Прекумерно потење
Прекумерно потење е присутно кај алкохоличари, дијабетичари, дебели луѓе и кај лицата со нарушени жлезди со внатрешно лачење, а може да се јави при консумирање презачинета храна што предизвикува ширење на крвните садови на кожата.
Потните жлезди се составен дел од природната телесна терморегулација и помагаат во одржувањето на телесната температура на околу 37 Целзиусови степени. Штом ќе се зголеми надворешната температура, кожата се поти. Благодарение на потните жлезди, кожата се лади и опаѓа внатрешната температура на телото. Доколку потењето е умерено и нормално, не чувствуваме никакви пречки, но кај некои луѓе се јавува проблем на зголеменото лачење пот или хиперхидроза.
Чувствителни делови на кожата
Пазувите: Проблемот со прекумерното потење е најизразен во овој дел од телото. Потта остава непријатна трага на облеката и токму затоа најмногу луѓе се обраќаат на лекар.
Дланките: Непријатните влажни дланки доведуваат до затворен круг, а тоа е страв во моментот кога треба да се ракуваме со некој, а тоа го поттикнува потењето. Тоа кај некои луѓе создава вистинска опсесија. Лицата со хиперхидроза на дланките тешко можат да држат пенкало в рака, бидејќи им се лизга низ рацете, но и оставаат траги од пот на хартијата и слично.
Стапала: Освен непријатниот мирис, потењето на стапалата предизвикува и иритација на кожата (контактни дерматитис и екцем)
Превентивни мерки
Туширање со редовната употреба на дезодоранс е наједноставната превенција за прекумерното потење, а постојат уште неколку превентивни мерки што треба да се следат.
Важно е да се ограничи внесувањето продукти во организмот што доведуваат до потење, а имаат непријатен мирис, како што е лукот. Треба да се избегнува и носење облека од синтетички влакна, а предност да и се даде на памучната облека.
Поради лошата вентилација во пластичните спортски патики, стапалата прекумерно се потат што претставува идеален услов за развој на микроорганизми. Затоа е неопходно да се носат кожени обувки, а пожелно е и да не носите ист пар чевли два дена едноподруго. Секојдневно треба да ја дезинфицирате внатрешноста на обувките со посебен прашок или спреј.
Купката од борна сол и масирање со алаун се стари рецепти што можат да ви помогнат. Меѓутоа, треба да сте свесни дека овие средства ја впиваат потта, но не го решаваат проблемот со прекумерното потење.
Кој дезодоранс да се одбере
Дезодорансите го неутрализираат мирисот на потта и во одредена мера ги стегаат порите, односно излезните канали на потните жлезди. Едноставните дезодоранси содржат мирис што го неутрализираат и го прикриваат мирисот, што значи дека имаат и антисептичко дејство, бидејќи содржат триклозан, кој го спречува распаѓањето на бактериите од потта. Производите се како стикови, спрејови или емулзии.
Неутрализаторите на мирисите што содржат прав од цинк или јаглен, ја впиваат потта. Имаат благ мирис, но и се произведуваат и оние без мирис. Се наоѓаат во вид на стик, спреј или емулзии.
Антиперспирантите содржат голема количина алуминиумова сол или некои други метали, што ја апсорбираат потта и го неутрализираат мирисот. Се произведуваат во вид на пудра, кремови, лосиони, стик или спреј.
Foto- Pexels
Коментарите се затворени