Човековиот род во текот на својата историја на големо користел лаги и измами – шпагети што растат на дрво, храм на здравјето од каде што ќе излезете бесмртни, папата Јован, кој можел и да се репродуцира… Некои луѓе веруваат дека човечката наивност се намалува со текот на еволуцијата, но не е така. Ние, луѓето, и понатаму сме наивни и веруваме во работи кои апсолутно немаат никаква врска со логиката и реалноста.
Женскиот папа
Приказната за женскиот папа Јован Осми не е сосема потврдена, но многу е веројатна. Имено, во втората половина од својот мандат, овој папа бил на некое патување. Кога му се слошило, папата излегол надвор – и се породил! Тоа било во 885 година. Тогаш станало јасно дека не станува збор за Јован, туку за Јована. Според една приказна – папата веднаш е убиен, а, според друга – пратен(а) е во манастир да се покае за своите гревови до смртта, додека момчето што го родил(а) станал дури и бискуп! Оттогаш, при изборот на секој нов папа, се врши многу експлицитна проверка на полот на избраникот – оттогаш наречена тестирање.
Крај на светот
Наспроти секоја „заокружена“ Нова година, слушаме приказни за претстојниот крај на светот. Во текот на средниот век се забележани повеќе од стотина сериозно прифатени подготовки за крај на светот. Драматичен пример е Чешка, кога протестантските свештеници го објавиле повторното доаѓање на Христос за 20 февруари 1420 година. Предвидени се поплави, глад и други ужаси. Луѓето се селеле на ридовите и собирале храна. „Кобниот“ датум дошол и поминал и ништо не се случило. Свештенството подоцна објавило дека Христос навистина дошол на земјата, но решил да не се експонира уште извесно време…
Бенџамин Франклин
Овој истакнат Американец имал повеќе професии – печатар и издавач, сенатор, научник, филозоф и – измамник! Како и многу учени луѓе од тоа време (Даниел Дефо, Џонатан Свифт…), користел мали измами за да ги научи луѓето да мислат и ги предизвикувал да веруваат во непотврдени глупости. На јавноста и ги пласирал приказните за човекот што живее 250 години, за Индијанците што работат за Британците, а против колонистите, предвидувал сосема предвидливи работи во своите весници и луѓето му се восхитувале и го нарекувале видовит.
Фелдмаршалот од Кепеник
На 16 октомври 1906 година, тукушто отпуштениот ѕидар Вилхелм Војт купил капетанска воена униформа во продавница за половна облека. На неа зашил уште неколку украси и лажни еполети и ордени, излегол на улица и застанал пред чета војници што марширале. Тие продолжиле да парадираат со него до гарнизонот каде што одржал смотра и говор. Потоа Војт го одвел одредот до канцеларијата на градоначалникот и наредил да се уапси и градскиот татко и сите функционери, обвинувајќи ги за проневера.
Тогаш од градската каса украл 4.000 марки. Вечерта била организирана и свечена вечера за „фелдмаршалот“ Војт, но тој веќе ја „дувнал“ со парите. Сепак, набргу бил уапсен и осуден на пет години затвор, но кајзерот лично го помилувал, зашто многу му се допаднал. Дури добил и дозвола да ја изведува својата претстава во воените гарнизони.
Берба на шпагети
На 1 април 1957 година на Би-Би-Си била емитувана репортажа за „традиционалната пролетна швајцарска берба на шпагети“. Биле прикажани задоволни швајцарски фармери како жнеат богат принос од своите плантажи. Објаснето е дека тоа е најдобра родна година во последните сто, зашто немало златица која уништува дури 70 отсто од приносите. „Секако – кажал репортерот – оваа жетва не е ништо наспроти италијанската што треба да започне идниот месец“. По емисијата се јавиле неколку стотици гледачи, заинтересирани да ги посетат швајцарските плантажи со тестенини за да започнат да ги одгледуваат во своите градини. Репортерот морал да се појави во следното издание на вестите и да објасни дека станува збор за првоаприлска шега.
Кутриот Џими
„Вашингтон пост“ во 1980 година објавил долг и трогателен текст за осумгодишниот зависник од хероин Џими. Автор на текстот е новинарката Џенет Кук, која набргу потоа беше номинирана за Пулицерова награда. И ја освои! Сепак, Џими и се` во врска со него е чиста измислица! Сето тоа станало сомнително кога јавноста побарала од Кук да открие каде живее Џими, за да му се помогне колку што е можно побрзо. „Вашингтон пост“ ја штител својата новинарка се` додека не откриле дека Џенет го измислила и своето резиме со кое добила работа кај нив. Посрамена, ја вратила Пулицеровата награда и добила отказ. Пред неколку години таа ја продаде својата животна приказна во Холивуд за 2 милиона долари. Измамата е исплатлива, дури и откако ќе биде откриена!
Храмот на здравјето
Во 1779 година мултидисциплинарниот хохштаплер Џемс Греам во Лондон отвори „Храм на здравјето“, каде што плаќате влезница од две фунти и ве лекуваат од се` и сешто. Еве како работеше куќата на здравјето – ве дочекува убав мирис што ви ги лекува дишните патишта и дробовите. Потоа следува терапија со електрицитет кој, според Греам, е лек за се`. На крај, ако сакате челично здравје, па дури и бесмртност, ве чека ноќ во ѕвездениот кревет каде што ве мачкаат со кал од егзотични острови. Зависно од желбите на посетителите, за потенција, долготраен сексуален однос со многу оргазми, неколку часа треба да преспиете во кревет наполнет со коњска грива.
Туризам
Откако Европа, со влезот во темниот среден век, го загуби контактот со остатокот на светот, почнаа да кружат разни приказни за егзотични земји каде што живеат егзотични суштества. Првите туристички агенции на потенцијалните муштерии им нудеа неверојатни ангажмани што вклучуваа посета на еднорози, ламји што исфрлаат оган и сл.
фото- indepence