Празнични Велигденски декорации
Велигденските празнични асоцијации се врзуваат за јајца, зајачиња, будење на пролетта, лалиња во најразлични бои… Овој празник го собира семејството и пријателите, кои во домот треба да внесат добро расположение и радост, а кога домот е така декориран, се внесува посебна симболика.
Порцелански, пластични или стаклени јајца се задолжителен дел од украсувањето, а нив можете да ги закачите на некое вештачко дрво или, пак, да ги декорирате на трпезариската маса на која ќе го сервирате празничното јадење. Вештачките јајца, кога се во повеќе бои и дезени стануваат вистинско уметничко дело, сеедно дали ќе ги ставите на чинија или во голем стаклен сад.
Јајцата најчесто се поврзуваат со традицијата, но нивните мотиви можат да бидат и апстрактни или, едноставно, да се во некоја боја. Со ваквото украсување, покрај личното задоволство, особено среќни ќе бидат децата.
Декоративните дрвца се примамливи за око, сеедно дали се со помали или со поголеми гранчиња – тие претставуваат вистинско празнично освежување на просторот. Најдобро е да ги сместите во стаклена ваза или во некој сад што ќе биде поставен на видливо место и кој со својот природен изглед ќе придонесе за елеганција на просторот.
Со малку инвентивност, празничната трпеза може да ја украсите поинаку во споредба со другите празници и таа да изгледа гламурозно. Букетот цвеќе ќе изгледа одлично за претпладневниот дел од денот, додека во вечерните часови мирисот и пламенот на декоративни свеќи ќе го комплетираат празничното осветлување на домот.
Велигден е пролетен празник, па оттаму и декорирањето на ентериерот треба да биде во духот на ова годишно време.
Ведрите бои на пролетното цвеќе, како и различните нијанси на зелената боја во целост ќе го исполнат празничниот простор. Ваквите бои може да преовладуваат и кај предметите, сликите, украсните перничиња, трпезариските чаршафи или постелнината во спалната соба.
Foto – Pixabay
Коментарите се затворени