„За нас, концертите од светски калибар се празници. Концертот на Стинг е нашиот досега најамбициозен проект, ако не ги броиме настапите на Карлос Сантана и на Џејмс Браун, само на јужната трибина од Градскиот стадион- изјави Бобан Милошески од „Авалон“ на денешната средба со новинари.
Може да се каже дека концертот на Стинг ја крена Македонија на нозе, билетите за 2 јуни, „одат како алва“, а „еnglishman in New York“ во Скопје ќе го има единствениот стадионски концерт од турнејата низ регионот. И уште нешто ексклузивно – неговиот нов албум„My songs“ излегува задутре.
„Инаку, концертот го работи комплетната продукција од „Егзит“, тие ќе дојдат во Скопје два дена пред настанот а со нив ги работевме и концертите на „Ајрон мејден“ и на Ејми Вајнхаус, на Калемегдан, во Белград, продолжи Милошески.
На концертот се очекува 20-30 илјади публика, билетите се во строго ограничен број, а Влатко Стефановски е специјален гостин на Стинг.
На прес коференцијата Влатко откри дека има нова ритам секција, која ја сочинуваат – Јан Стефановски- тапани и Иван Кукиќ, бас-гитара, и дека репертоарот за претстојниот концерт го одбира многу внимателно.
„Работев со соработниците на Стинг, но се надевам дека во Скопје ќе се запознаеме лично, ќе му ги изразам моите комплименти и тоа дека често ме инспирирал во творештвото….Во музичката индустрија има многу ѕвезди, а малку музичари- продолжи Влатко, – а Стинг спаѓа во таа категорија. Меѓудругото, не поврзува и пишувањето на песните, по кои сме препознавани од публиката. Интересно е дека жените со својот емотивен сенс ги препознаваат песните, зборовите. Токму затоа, ако немате многу жени во публика, можат да ве купуваат 100-тина гитарски фанови.
И покрај севкупниот багаж што го има Стефановски, како сите големи уметници и тој ја зачува едноставноста, па на крај изјави- Се надевам дека резултатот на концертот ќе биде нерешен, како на фудбалскиот натпревар во Скопје, помеѓу Македонија и Англија. (В.Т.)
Коментарите се затворени