Пица- мајстор Зоран Јовановски Паламаро: Тесто за пица што ќе ја правите цел живот
Најпознатиот пица- мајстор, Зоран Јовановски Паламаро, оснивач на Pizza Academy и дел од Асоцијацијата Гастромак, за читателите на 7дена.мк го дава оригиналниот рецепт за пица. За да имате совршена пица, тестото што ќе го направите денес, ќе треба да отстои во фрижидер барем 12 часа.
Универзално тесто за пица – состојки: 1 кг брашно тип 400 ( може и интегрално) , 600мл вода -собна температура, 25-30 гр сол, 3 грама квасец и 30мл маслиново масло.
Подготовка: На пресеаното брашно му додаваме 3 грама квасец , 80% вода и 20 мл маслиново масло. Се замесува тестото и откако ќе се соединат брашното и водата му се додава 25-30 грама сол и остатокот од водата.
Понатаму тестото се меси додека не стане мазно и компактно и се додаваат 10 мл маслиново масло. Откако добро ќе го замесите, го оставате половина час да одмори и правите топчиња од 180-250 грама.
За да тестото биде совршено, ги оставате топчињата да стасуваат уште еден час.
Сега е готово, но внимавајте: направените топчиња ги ставате во фрижидер каде треба да отстојат од 12 до 24 часа.
Следниот ден ги вадите топчињата од фрижидер и ги оставате на собна температура најмалки половина час, пред да го растегнете и да ја правите пицата.
Во меѓувреме ја загревате печката на што е можно повисока температура.
Откако ќе го обликувате тестото нанесувате доматен сос, потоа моцарела или кашкавал а понатаму ставате продукти кои ги сакате: (пршута, маслинки, рукола, печурки, пиперки, суџук, ананас…), изборот е голем а вкусовите се индивидуални и разновидни.
Пицата во домашна печка се пече неколку минути, додека тестото не добие златна боја. Добар апетит!
Со истиот начин на подготовка можете да направите многу вкусен леб.
Коментарите се затворени