Една од убавините на летањето, авионско, се разбира, е храната што се служи. Секогаш ми е изненадување, енигма што има во белите кутии со преградички. Затоа и не ми е блиско размислувањето на луѓето кои велат дека храната во авионите е без вкус и мирис. Во силна авиоконкуренција, кога се гледа и оценува се` и сешто, се` поголем акцент им се дава на квалитетот и квантитетот на оброците. Ништо не е случајно! Патем она што се јаде во авион, блиску до птиците, кога те служат насмеани стјуардеси, си има своја магија, па затоа на оваа задача се зафатија светски готвачи со реноме, име и презиме. Гордон Ремзи имаше такво искуство, а да не правам муабет кој с` сонува потписот да му се најде во авионското мени. Сепак, и тука нема да се оттргнеме од аксиомата – колку пари, толку музика, т.е. храна. Цената на билетот, односно класата во седењето, значи и ексклузивитет и кај храната и кај пијалакот.
Но, вкусот на јадењата, верувале или не, има врска со височината. Колку си повисоко, толку работите од Земјата ти се подалечни. Еве како – на 10.000 метри јадењата не се исти како кога имате цврста подлога под нозе и затоа се зачинува двојно повеќе. Азиската храна, на пример, со многу соја сос и мирудии, во далечните облаци ја губи лутината. Научниците го објаснуваат тоа вака – за време на летањето, во крвта имаме таканаречена хипоксија, помалку кислород во клетките, со што се намалува продуктивноста на рецепторите. А миризбата, тоа волшебно чувство што н` активира во гастрохедоничарење? И миризбите мора да поминат низ рецепторите, низ носната слузница, а во случај на низок притисок – каков што е додека летаме, тие многу потешко се разградуваат. Точно е – за 30 отсто се намалува и соленост и благост.
И дека и другите размислуваат на тема „храна во авион“ кажува искуството на сајтот Skyscanner, кој ги одбра најдобрите. Да леташ, а убаво и вкусно да јадеш, преведено на нивен јазик, конкретно значи да се воведе ред, хиерархија и почитување. На највисоката скала се искачени – турската авиокомпанија „Pegasus“, скандинавската SAS и холандската KLM. Опфатени се три категории – нискотарифни авиокомпании и оние што одат на куси (до 3 часа) и на долги (повеќе од 6 часа) летови. Доколку „прогуглате“, ќе бидете затечени што и колку се пишува за авионска храна, а поинтересните работи ги има на www.airlinemeals.net каде што патниците даваат оценки за храна, предлози, искуства. Да летнеш од убавина!