3.8 C
Skopje
четврток, март 6, 2025
spot_img

Ручек во Моја бавча: Вкусете ја радоста на куќата, зеленчукот наберете го од дворот и засладете се од слатката на Александра

Знаете ли што значи Моја бавча и што се е спакувано во овие два збора? На почетокот, пред да стане псевдоним, беше зимница: домашен ајвар, лутеница, доматно пире па, разни макала и зелени веге паштети, џемчиња од капинки и малинки, слатко од тиква и рибизла, од црвени сочни пиперки „капија“, па тони и тони трпение, комбинирани со воља и истрајност, за да слатките теглички „прошетааат“ низ цела Македонија па и пошироко…Зад сето ова, со целосна подршка од семејството, стои Александра Лозановска, која во првите редови на разноразни настани, слоу фуд пазари и слични „дешаванки“ е во друштвото на ќерката Јована.


Опасен тандем е мајка – ќерка, искуството сплотено со новата технологија, па личната карта од Моја бавча можете да ја најдете по актуелните социјални мрежи. Наличено е, скоцкано- профи фотографии, современи, како да зборуваат, во чекор со времето каде најчестите манекени се шарените тегли од кои и јас вкусив, па сум инспирирана за комплименти. Одлични се и свои, со автентична приказна во вистинска смисла на зборот.


Ако сакате да ги запознаете и да си направите ќеф на душата, да ги избегнете предвидливите рутини на својот град, да вкусите и дознаете нешто интересно, ви предлагам излет до Демир Хисар, односно до Моја бавча.
Веќе спомнав, зад овој, слободно може да се нарече туристичко- домаќински проект е Александра, жена од акција а со диплома на машински инженер. Вели, нема ниту еден ден работен стаж, ама ја има Моја бавча каде ја исполнува амбицијата да угости и нагости, да раскаже, и „разоружа“ со енергија и искреност. Патем, кога сте веќе во Демир Хисар, грев е а да не го посетите славното Смилево, родното место на Даме Груев, ама и Слоештица, каде има меморијална поставка во чест на Петре М. Андреевски и секако селото Бабино, со импресивно голема библиотека.
– Тоа е се возможно, бидејќи мојата тура трае неколку часа па има време да се посети убавата околина – раскажува оваа интересна жена. -Инаку, нашата голема бавча е во селото Вардино, каде има се: и пиперки и домати, лубеници, карфиол, кељ, прокељ, моркови, црни патлиџани, ама и бујни портокалови џунџулиња помеѓу, да е убаво за око, а стариот адет е да се фали цвеќето- за да не се урочи зеленчукот. Тука туристите се засладуваат од глетката, ама и од зеленчукот што го вкусуваат: се е природно, здраво, органско. Ако не одиме таму, во семејниот двор е малата бавча, каде може да се проба нешто тазе и непрскано.

Кога ја посетив Моја бавча, Александра ме пречека со најубав сок од вишни, со кој ми се врати силата, а потоа вкусив слатко од тиква. Вели, и тиквите се домашни, особено е горда на тикварник, благо што кај нив се прави со генерации. Домаќинката ми отвара од волшебното тегличе, спакувано како украс и ме нуди да пробам нешто најново, мармелад со круши, лаванда и нане. Чиста егзотика!

Зад оваа естетика е ќерката Јована, додека синот знае да изненади со купен кариран чаршав од Финска, ама е од акција кога е во прашање транспорт, а домаќинката си го спомнува и сопругот од кого има најголема помош во бавчата.

И, ете сум во Моја бавча, огромен простор каде на отворено се наоѓа убава нова кујна, Александра ги привршува питулиците а во исто време пржи тиквички од бавча. На неколку чекори до целта, јас берам домат, пиперки и краставица за салата. Ме обземаат миризби на природното, на детството а таа вели: „Се што готвам за гостите, го правам и за нас, нема никаква разлика и луѓето го препознаваат вкусот на органскиот зеленчук. А гостите се секогаш полни со впечатоци, сеедно дали се од Полска, Албанија, или од Битола, Скопје…Ќе се најават, закажуваат ручек, често со ѓомлезе, или со даска Моја бавча, составена од тиквички, питулици, и разни други гурманлуци и како особен ексклузивитет, популарно месено тесто: – трган- сукан.
И додека се обидувам да го запомнам стариот рецепт, кој освен влечено тесто во финалето има потурување со јогурт и јајца, Александра ми ја принесува салатата Моја бавча, во летно, лелеаво издание.

А салатата- покрај домашни компири, краставици и кромид, содржи и разни мирудии, тајни на домаќинката, печени семки и уште нешто што не го откривам. Почитувам тајни а таа вели дека салатата ја има и во есенско, зимско и пролетно руво. Е, тоа раѓа Моја бавча.
Слушам многу интересни работи, соговорничката ми е супер и не треба да каже колку е среќна, ја препознавам радоста со која реди и сервира, зошто знам како е обликувана чистата љубов.
– Пречекувам гости со концепт и ова го правам неколку години, но вистинската форма се доби со зачленувањето во Слоу фуд Битола, тоа е базата од која никна Моја бавча. Освен што одиме на разни настани, се запознаваме со луѓе од Слоу фуд фамилијата, кои со она што го произведуваат креираат свои автентични приказни.
„Можеби не е се исто како на Инстаграм- велам јас- зеленчукот бара вадење, плевење, копање, собирање плодови, а тутун, како вистинско изненадување за гостите е табиетлија што бара внимателно нижење и сушење“, – а освен : засукување ракави и „о-рук“, не слушнав некоја животна поплака. Напротив.

Даската е на маса, правам неколку слики, бидејќи е убава, лична. Пробувам од се- питулиците се совршени, сирењето бара репете, ајварот е за незаборав.

Наздравуваме со мојата домаќинка и таа ме повикува да дојдам наесен, тогаш е најраздвижено, се прави зимница, шарено е, ама и се работи.
Ја погледнав сликата околу мене, ги затворив очите, и си ја сокрив во меморијата.
Наместо збогување со Александра си ветивме нова средба, а јас полна со впечатоци веќе го испланирав доаѓањето.
Логично: кога еднаш ќе ја посетите Моја бавча, ќе посакате таа да ви стане навика.


Вања Тодоровска

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена