Роденденската честитка на Тања Џамбазова до брат и Игор: Сега небото ти е сино, среќен ти!
Денес е денот на Игор Џамбазов- го слави роденденот во својата најубава, годината која му ги врати чувствата со кои одамна се збогувал. Му ги пререди менталните фајлови, ја тргна прашината од срцето и цврсто, планинарски го искачи на сопствениот врв на постоењето. И, бидејќи е миленик на нацијата, сите се радуваме на неговата среќа.
Сестра му Тања, иако илјадници километри далеку (Сан Франциско, Калифорнија), со мислите е тука. Кој има брат знае колку е посебна поврзаноста, колку силни се невидливите синџири на љубовта, посветеноста и грижата, емоции што сестрите внимателно си ги чуваат под пазувите.
Во продолжение е писмото на една таква сестра, до својот најсакан брат.
„Уште од мал, во приватни моменти, беше кроток и скромен – спротивно на славата, талентот и предизвиците на професијата. Кога беше среќен – забавуваше. Кога беше тажен- се криеше. Кога имаше ти, имаа сите. Кога немаше, те снемуваше. Растевме. Пораснавме.
Животот твој наликуваше на кањонска река која одзема здив, на места игрива, мелодиска, но почесто забрзана, бучна, опасна: губев здив кога ќе те изгубев од вид, во некоја кривина, зад која реката брзо исчезнуваше. Болка во стомак, кога ќе те повлечеше некој ненадеен, голем бран, бришејќи ти ги трагите во белата пена размачкана на карпите на брегот…
Пратев, од дистанца, но микорскопски блиску, како сенка зад тебе, до тебе, но одвоена: горда на непресушливото творење и успеси, ама почесто загрижена, но, без прекор.
„Само да е жив и здрав- си шепкав сама на себе си. Секое париче најдено на улица се претвораше во религиска молба, во тупаница стегната до „белина“: „само да е добар“.
Добар е добро. Здрав, уште подобро. Ама сакав да си среќен.
Во последните месец- два, се будам … невообичаено радосна. Работам, и туку ќе ми слета на рамо ненајавена среќна мисла.
Планинарам и разговорот со природата ми го прекинува голема, ненајавена насмевка.
И секој пат кога се обидувам да го најдам изворот на оваа нова, неочекувана радост, што ми го развлекува лицето во голема, скоро гротескна насмевка, е мислата дека сега си добар, здрав и СРЕКЕН!
Среќен како што ТИ повеќе не очекуваше да бидеш. Среќен како што секогаш ти посакував. Најде убавина, топлина, љубов, разум, светла ѕвезда. (М)ИЛИНА.
Мирот што ти го посакував, си го најдов јас. Брат, не те сакам зошто си ми брат.
Те сакам поради сите нешта што ги правиш, мислиш, зад кои стоиш, за твоите сили и твоите слабости, за се она што те прави, тоа што си ТИ – Вистински Човек (еј, можеби е тоа наслов за новата книга?).
А најмногу, зошто кога сум со тебе, се смеам, цело време. Зошто само ти успеваш да го направиш небото сино и, кога е црно.
Уживај во непредвидливото, надевај се на неочекуваното, посвети се на незаменливото.
Среќен ти!“
Вања Тодоровска- 7дена.мк
Коментарите се затворени