Писмо до Дедо Мраз. Марија Георгиевска :Деновите исполни ми ги со добрите луѓе
Драг Дедо Мраз,
Ах, како да ти кажам, а да не воздивнам од среќа. Среќа, зошто успеав да исполнам 365 дена со задоволни лица, многу насмевки, топли прегратки, но и нови дестинации, видици,перспективи . Како и нови луѓе, многу успешни бизнис приказни, па и признанија. Зарем тоа не е доволно за да биде некој среќен.
Но, што сега, е сега доаѓа новото одбројување и поход кон исполнување на нови 365 дена со уште поголема среќа, со мотивацијата од оваа, која ги отчукува последните мигови.
Јас можеби задоцнив, но сепак, те молам исполни ми ги деновите со моите најсакани и нивната љубов, со добрите луѓе, кои секојдневно ме радуваат со убав збор и порака, дека она што го правам е благородно и допира до нив, охрабрува, го потиснува стравот од новото, ги руши сите препреки, кои стојат на патот „да се биде или не во бизнисот“. Зошто, тие храбрите, се нашите херои, а заедно со нив и сите ние, кои сме тука на ова тло, од кое секојдневно се бориме да го извлечеме најдоброто, најквалитетното, најуспешното. Не е лесно, но по тоа сме големи, да се бориме да ја покажеме силата на нашиот работник, земјоделец, жена менаџер, млад претприемач, семеен бизнис, успешен професионалец, лидер, стопанственик,кој создал свој производ или услуга и го негува, гради, развива како свое највредно. Таа сила сакам да ми остане, да ги поткрепувам со убавиот збор и со по некое прашање, од кое ќе ја отворат душата и ќе ги раскажат своите приказни за сите останати, за да ги запознаат нивните производи, услуги, успеси, па потоа да ги купуваат, користат и ценат.
Можеби барам многу, но исполни го и светот со мир, благосостојба и љубов за сите.
Среќна и успешна 2020 година!
Коментарите се затворени