Секој ден е наш ден!
Денес ќе добијат цвеќе и оние што не го добиваат преку цела година. Ќе има честитки, кафенисување, опивање, денес жените и порано ќе излезат од работа. Денес е 8.ми март!
И без феминистичката определба, знаеме се за супериорноста на нашиот пол, и да, добро е да си жена. Од една страна, нежна, на работ на плачење во „оние“ денови во месецот, чувствителна, ранлива, од друга страна – силна, одговорна и исполнителна, тоа е личната карта на секоја жена.
Жената е и ќерка, и сопруга, па – мајка, сестра, пријателка…, таа жонглира со илјада обврски дневно, таа е столб, координира обврски, плус во постојана трка со годините, изгледот… Ментално надитрување со машко-женските принципи е страст на нас жените, со изразена индивидуалност, а една од нив, Ерика Јонг, вели: „Ќе видите многу умни мажи со глупави жени, ама никогаш умна жена со глупав маж“.
Да си жена значи слободно да побараш пријателката да ти прави друштво до тоалет и секако, без срам попатно да и раскажеш за последните солзи, жената единствена го знае излезот од готвачкиот лавиринт, може да се орасположи купувајќи кармин и чоколадо… И знае мажот покрај нив да се почувствува како принц, правејќи го супермен, како да има волшебно стапче во ракавот…
Ете затоа сме супер и треба да го славиме животот, не само овој туку сите денови во годината. Поздрав драги дами!
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени