Иако е основана пред само три години, асоцијацијата „ГастроМак“ во својот багаж има импресивна колекција на награди и признанија од светски гастрономски фестивали, а наскоро ја очекува и третиот меѓународен спектакл- „ГастроМак 2018“ што и годинава ќе се случува во Струмица, од 8 до 12 октормври во Хотел Вила Парк.
Оваа готвачка смотра е синоним за високорангиран интернационален натпревар на најреномираните готвачи од светот, на која ќе присуствуваат над четиристотини учесници – натпреварувачи, судии, почесни гости и гастрономски амбасадори од многу земји.
– Практично, повторно ќе го донесеме светскиот гастрономски „крем-де-ла-крем” кај нас, ни рече првиот човек на „ГастроМак“, Адријана Алачки. „Натпреварот, под мотото „Залче од светските вкусови” е логистички и организациски поддржан од WACS а ние и годинава ќе направиме настан за долго паметење. Ќе ги угостиме великаните во светската гастрономијата, познати шефови во глобални рамки, натпреварувачи од неколку континенти, ќе готвиме, ќе наградуваме…
Адријана Алачки, претседателка на ГастроМак: Македонија е на светска гастрономска мапа
Инаку, „ГастроМак“, како единствена и ексклузивна национална асоцијација што формално ја претставува Република Македонија во интернационални рамки, е членка на огромното семејство на WACS – World Association of Chefs Societies, Светската организација на шефови на кујни од над 150 држави во светот. Целта на асоцијацијата е да се промовира едукативниот процес во еснафот, при што се пратат достигнувањата во светското кулинарство а притоа, на светот му се доближува македонската традиционална кујна, со сите нејзини специфики и регионални обележја, како и презентирање на фузијата на изворната и модерната национална кујна.
– Идејата водилка да ја направиме оваа Асоцијација беше да ги собереме на едно место домашните готвачи професионалци, но и студенти и ученици – потенцијални готвачи, да направиме институционална база на шефови на кујни која што ќе се грижи за вредностите на еснафот, која ќе ја поттикнува нивната едукација и компетитивност и која што ќе се грижи да не падне во заборав богатата гастрономска традиционална култура на нашето македонско поднебје, ни рече претседателка на „ГастроМак“, Алачки.
Со многу желба, упорност и знаење уште од самото основање е сватена потребата на домашните кулинарски експерти од вреднување на сопствените готвачки вештини и на интернационален план. И тука е кажано се : во кусото постоење, тимовите на шефови на кујни посетија многу гастрономски натпревари во регионот, во Европа, но и ширум светот и, речиси, без исклучок, од секаде се враќаат со вредни признанија и награди.
Сите овие искуства и знаења се пренесуваат на средношколци и студенти, на младите и нови генерации на македонски готвачи, идните гастрономски шефови. Едукацијата низ работа и пренесувањата на светските гастрономски трендови кај нас е една од нивните основни задачи.
Токму затоа, постоењето и работата на „ГастроМак“, ни дава за право да бидеме горди што Македонија е веќе на
гастрономската мапа на светот.