Милко, скопскиот инди- поп- бенд ќе има концертна промоција на новиот албум „Ноќ ко витез војува“, на 12 април, (петок), од 21.00 часот во Младински културен центар, кино сала Фросина.
„Ноќ ко витез војува“ е петти студиски албум на Милко и е уште еден производ од долгогодишното комбинирање емоции, музика и урбана филозофија.
На албумот се сместени седум комплетно авторски теми, кои ја збогатуваат македонската музичка сцена и во чие создавање беа вклучени сите членови на бендот. Од истоимениот албум претходеше симпатичниот сингл „Ноќ ко витез војува“ кој сè уште е активен и слушан на радио станиците и независните топ листи.
На концертната промоција ќе ѝ претходи проекција на филмот „Овој град не препознава херои“, 26- минутна приказна посветена на бендот и нивната музика во продукција на Деосол.
Овој пат покрај Сашо Митревски, Стефан Терпини и Филип Поповски, во составот на Милко дебитира и младиот и талентиран Александар – Џо Господов на клавијатури. Како гостин се појавува и одличниот Сашко Костов со пратечки вокали на неколку песни.
Момците кои упорно и неуморно пливаат низ авторските бранови, за петок вечер најавуваат двочасовен настан низ кој ќе проткајуваат и песни од целата нивна долгогодишна активност како што се „Оди без зборови“, „Како си стари“, „Средба“, „Поглед“, „Ти“ и многу други.
Целиот материјал е снимен, продуциран и мастериран во студио Алшар од Ивица Јанкуловски и Милко во период декември 2018 – февруари 2019 година.
Автор
Сите Објави
Коментарите се затворени