Познатиот српски кантавтор Срѓан Марјановиќ на „Охрид фест“: Го сакам фестивалот а сум вљубен во Охрид
Срѓан Марјановиќ, кантавтор и писател е автор на 17 студиски албуми а ние со подолга меморија ги сакавме легендарните песни „Иди“, „Бебо не плачи“, „Ми смо један другом говорили ви“, „Имаш код мене велики плус“, „Кад једном пукнем ја“… Учествува на 28-мото издание на „Охрид фест“, во Интернационалната вечер што се случува на 11 септември.
И покрај константната присутност преку музиката, но и преку пишаниот збор, најголемата слава Срѓан ја доживеа во 80-тите години на минатиот век. Сепак, си остана верен на себеси, хранејќи го духот секојдневно со големи количества радост.
После „Пешчани сат“, композиција нурната во емоции, што пред две години ја изведовте со Маја Оџаклиевска на „Охрид фест“, и годинава ќе имаме задоволство да ве видиме на фестивалот. Со што настапувате на „Охрид фест“?
– Ги сакам фестивалите. „Охрид фест“ има посебен шарм поради езерото и самиот град. Годинава ја имам песната „Нисам ти баш све рекао“, која патем го најавува и мојот истоимен, трет роман, што неодамна во издание на „Нова поетика“ се промовираше во Белград.
Што првите откако ќе пристигнете кај нас, во Македонија. Имате ли пријатели, ги пробавте ли нашите специјалитети?
-Да, имам многу пријатели во Македонија. Го служев воениот рок во онаа прекрасна Југославија, во Битола. Сопругата по потекло беше од Охрид… Многу работи ме врзуваат за вашата земја, и се радувам секогаш кога ќе го го повторам дружењето. Се разбира дека ја сакам македонската кујна, вкусив скоро се…
Кога ќе се споменат јубилеите, колку и да се големи и важни, делуваат застрашувачки, како сведување на сметките.А вие и покрај импресивната биографија, исти такви- големи јубилеи и уште поголеми хитови, во себе имате иста енергија и страст по животот и создавањето.
– Стар си онолку колку што е онемоќен, изветвен твојот дух, телото е само кутија каде живее твојата душа. Животот не е последица на судбината, туку е онаков како што ќе го искреираш.
Се обидувам да не ме напушти енергијата. Знам дека немам уште многу време, и затоа се обидувам секој ден да ми е радосен. Музиката, сеуште многу ме исполнува, веројатно така ќе биде до крајот на животот.
Вашите стихови, понекој збор-издаица, ви го откриваат сензибилитетот. Всушност, зборовите се најмоќното оружје, веројатно затоа и почнавте да пишувате книги. Тие се дел од биографијата или вашата автобиографија го чека своето време?
– Во зрелите години, покрај песните почнав да пишувам и книги…Тоа се, ова го велам на шега- моите големи песни, наменети на душите кои се емотивни, како што е мојата.
Првата книга „Жици“ беше автобиографска. Втората „Ок, ќе се пресоблечам“ е трилер од белградскиот асфалт. Третата, најновата е емотивната приказна посветена на музичарите. Љубовта се разбира, е суштина на овој роман…
Раздвојување и раздалечување на луѓето што го донесе новото време и актуелната технологија, користење на мобилниот телефон како најдобар другар…, сето тоа инспирира носталгично да констатирам- добро старо време. Што мислите за тоа?
– Јас сум еден од големата армија на фанови на тоа – старо време. За мене се беше подобро „тогаш“. Човек имаше повеќе време за себе! За жал, технологијата ја убива емоцијата. Покрај евидентниот напредок во комуникација, го уништи и дискографскиот бизнис. Се е на интернет!
Никој веќе нема потреба да купува носачи на звук. Се смени и интересот на луѓето кон музиката. Таа е сега сосема споредна и неважна работа, и ја губи трката со видеоклиповите, игрички и блогерските содржини кои го преплавуваат интернетот. Велат, компјутерот може да отсвири се.
Јас сеуште сум за „жив човек“, од крв и месо, иако знам дека битката со технологијата е изгубена одамна…
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени