијата, како измислена, пејачите на бината, а зад нив бранува Охридското езеро. Тогаш се случи интересна работа, од денешна гледна точка. Ленче Дедејска (се уште не сонуваше тогаш дека ќе стане Кукиќ), со „Течете солзи“ ја доби првата награда од публиката, а Горан Кукиќ со „Дали има пиле шарено“ во соработка со Димитар Масевски како автор на музиката, ја освои првата награда од жири комисијата. А, подоцна си ја „доби“ за невеста истата таа Ленче. Сеќавајќи се на тоа време, помнам прекрасна атмосфера, луда забава до раните утрински часови организирана од церемонијал-маестрото Григор Копров, директор на фестивалот. Пред две години ја запрашав Ленче, денес веќе Кукиќ како гледа на тој прв фестивал.
„Е, Љубчо, воздивна таа, колку убави времиња беа тоа. А не како денешниве, кога јас и Горан едвај спасивме жива глава од оваа пуста корона.Точно е, јас бев прва од публиката додека мојот иден сопруг Горан беше прв од жири комисијата.“
Судбина било.
Слика втора
Во 1998 година на фолк вечерта на „Охрид –фест“ најдобра песна според публиката беше песната „Охрид мој“, на охридскиот пејачки „галеб“, Петар Нечовски, додека жирито за најдобра ја избра песната „Рибари верни другари“ маестрално донесена од Ибуш Ибраимовски. Но, сепак, тој фестивал, таа, 1988 година ќе го одбележи едно момче, крушевчанче, кое подоцна ќе стане најдобриот и најпопуларен пејач на Балканот, а можеби и пошироко, Тоше Проески.
Темата „Усни на усни “ на авторите Григор Копров и Огнен Неделковски, изведена на охридскиот фестивал „ Охридски трубадури “ во 1998 година, уште при самата изведба се почувствува дека ќе биде неговиот прв голем радиски хит. За таа песна Тоше ја доби втората награда од жирито, додека прв од публиката и од жирито беше уште едно златно грло на македонската поп сцена, Сашо Гигов-Гиш, со преубавата „Јана“. Она што ми остави впечаток од тој фестивал се две работи. Прво, како тогаш веќе искусен новинар, ја почувствував магијата што се создаде меѓу публиката и Тоше, при изведба на песната, и веднаш по пробата пред финалната вечер поитав да направам кратко интервју со него. Застанавме до ѕидините на Долни Сарај, и забележав дека Тоше е изненаден што некој новинар сака да направи интервју со млад пејач како него, покрај толку силни и славни музички имиња кои тогаш настапуваа на фестивалот. Ме погледна со оние негови очи на изненадена срна, се насмевна со неговата препознатлива широка насмевка и во присуство на авторот Копров, го направивме разговорот.
Второ нешто што ми остана во сеќавање се случи веднаш по завршетокот на финалната вечер. Додека ние, новинарите, изведувачите, авторите и гостите слегувавме по калдрмата од Долни Сарај кон центарот на градот, за цело време не следеше моќниот глас на Тоше кој, заедно со своите другари, пееше и ширеше добро расположение. Во ноември истата година Тоше ја доби наградата „ Гран при “ на фестивалот „ Еврофест “ во Скопје за антологиската „ Сонце во твоите руси коси “ на авторите Григор Копров и Огнен Неделковски, а јас го поканив да ми биде гостин во Ноќната програма „Ноќна смена“ на тогашната ТВ „Макспот“. Тоа беше негово прво гостување на некоја македонска телевизија, кога впрочем ги направивме и неговите први три спота, кои кој знае каде се изгубија со текот на времето.
Слика трета
Не се сеќавам точно која година ќе да беше, но се мислам дека на тоа издание на „Охрид-фест“ во фолк вечерта доминираше една од најубавите новосоздадени фолк песни „Ех, да ми свири садило“ на тогаш мегапопуларниоте „Биоритам“, добив покана од Копров да бидам дел од жири комисијата на фестивалот. Прифатив, нормално со задоволство. Тргнавме за Охрид со возилото на Вики Среброва, некаде околу пладне, а стигнавме во раните вечерни часови. Причината беше едноставна. На пат кон Охрид застанавме на десет до петнаесет минути на гости кај Ибуш Ибраимовски, во неговото Тетово. И, нормално, минутите се продолжија во часови. И, што се случува.
Дојдовме во Охрид, се сместивме во хотелот, и, додека јас се распакував, почувствував дека се околу мене се врти , како да сум на рингишпил. Се прашав, дали е тоа од преголема возбуда што ме возеше Вики, или пак е виновно „црното тиквешко“. Но, не се двоумев да ја откривам мистеријата, гледам, ѓаволот ја однел шегата, тропам на вратата од собата на Вики и кога таа се појави и велам, вози одиме во Брза помош. Нормално и таа се подисплаши. Отидовме, не примија прекрасно, дежурните од Брзата помош, и ме приклучија на инфузија поради високиот крвен притисок. Додека ја примав „дозата“, низ главата ми поминуваа многу мисли, меѓу кои онаа дека еве прв пат сум член на жири комисија, и, ако не се подобри ситуацијата ќе треба да се враќам за Скопје. Но, да не ве држам во неизвесност, се се заврши како што посакуваше и докторот и јас, и потоа можев наредните три дена да си ја извршувам доверената ми функција и да уживам, како во убавините на Охридското езеро, така и во убавите музички нумери на фестивалот.
И, ете, од тие времиња поминаа многу години и оваа, 2023 година, Фестивалот ќе наполни 30 години. Некој „злобник“ ќе каже остаре фестивалот, остаревте и вие новинарите. Но, не ќе да се во право, ниту тој, Фестивалот се дава, ниту пак ние, новинарите. И, оваа година, во добро расположение, се надевам, ќе бидеме присутни на овој убав јубилеј на „Охрид-фест“, со кој, тој ќе ја потврди својата популарност и своето значење, во создавањето на нови музички рефрени. Тој е еден од најстарите македонски музички фестивали а за мене е вистински македонски Сан Ремо.
Фестивалот, изминатите три децении допре до над 210 милиони гледачи, во педесетина земји во Европа и низ светот, а во фестивалските анали е запишано дека пејачи од 37 земји во Европа и светот на „Охрид Фест – Охридски трубадури„ имаат изведено околу две илјади музички нумери.
Нека и овој септември, на својот 30-ти роденден, „Охрид-фест“ ги пречека, како што само тој знае и умее сите гости, композитори, изведувачи, музички работници и новинари кои ќе присуствуваат на уште едно прекрасно издание на еден од најстарите македонски музички фестивали, кој за мене е вистински македонски пандан на Фестивалот Сан Ремо.
Коментарите се затворени