Кога ќе се спомне Владо Калембер, и покрај неговата константна медиумска присутност, мојата прва асоцијација останата од „добро старо време“ е дека светот, со присуството на „Сребрени крила“ е безгрижно место за живеење.
И денес, иако воздржан, Владо остава впечаток на голем професионалец и добар човек. Веројатно затоа убаво старее, а годините му се совпаѓаат со онаа изјава за виното… Во ова интервју тој зборува за животот, бендот како база. Се сеќавате, „Сребрени крила“ се создадени 1978 и беа мега популарни на просторот на бивша Југославија. Врвот на славата се случи 1983 година и тоа надвор од некогашната земја: во Москва, во сала која собира 25 000 луѓе, кога се случија едноподруго, десет концерти.
„О Ана“, „Лили“, „Ја нисам коцкар“, „Волио сам Тању“, „Закуни се љубави“.., останаа а нивната дискографија денес бележи посериозни композиции како што се „Јели ти жао због нас“, „Срешќемо се опет“, „То је мој живот“…
По периодот на глобалната пандемија, на 11 септември повторно ќе бидете на сцена на „Охрид фест“, во натпреварувачкиот дел, пред македонската публиката, луѓето што сакаат да ве слушаат. Ве радува ли враќањето на старата нормалност?
– Деновите ми поминуваат многу брзо, па и не сум свесен дека веќе помина толку време. Но, се плашам дека ќе треба уште простор, уште многу време за враќање на старата нормална состојба. Ви благодарам на информацијата дека во Македонија има луѓе кои радо би ме слушале.
Патем, јас не сум фестивалски човек, но дозволив „да ме наговори“ мојот долгогодишен пријател Григор Копров, и така падна одлука да дојдам на „Охрид фест“. Се гледаме наскоро!
Често настапувате со вашата бивша сопруга, виолончелистка Ана Руцнер. Како успеавте после разводот најцивилизирано, најкултурно, да продолжите да комуницирате и настапувате заедно?
– Што се однесува до Ана, мене ми е чудно, зошто е чудно дека некој после развод останува во добри односи?! Ние двајцата имаме заедничко дете и тоа е веќе доволно да бидеме во добри односи. Отсекогаш сум делел мислење дека најмногу што можам да направам за своето дете е да ја почитувам и сакам неговата мајка.
И, жал ми е што нашиот однос е осамен пример а не правило.
„Сребрени крила“ се, може да се рече- култна појава во бившата земја. Млади, убави со весели песни, го освоивте просторот на екс Југославија со милионски тиражи, концерти, турнеи. Од оваа временска дистанца, што беше најзаслужно за вашиот успех и слава?
– Јас сум многу горд на периодот на „Сребрени крила“, бидејќи тој, по паузата од 1987-2012 трае и денес.
Живеевме во време кога најважната работа беше да свириш во бенд. Сонувавме да снимаме во добри студија а снимавме во најдобрите. Сонувавме да свириме во големи сали, свиревме во најголеми, па и на стадиони… Кога ќе ги отсонувате соништата, тогаш станувате реални, и сега сме среќни што сме живи, здрави и уште свириме. И да, и сега свириме во големи простори.
Среќен сум што сме пријатели исто како на почетокот. И тогаш бевме пријатели, но сега сме – стари добри пријатели.
И покрај константна концертна присутност, кам- бек со неколкуте песни, особено со фантастична „То сам ја“, вистинската химна на животот брои милионски прегледи на каналот јутјуб, и искрено кажано поемотивни реакции и коментари одамна на сум прочитала.
– Никогаш не го сакав тој израз „кам бек“, затао што ние никаде не отидовме за да се вратиме. После паузата до 2012 година, повторно се собравме, и одтогаш сме постојано присатни. Некои песни се слушаат повеќе, а некои помалку, и тоа е така секогаш.
Владо, како успеавте да останете убави во душа, и онака, однадвор?
-За ова можам само да ви кажам: многу ви благодарам.
Вања Тодоровска