Писмо до Дедо Мраз. Биљана Дебарлиева: Сакам маче во Новата година
Милиони деца ширум светот во периодот пред новогодишните празници му пишуваат писма на Дедо Мраз, со желби да им ги донесе најубавите подароци. Желбите се најразлични и на нивната креативност им нема крај! Дедо Мраз е за децата кои веруваат во него, ама зошто да не е и за возрасните, кои имаат потреба од малку магија во најубавиот месец од годината. Дедо Мраз е надежта за подобро утре, можност да ги преиспитаме нашите желби и очекувања. Дедо Мраз шири инспирација и чуда кај сите кои му пишуваат писма, со надеж дека по изгрејсонцето ќе го добијат омилениот подарок. Подари им Дедо Мраз на децата малку повеќе време да бидат деца, продолжи го моментот на оваа магија за сите, во ова чудно време на живеење. А, јас, пак, како и во сите изминати, така и во оваа Нова 2020-та посакувам здравје, љубов, почит, разбирање, среќа, насмевки и позитивни луѓе насекаде околу мене, зашто само тоа ме прави среќна и задоволна!
P.S. Дедо Мраз, за Нова Година сакам да ми донесеш едно мало, мило, најубаво маче, ама вистинско!
Коментарите се затворени